За нашиот државен пубертет
15 јуни 2018Колку само животи се уништија и колку жртви се дадоа во изминатите три децении во име на името! Колку права беа злоупотребени. Колку луѓе ја напуштија земјава. Над Македонија сѐ уште виси сеништето на иселувањето. Националистите во последната деценија ни ги мачкаа и премачкуваа очите со патриотски бои, за да не го гледаме криминалот што ја донесе земјава на работ на пропаста. Тие се потрудија да профитираат дури од оспоменичувањето на нашата духовна смрт. Никој од “избраните” не се занимаваше со она што можеше да донесе напредок за Македонија. Со незрели политичари, земјата оставена сама на себе, и со неосвестен народ, лесно податлив на секаков вид манипулации, немаше капацитет да порасне, да се осознае, да се справи со детските болести и да стане пристојно место за живот. Корупцијата низ институциите го згази правното, чесното и професионално функционирање во општеството. Се изнагледавме ненормални богатења и тешки осиромашувања, неказнети тешки криминали и малтретирања на невини луѓе по судови. И за жал, за многумина, прифаќањето на ваквата нормалност, беше единствениот начин за преживување низ нашиот државен пубертет.
А што сѐ можело да се случи со нас, доколку „проблемот” со името се решел веднаш по осамостојувањето - мудруваат сега нашите генерали, најумни по завршените битки. Што сѐ сме пропуштиле и изгубиле сите овие години, иако сега од тоа немаме никаков ќар. Можеби ќе бевме една од бившите југословенски републики што без војна и со договор ќе влезеа меѓу првите во ЕУ. Сигурно не ќе мораа огромен број патриоти да земаат бугарски пасоши за да се спасуваат од овде. Можеби и здравството и образованието ќе беа многу посолидни, зашто ќе се воспоставеа некакви стандарди, а и конкурентноста во знаењето и квалитетот ќе беше посилна. Децата ќе ни студираа надвор поедноставно и поевтино и со полесно срце ќе се враќаа дома за да го употребат и споделат наученото надвор. И обичните граѓани ќе можеа да патуваат слободно и без пречки и на други плажи освен на грчките, ќе можеа да гледаат и запознаваат други луѓе, култури и светови. Ќе немавме воени конфликти и ќе имавме многу помалку корупција. Ќе немаше апашко збогатувања од децениско неплаќање даноци и изигрување закони. Приватизацијата можеби ќе беше побезболна. И најважно од се' – пократко ќе страдавме и немаше залудно да си го трошиме времето и животите.
Други колумни од авторката:
-Реалнa бабa како лек за виртуелна лага
-За влегувањето на пролетта во еден болнички ходник
Процесот на созревање на една држава може да се спореди со процес на развој и растење на еден човек. „Пубертетскиот” период очигледно ни нанесе тешки последици кои уште долго ќе ги влечеме како лузни. Tешко се справувавме со незрелоста и неизживеаноста на нашите „адолесцентни” - политичари, бизнисмени, функционери, необразовани и невоспитани ловци во матно. Млади, а полни итроштини и снаодливост, многумина од нив и ден денес го окупираат секој слободен општествен простор и ја мелат преостанатата надеж, креативност и зрелост, продавајќи евтини рецепти за успешен живот во голема Македонија! Се вели дека мајката му дала мед на детето, односно го пораснала, кога престанала да го „дои”, до осумнаесеттата година. Но ние „таткојната” крвнички ја крчмиме, еве и во зрела возраст. Последните години беа врв во умешноста, за тоа како и она последно и едвај создадено со труд, да влезе во џебот на вагабонтите. Чудна е “креативноста” на итроманецот од овие простори. За него уништувањето на сите околу него, а само за негова корист - значи победа. Колку такви мангупи се изнагледавме во овие три децении! Такви коишто со сласт го јадеа оброкот на идните поколенија, а нам ни го оставија "името”, како коска фрлена на глутница кучиња, да ја глодаат, давејќи се меѓу себе.
Ниту оние што се нарекуваат „интелектуалци” немаа време да се спротивстават на ова дивеење, зафатени со градењето на своите „големи” кариери и ега. Закатанчени до мангупаријата, тие лично профитираа, и создадоа лош пример за младите за тоа како лесно, тивко и комотно можат да се одживеат години во кои предизвикот и ризикот бараат самопрегор, ентузијазам и чесна работа. А оние што сепак ризикуваа, обидувајќи се да направат нешто корисно и чесно - завршија на маргините. Затоа, годините на пубертетската државна транзиција кај нас беа и едно големо велепредавство од интелектуалците.
Не знаеме дали „новото” име ќе го промени одеднаш овој простор и начинот на живеењето и функционирањето на човекот овде. Дали, ете конечно, ќе матурираме – како држава и општество. Но ако го минеме „пубертетот”, тоа не значи дека лесно ќе се ослободиме од „траумите од детство”. А тие некогаш се пресудни и ја одредуваат пораснатата личност. Сега ќе мораме да се „лекуваме” со финансиски инекции од туѓи фондови, за да ни го олеснат натамошното созревање. Можеби тие ќе ги отворат конечно нашите патиштата кон светот? Да не се лажеме и занесуваме дека младите сега ќе имаат причина да останат во Македонија. По рушењето на нашиов “имагинирен” затвор, допрва не' чека нов бран на иселување. И оние поколебливите и уплашените сега ќе се охрабрат да излезат и да видат дека светот не се простира од Табановце до Солун. А ние, иако тешко трауматизирани од нашиот штотуку завршен пубертет како држава, можеби конечно ќе се освестиме за тоа кои сме, и кои се нашите потенцијали и вредности. Можеби сега ќе ги разбереме навистина нашите културни наследства, природни богатства, јазик и традиција, и ќе покажеме здруженост во нивното зачувување и негување. Мислам дека Европа секогаш и само тоа го очекувала од нас. Но ништо нема да се случи лесно и преку ноќ. Тоа што всушност ЕУ го „бара” од нас е она што ние требало многу повеќе да го бараме од нас самите во овие скоро триесет изминати години. Би била среќна ако овој миг и чин ќе биде цената што мораме да ја платиме, за конечно да пораснеме како држава.