За кого бијат Илинденските камбани?
21 мај 2018Не постои рационално објаснување зошто предлог-решението со досега најголем потенцијал за компромисно окончување на спорот за името, беше оставено да се топи како сладолед на жешките плочници во Атина. Особено што за тој предлог претходно рака си подале шефовите на дипломатиите Коѕијас и Димитров на средбата во Сунио. Истиот предлог го помина тестот и кај премиерите Заев и Ципрас на средбата во Софија. Нивните разговори до раните утрински часови, нивните длабоки подочници од непроспиената ноќ, широките насмевки пред фоторепортерите, како и честитките што ги собраа од европските лидери по веста дека успешно се движат кон решение, навестуваа сосема поинаква траекторија за предлогот, од онаа која еден ден потоа беше исцртана во Атина.
Со сите можни забелешки кои може да ги дотураат дежурните противници на каков било договор меѓу двете земји, предлогот „Република Илинденска Македонија“ е решение кое ги надмина и описите на Ангела Меркел за значењето на еден компромис: „нешто од кое двете страни ќе бидат подеднакво незадоволни“.
Повеќе:
-Заев: Илинденска Македонија ќe ни ги отвори вратите на ЕУ и НАТО!
-Зоран и Алексис се договориле за името, се чека на Македонија и Грција
Овојпат на масата е предлог што во себе носи потенцијал двете страни да бидат подеднакво задоволни. Ги носи пред вин-вин решение. И пред таква неповторлива можност, каква што не се случила во изминатите две децении, шансата на чуден начин се прокоцкува во Грција. Неприфатливи се образложенијата на дел од грчките партии, меѓу кои и опозициската Нова Демократија, дека „секое повикување на Илинден во името на соседната земја, не само што нема да стави крај на македонскиот иредентизам, туку го потврдува и го зајакнува“.
Ако претходно дел од партиите тврдеа дека и самиот збор Македонија во сложеното името на северниот сосед рефлектира иредентизам, произлегува дека секој предлог ќе биде подложен на истите ирационални критики. Но, ако е сосема јасно дека грчката опозиција врз ова прашање се обидува да лови политички поени во интерес на нејзиниот рејтинг и изборни математики, нејасно е зошто премиерот Ципрас можноста да се дојде до решение преку последниот предлог ја испушти на многу лефтерен начин. Се чини дека не беше сторено се да се презентираат предностите на овој предлог, ни според времето потрошено за него (телефонски разговори), ни според начинот на кој беа премолчани забелешките на партиите.
Се остави простор во грчката јавност да доминираат разни „илинденски толкувања“ за македонски територијални претензии кон делови од Грција. Зошто грчката влада остана без одговор на ваквите тези? Па токму Грција во ЕУ седи рамо до рамо со Бугарија. Според истиот „аршин“ би требало да е загрижена од ист „иредентизам“ што го рефлектира Илинден и во бугарската историја.
Таков страв во Грција не видовме.
Но, видовме нешто друго. Видовме како разјарена националистичка толпа го нападна 75-годишниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, со корени од илинденско Крушево. Ципрас вели „тоа не се ниту огорчени граѓани, ниту маса народ. Тие се едноставно екстремни десничари“.
Да, ама тие екстремни десничари не паднале од вселената. Растат во општества кои не успеваат да се справат со екстремниот национализам, а со молкот и нерешавање на проблемите само оставаат плодно тло нивниот број да расте. На митинзите во Солун и Атина за „одбрана на грчкото име Македонија“ видовме исти такви националисти.
Можам да разберам зошто грчкото општество бара ексклузивитет врз античката историја. Но, ако грчкото општество не е подготвено да прифати ни 74 години современа државотворна историја на Македонија со предзнак Илинденска, тогаш, како би граделе заедничка иднина во ЕУ? На што да се реферира Македонија, ако и се оспорува и легитимирање преку нејзината современа историја?
Патем, ако Илинден рефлектира иредентизам, зарем толку европски амбасадори секоја година ќе присустваат на чествувањето на тој празник во Македонија?
Како што би рекол Коѕијас, „од вселената се гледа“ како стојат работите. Факт е дека македонската влада прави сѐ за да се најде решение на проблемот. Факт е дека и натаму наоѓа енергија да биде посветена на тоа, и покрај ниските удари на кои е изложена од домашни структури кои својот просперитет го гледаат единствено во интеграцискиот застој на Македонија, според правилото „колку полошо за земјата, толку подобро за нив“.
Во четврток, Никола Димитров ќе оди на нова рунда разговори во Њујорк со Коѕијас и со медијаторот Нимиц. Последниот предог мора да добие шанса. Тасот на конструктивноста и искреноста во процесот сега е натежнат на македонска страна. Балансот на вагата, ќе зависи и од вклученоста на меѓународните фактори. Ако навистина сакаат стабилност во регионот, ако го ценат македонскиот придонес во процесот за името, ќе мора посериозно да поразговараат со своите грчки пријатели. А прилики има многу. Коѕијас е во Вашингтон, ќе следи негова посета на Брисел и Берлин. Сигналите што ќе стигнат од таму за разговорите за името, нема да ја расчистат само грчката магла. Ќе покажат и колку ЕУ навистина е заинтересирана за европската иднина на земјите од Западен Балкан. Односно, дали решавањето на билатралните прашања е импулс за земјите навистина побрзо да пристапат во ЕУ, или јаловото талкање по решенија ќе биде само добро алиби за оние кои сакаат ЕУ прво да се продлабочи, а потоа да се прошири со нови членки. Од она што е евидентно, сегашниот однос не води ни кон едното, ни кон другото.