За Трамп, НАТО веќе не е „застарен“
13 април 2017Доналд Трамп со јасни зборови се изјасни во прилог на НАТО, најавувајќи намера за соработка со други земји заради негово зајакнување. Тој ги повлече своите поранешни изјави:„Порано реков дека НАТО е застарен, но не е веќе застарен“, изјави Трамп на прес конференцијата со генералниот секретар на Алијансата во Белата куќа. Јенс Столтенберг зборуваше за многу позитивни и продуктивни разговори со американскиот претседател, истакнувајќи ја заедничката цел во фокусот-одбраната од тероризмот и посебно улогата на НАТО во неа. Тој се заблагодари за ангажманот на САД во европската безбедност, што ќе биде централна тема и на следниот самит на Алијансата во мај во Брисел.
„Силен НАТО е во прилог на Европа, но и на САД“, истакна Столтенберг, согласувајќи се со ставовите на Трамп дека земјите-членки во иднина треба подобро да ги исполнуваат своите финансиски обврски кон Сојузот. Трамп тоа повторно го побара од сојузниците и на вчерашната прес конференција. „Ако другите земји го плаќаат својот пропорционален придонес, наместо да се потпираат на САД,сите ние ќе бидеме побезбедни, а нашето партнерство ќе биде поцврсто“.
Шефовите на држави или влади на 28-те членки на НАТО во 2014. година се договорија секоја земја-членка да издвојува најмалку два проценти од својот БДП во одбранбениот буџет. Според најновиот извештај, лани покрај САД тоа го исполниле само Грција, Естонија, Велика Британија и Полска. Германија издвојува околу 1,2 проценти за одбрана.