1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„За одличен успех и примерно поведение“

1 јуни 2020

Во денешното македонско општество славата најчесто не им припаѓа на тие „со одличен успех и примерно поведение“. Македонија станува се‘ повеќе земја на полуписмени и на културни аналфабети. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3d6Ft
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Јуни во моето скопско детство за мене беше месецот на учениците. Иако  уште на првиот јунски ден, како овој денешниов, за мене веќе мирисаше на лето. На долгото волшебно скопско лето пред земјотресот! Кое за  учениците значеше само слобода и игра. Иако моравме да ги прочитаме сите лектири. Ми се чинеше дека летните распусти тогаш беа долги како океан. И дека имаше премногу  време и за читање и за игра. Дури и за денови полни се прочуената летна детска здодевност. Кога времето стои, празно и задодевно. Тоа чувство за благословената здодевност на летото го познаваат само децата.

Првиот ден во јуни за чувството на учениците веќе го најавуваше крајот на школската година. Тогаш Скопје во јуни се капеше во миризмите на расцутените трендафили и олеандри во градините и на липите во парковите и уличните дрвореди. Во детството Скопје го доживував како град преполн со зеленило. Не паметам скопскиот јуни во моето детство да бил особено студен. Во паметењето секој јунски ден  ми остана облеан во синилото на небото и блесокот на сонцето. Имаше утра јунски кога се будев рано, многу порано од времето  за во училиште. Само затоа што низ прозорецот наутро го здогледував волшебното синило на небото. Истрчував во дворот и долго  се џагорев угоре, испитувајќи го восхитено  со погледот сиот небески свод. За да се уверам дека никаде, ниту во најдалечниот агол, не се има скриено некое мало облаче. Се‘ беше само блескаво синило и сонце! И само јатата ластовички летаа веќе во височините. А за миг и јас се чувствував како една од нив. Толку го сакав блесокот на скопското јунско синило на небескиот свод! 

Дури подоцна, како возрасна, го најдов толкувањето на мојот детски восхит за синилото на јужното небо без облаци. На едно место во „Естетичката теорија“, гермнаскиот филозоф  Теодор В. Адорно пишува дека само јужните земји познаваат такво сино небо без облаци, кое како да   вели: „Смрт, каде е твоето бодило?” Адорно го наведува прочуеното место од „Посланицата на апостол Павле до Коринтјаните". Со тие зборови апостолот  ја изразува надежта и верата во бесмртноста.  А Адорно веруваше дека  блесокот на синото небо без облаци  на Југот може да се доживее и како шифра за бесмртноста и вечноста. Јас тогаш бев само дете кое се восхитуваше на убавината на светот и уште не знаеше ништо од  мудроста на апостолите и филозофите. Меѓутоа, веќе се восхитував на тајната на школото и на учењето! Во моето паметење речиси утопискиот восхит за нежната, уште негибната убавина на природата во јуни  остана засекогаш  поврзан со социјалистичкиот ритуал на  крајот на школската година.

Други колумни од авторката:

-Карантински медитации

-„Тајното писмо“ во книгите

-Македонската историска траума и македонскиот синдром

Таа миризма на скопскиот јуни од моето детство оваа пролет ми долета во умот уште пред  неговиот почеток. Ја повикав од архивата на паметењето уште во март,  на почетокот на епидемијата. Тогаш се одлучив во карантинот да ја суредам библиотеката. Бришењето на полиците со книги, при што  секоја книга се  зема в рака, може да  се преобрази во вистински ритуал. Така е кај мене. Од дете го засакав тој ритуал на редовна грижа за книгите. Одамна не му се имав посветено со истиот спокој и љубопитност за секоја книга, како овојпат, во карантинот. Имав време да прелистувам во оние книги  кои одамна не  ги бев зела в рака. Јас сум од луѓето кои, и по десетици години, точно знаат каде ја купиле речиси секоја книга. Најдалечно ми се чинеше времето на  неколкуте книги од крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите, во кои посветата  на првата страница беше напишана со перодршка и со совршен ракопис. Со ракописот на југословенските социјалистички учителки и учители! Лисјата во тие книги, најстарите во мојата лична библиотека, беа веќе пожолтени, а хартијата рапава и трошна. Мастилото, пак, не ја имаше променето силината на морното синило. Во еден миг ја видов во умот перодршката во раката на учителката. И шишенцето со мастилото „Пеликан“, положено во длабнатината за него, во катедрата на учителката!  Перодршка, мастило – магичните нешта за ученичка како мене, со бурна фантазија.

При таа слика од спомените, нешто во мене веднаш затрепери  со истиот трепет и радост. Со мојот тогашен детски скопски јунски трепет! Тие сега пожолтени книги беа од оние  кои во јуни, на крајот на школската година,  ни‘ беа свечено врачувани за „одличен успех и примерно поведение“. Колку одамна беше тоа време, си помислив! А јас уште паметам како мирисаше штиракот, со кој мајка ми го штиркаше мојот бел фустан што го носев за свечениот ритуал. Чувствувам и сега колку ми трепереше раката, а срцето од страв ми биеше во челото, кога требаше да појдам кон катедрата на учителката. За таа  свечено да ми го врачи свидетелството. И посебното одликување „за одличен успех и примерно поведение“. Книгата со совршено напишана посвета! Социјалситичката педагогија навистина во мене будеше и  голем страв и радосен трепет. 

Затоа не знам дали тој  свечен ритуал на доделување книги за пофалба на одличниот успех на некои ученици, со иста радост го доживуваа сите ученици. И тие кои не беа најдобрите и  „најпримерните“  во одделението. Веројатно тие се здодеваа. Училниците на денот на  доделувањето на свидетелствата беа преполни. Со ученици, мајки и роднини. Со колички со заспани бебиња. Со купишта  букети за учителките, положени врз клупите. Поворките од дотерани мајки, кои цврсто ја држеа раката на своите исто толку  дотерани деца, на тој ден во јуни  се гледаше низ сите улици. Цвеќињата за букетите се собираа во градините  уште рано изутрината. Тие што немаа градини, на учителката им подаруваа бонбониера. Сето тоа, опојниот мирис на трендафилите и олеандрите, измешан со потта на децата и на возрасните, плачот на бебињата и на помалите деца, како   и гласните  педагошки говори на строгите социјалистички учителки, ( како мојата, од која, патем,  многу се плашев!) беше дел од ритуалот на крајот на годината. Ние, учениците, го доживувавме со мешани чувства. Едни се радуваа, други плачеа. И сето тоа се случуваше секоја година како во некој голем педагошки театар.

Социјалистичкиот образовен ситем беше просветителски проект. Не се работеше само за тоа да се описмени народот. Целта на раната социјалистичка педагогија беше кај учениците да се  разбуди култот кон знаењето и учењето. И, секако, да се востановат навиките на трудољубивост и совесно извршување на задачите, како што постојано повторуваа нашите учителки. На таа цел и‘ служеа и посебните одликувања за најдобрите ученици. Тие требаше кај другите ученици, кои во таа година не успеаја да постигнат најдобар успех, да разбудат желба  да го сторат тоа идната година. Социјалистичката педагогија се темелеше врз уверувањето дека  воспитувањето на добри навики  е можно најдобро кога се угледуваме на конкретен пример. Како одличниот соученик или соученичка! Колку реалноста ја потврди како успешна таа педагогија, не ми е познато. Не паметам  колку долго се беше одржал тој ритуал на одликување на најдобрите ученици во одделението со книги.

Знам само дека денес во Македонија одамна исчезна се‘ што  беше поврзано со тоа време и со неговите идеали. Во денешното македонско општество славата најчесто не им припаѓа на тие „со одличен успех и примерно поведение“. Напротив, вештите во партиската политика и лукавите во брзото збогатување, им сугерираат на сите дека денес не се исплати ниту знаењето, ниту учењето. Македонија станува се‘ повеќе земја на полуписмени и на културни аналфабети. Осредноста и неукоста владее небаре насекаде, затоа што умее да се снајде во општествениот и политички хаос. Денешните нови богаташи бездруго би му се потсмевале на педагошкиот патос на нашите социјалистички учителки.  Затоа што се уверени дека тие со пари можат да купат се‘. И дипломи и свидетелства и  вработување! Само што тие никогаш нема да ја разберат тајната  на записот врз пожолтените страници во книгите во нашите личните библиотеки. Шифрата  скриена во реченицата „за одличен успех и примерно поведение”. Таа сведочи за  времето, во кое  учењето и успехот во образованието, на учениците им се сугерираше  од првата школска година и со одликувања и особени ритуали. Тоа беше времето во кое најголемиот број од нас веруваа дека извонредното образование, науката и умот ги отвораат сите врати. Но, за да се верува во тоа, некој навистина треба да ви го покаже примерот на човек, кој тоа веќе го постигнал. Во тој кус миг, секоја наградена ученичка и ученик  чувствуваа дека тие постигнале нешто што е достојно за почит од сите. Без тој ерос за учењето, без позитивниот натпревар меѓу најдобрите, без признание за најдобрите, нема напредок во образованието и науката. 
 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.