1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

За СЈО решаваат тие што СЈО не ги „реши“

5 февруари 2019

Дали има политички договор за елиминирање на новите обвиненија од СЈО, ќе покаже односот кон барањето за автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО од страна на Собранието

https://p.dw.com/p/3CiqH
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Врелиот костен по прашањето дали СЈО може да води нови истраги се префрла во Обвинителството и Собранието. Кривичниот суд ќе бара од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да се произнесе за тоа кое обвинителство треба да ги води предметите на СЈО кои беа оспорени со правното мислење на Врховниот суд, но и да се обезбеди автентично толкување од Собранието на членот 22 од законот за СЈО.

Со овие заклучоци вчера завршил колегиумот на судиите во Кривичниот суд, откако највисокиот суд (ин)директно им ги „врза“ рацете во постапувањето по десетина обвиненија од СЈО. Според правното мислење што минатата недела го даде Врховниот суд, по истекот на законскиот рок од 18 месеци СЈО повеќе не е овластен тужител и не може да поднесува обвиненија. Иако правното мислење на Врховниот суд е обврзувачо само за советите на овој суд, а не и за Кривичниот, сепак, ако судските пресуди на крајот дојдат на одлука и пред Врховниот суд, неминовно ќе подлежат на веќе даденото правно мислење. Во практика тоа би значело попусто изгубени години и средства за судски процеси, над кои на крајот виси Дамокловиот меч на Врховниот суд.

Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Фотографија: MIA

Собранието на потег

Иако во јавноста се шпекулира дека ваквиот „отстрел“ на СЈО им одговара на повеќе партии чии функционери за засегнати од истраги и обвиненија на СЈО, извори од истите партии тврдат дека нема политички договор за елиминирање на новите истраги и обвиненија од Специјалното обвинителство. Дали навистина е така, ќе покаже токму односот кон очекуваното барање за автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО од страна на Собранието, односно одговор на прашањето дали и зошто Врховниот суд се впуштил во толкување на нешто што е не е негова надлежност. Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, веќе реагираше дека Врховниот суд не е надлежен да одлучува за ова прашање, туку за случаи кога станува збор за невоедначена практика на судовите. 

Повеќе:

-„Бомбите“ на буниште, СЈО пред еутанaзија

-Македонските „бурбони“ и реставрацијата

Со ист став вчера се огласи и претседателот на Собранието, Талат Џафери, во интервју за ТВ „21“. 

„Врховниот суд се впушти во интерпретација на Законот за СЈО без за тоа да има надлежност. Надлежност за таква интерпретација има само Собранието или Уставниот суд. Триесет години сум во политиката. Првпат се случува Врховен суд да се впушти во интерпретација на закон без претходна консултација со Собранието или Уставниот суд“, изјави Џафери.

Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Дела, а не само ветувања

Правните експерти се сомничави во политичките изјави.

„Не се потребни изјави, туку дела. Досега не видовме некоја поголема посветеност околу иднината на СЈО. Се нешто друго беше поприоритетно. Се најде двотретинско мнозинство и за уставните измени, и за помирувања и амнестии, но не и за СЈО. Тоа создава чувство на недоверба во декларираните изјави за расчитување на најголемиот скандал со незаконското прислушување и за делата што беа обелоденети преку аудио-снимките “, вели поранешен судија.

Покрај забелешки за политичките елити, тој има забелешки и за СЈО и за Судскиот совет. 

„'Бомбите' беа објавени во почетокот на 2015 година. Меѓудругото, јавноста од нив слушна и за поведението на одредени судии. Оттогаш до денес, што беше направено по тоа прашање? Ништо. Дури три години подоцна, СЈО во посебен извештај (септември 2018 година -н.з) наведе имиња на четири судии, објаснувајќи дека некои од нив биле предмет на наместен избор на судии, некои дозволувале политичко влијание врз одлуки, некои запознавале трети лица со внатрешните состојби и односи во судот, или несоодветно и недостојно ја вршеле функцијата. Каква корист од тој извештај? Има ли разврска? Не. А токму еден од споменатите е претседателот на Врховниот суд, кој денес 'му суди' на СЈО“, вели соговорникот.

Jovo Vangelovski
Јово ВангеловскиФотографија: DW/K.Blazevska

Како што беше наведено во тој Извештај, СЈО дошло дошло и до нови сознанија за поранешниот, но и актуелен претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски. Необјавените негови разговори покажувале дека непрофесионално и несовесно ја извршувал функцијата, давал информации на свои соговорници од постапки кои се воделе пред судот, а интервенирал и сугерирал кај судиите. СЈО тие случаи ги посочи како лош пример за работењето на судството и побара Собранието со измена на законите да спречи и во иднина да се продолжи со оваа практика.

Судскиот совет ги преспа овие случаи. Ново ветување дека тие ќе се расчистат дојде во средината на декември лани, кога беа избрани пет нови членови на Судскиот совет, поради истекот на мандатот на претходните. Прашана токму за специјалниот извештај на СЈО за четворицата судии кои ја злоупотребиле функцијата, новата членка на Судскиот совет, Гордана Спиревска, тогаш изјави: „Јас се надевам дека тоа нема да остане така, нема да остане нешто да тапка во место. Сè ќе се расчисти“.

До денес резултати нема.