Заборавените Кирил и Методиј
12 февруари 2021Кирил и Методиј, двајцата словенски апостоли, сè уште се малку познати на западните простори. Тоа и покрај фактот дека во пресрет на 1981 година, првиот словенски папа Јован Павле Втори ги прогласи за „покровители на Европа“. Пред точно 40 години, на 14 февруари 1981 година, овој празник беше прославен за прв пат. Тоа беше период кога комунистичкиот режим ги потиснуваше христијаните во Централна и Источна Европа, и очајно им беа потребни нивните заштитници.
„Христијанска Европа мора да дише со обата бели дроба: римско-латински и словенско-византиски“, беа зборовите на Папата во тоа време.
Овој гест на Јован Павле Втори беше од големо духовно и историско значење, бидејќи тој всушност ја ревидираше раширената теза за трите столба на кои почива Европа: Антиката, христијанството и германите.
Незаслужен заборав
Незаслужениот заборав на словенските апостоли има долга традиција во Германија: мисијата на Кирил и Методиј во Велика Моравија отсекогаш била трн во око на франко-баварските владици. Тие долго време веруваа дека ова е мешање во нивната сфера на влијание.
Двајцата браќа се едни од најважните светци на Источната црква. Методиј, со световно име Михаил, и Кирил, со световно име Константин, потекнувале од Солун, кој во тоа време бил втор по големина град во Византиската империја. И двајцата сакаа монашка осаменост, но по барање на византискиот император Михаил III во 862 година тргнаа на важна мисија во Велика Моравија.Константин веднаш го препознал проблемот: Словените сè уште немале пишан јазик.
„Како да пишувам на вода?“, наводно го прашал царот. Пред да замине за Велика Моравија, Константин создаде азбука заснована врз грчки букви, прилагодена на словенските звуци. Со помош на оваа азбука, двајцата браќа ги преведоа најважните христијански книги, што го означи почетокот на словенското писмо. Од фонтот на Кирил, неговите студенти подоцна создадоа кирилично писмо, кое сè уште се користи во многу земји на Балканот и во Русија.
Кирил и Методиј ја вршеле мисијата на народниот јазик на словенското население. Метода која тогаш била исклучително напредната- со векови пред своето време. Словените претходно тврдоглаво се спротивставуваа на римско-германскиот менталитет, кој западните мисионери се обидуваа да им го наметнат.
Правото на јазик
Во своето обраќање до Папата во 867 година, Константин успешно го бранеше правото на Словените да ја практикуваат христијанската религија на нивниот јазик. Константин починал на 14 февруари 869 година во Рим. Непосредно пред смртта, тој облекува монашка облека и го зема името Кирил.
Неговиот постар брат Методиј е поставен за папски легат за словенските земји и е испратен назад во Велика Моравија. Востанувањето на словенска црковна провинција стана камен-темелник за прифаќање на христијанството од страна на Словените. Методиј починал на 6 април 885 година во Јужна Моравија, каде заминал во мисија со околу 200 ученици и проповедници.
По смртта на Методиј, се чинеше дека неговото дело се распаѓа. Политичкиот ветер го смени правецот. Но, моралниот авторитет на Методиј сепак успева да ја спаси словенската мисија иако неговите ученици беа оставени сами на себе. Делото на словенските апостоли остави длабоки корени најпрво во Бугарија. Таму Цар Борис им овозможи на учениците на Методиј ново поле на активност во денешен Охрид. Оттаму кирилското писмо го ширело христијанството далеку - низ Романија и сè до Киевска Русија, и оттаму до Москва и низ цела денешна Русија. Останувајќи верни и на латинската и на византиската, како и на западната и на источната традиција, Кирил и Методиј делувале „екуменски“ во време кога христијаните на истокот и западот се уште припаѓале на иста црква. Браќата ја направија христијанската порака разбирлива за словенското уво и го воведоа словенскиот јазик како литургиски, што делумно ги мотивираше Бохемите, Моравците и Словаците подоцна да се приклучат кон Рим. И покрај сето ова, Кирил и Методиј сè уште остануваат заборавени на Западот - иако тие се ко-покровители на Европа.