Заветот на писателот – Горан Стефановски
28 октомври 2019Англија секогаш ја поврзував со Горан Стефановски. Не само откако живееше таму. Уште кога бевме студенти во Скопје. Паметам со колку жар, ама и творечки немир, се враќаше во Скопје во септември, по летото поминато во Лондон. Таму Горан одеше да ги наполни батериите со музика, со книги и плочи. Со мирисот и вкусот на Европа! Сите го чиневме тоа. Некои мораа постојано да одат во Лондон, некои во Париз, некои во Венеција. Паметам, 1979-та сестра ми Донка го донесе од Венеција новиот парфем на Ted Lapidus. „Vu“! Миризмата на зборот Венеција за мене и денес е тој парфем! Миризмата на младоста во седумдесеттите. Триесет години потоа, во Венеција ја мирисав младоста наша, низ паметењето на тој парфем. Кога светот се доживува Прустовски, преку миризми, така се памети. Мирисот, вкусот на Европа, за нас беше нејзината култура, уметност, мода, начин на живот. Нејзиниот вкус за мене беа и џемперите од шетланд-волна. И мокасинките од црн лак, купени во парискиот кварт Сен Мишел. Вкусот на Европа за Горан беа „Битлси“. Тој за сите нас беше „Жил и Џим“ на Трифо и „Диви јагоди" на Бергман. Припадноста на таа Европа не е само политичка, најмалку административна. Таа е естетскиот вкус во животот и во творештвото.
Уметноста - татковина на сите творци
Сите големи творци ја имале жедта по Европа. За да се оствари нивната творечка дарба во дела, тие морале да заминат во Париз, во Берлин, во Лондон. Пикасо и Дали, Бекет и Џојс, Тристан Цара и Константин Бранкузи – сите ги привлекувала културата на Западна Европа. Руската авангарда од Москва говори за таа жед како своја. И Ана Ахматова и Марина Цветаева. И Кандински и Лисицки. Таа жед по Европа не‘ поврза мене и Горан уште како матуранти во долго пријателство. За ништо не зборувавме толку често, како за Европа и Македонија. Тоа што обајцата заминавме од Македонија, не значи дека таа не ни‘ значеше ништо. Напротив, премногу ни‘ значеше! Горан беше неверојатно поврзан со Македонија. Ама тој не ја сакаше Македонија во духот на патриотскиот патос. Тој ја сакаше низ нејзината литература, уметност, творечка традиција. Тој имаше и една друга татковина. Онаа на која припаѓаат сите творци. Таа е уметноста – земјата која не познава граници, нации, државјанства. Во земјата на уметноста тој беше исто толку роден во Англија, колку и во Македонија. Тој потекнуваше од театарот, како што самиот пишува во есејот „Искрата што бега“: „Кога луѓето ме прашуваат од каде потекнувам, им велам, од театарот. Тие мислат јас се шегувам, ама не е така. Каде што има театарски простор, таму сум сигурен. Сцената е храмот во кој се молам. Дома е таму, кај што е театарот.“
Други колумни од авторката:
Писателот, надвор од земјата на мајчиниот јазик
Вистинската величина на регионот Македонија
Македонската состојба на духот
Пред две недели допатував со фамилијата во Лондон. Кога стигнав на железничката станица Сент Панкрас, ме фати тага. Во Лондон бев, а таму го немаше Горан. Минувавме низ големата хала кога ги чув првите акорди на клавир. Знаев, „Битлси“ на Горан! Остарен хипик, со побелена коса, на клавирот во средината на халата ја свиреше „Imagine“ на Џон Ленон. Во неа ја чув веднаш и „Strawberry Fields Forever“! Со неа Горан во Кентербери се збогуваше од најљубените, од пријателите, од светот што го сакаше. Двете песни се од Џон Ленон. „Strawberry Fields Forever“, која како да доаѓа од сонот, има длабока врска со паметењето на детството. Леноновото и со детството на секој од нас. Таа е метафизичка, надреална како што е и другата песна со која Горан се збогувал од своите. Чудесната „Зајди, зајди јасно сонце“! Едната, онаа на Џон Ленон, го изговара сознанието за вечноста на детството. Другата, народната „Зајди, зајди...“, е најчистиот супстрат на тагата на староста по младоста. Тие ги симболизираат и двете сидра во животот на Горан – Англија и Македонија. Помеѓу тие две сознанија, за вечноста на детството и за тагата на староста по младоста, се наоѓа вистината за еден човечки живот. А човечкиот живот е приказна, која во немоста на смртта се затвора во себе, како во шифра. Недопирлива поинаку, освен преку знакот, преку загадочната констелација, која само оној ја чита како писмо, кој ја познава содржината на животот скриена во неа.
Три дена подоцна, на патот до домот на прекрасните пријатели на Горан во Лондон, Тања и Јосиф, пак се појави шифрата „Битлси“. Тие живеат многу близу до уличката Abbay Road, со прочуениот пешачки премин, на кој „Битлси" се сликани за истоимениот албум. Таму е и куќата во која се наоѓале музичките студија на ЕМИ. Се‘ беше тајно писмо на моето паметење на Горан. Кај Тања и Јосиф ја видов по долго време Патриша, Горановата прекрасна сопруга. Во ранецот, од Кентербери ја донесе штотуку објавената книга со пет драми на Горан, на англиски. Преводот го направила таа, а Горан имал уште време да го прочита. Во книгата „Goran Stefanovski, Five Plays", се збрани драмите „Црна дупка“, „Кула Вавилонска“, ,,Сараево“, „Одисеј“ и „Figurae Veneris Historiae“. Jа објави издавачката куќа „The Conrad Press", чие име е омаж на големиот британско-полски писател Joseph Conrad (Џозеф Конрад, 1857-1924). Тој последните години од животот ги поминал во едно мало селце близу Кентербери. Погребан е на гробиштата во Кентербери. Нема подобра, посимболична издавачка куќа за избраните драми на Горан на англиски, си помислив. Џозеф Конрад, Полјакот, кој е роден во место кое тогаш било во царска Русија, а денес во Украина, во својата биографија има толку сличности со писателите од Балканот како Горан, кои се раѓаат во една, а умираат во друга држава. Патриша ми го подари и својот роман, објавен 2019-тата, во истата издавачка куќа. Во „The Scribe of the Soul"( „Пишувачот на душата“) таа ја раскажува историјата на загадочната жена Херпилис од Стагира, за која се знае дека живеела на дворот во Александрово царство, била конкубина на Аристотел откако починала неговата сопруга и од него имала син, Никомах.
Заветот на Горан
Патриша ми подари и еден лист, со пет кратки реченици. Тие се заветот на Горан! Ги примив од неа со голема возбуда, како од раката на Горан. Напишани се во Кентербери на 19 јуни 2018. Си реков, токму во мигот кога Македонците отворија војна едни против други! А во неа, само неколку недели подоцна, „патриотите“ во својата борба да ја одбранат Македонија од Европа, ги ползуваа како оружје токму цитатите од Горановите драми. Калкулирајќи со авторитетот на неговото име. Сметајќи погрешно дека тоа што го велат неговите ликови е неговото лично, дури и политичко мислење. И го злоупотребија токму Горановото писмо во својата сопствена борба против Европа, која за нив очигледно е идентична со ЕУ. А Горан, далеку од нив, навреме го запишал својот завет. Кусо, во пет реченици. За да го разберат и тие што досега не разбрале:
„Јас не сум политичар.
Немам обврска да заземам страна и да имам готов став по секое прашање.
Јас сум драмски писател.
Мене ме интересира и гласот на ангелот и гласот на ѓаволот.
Сочувствувам и со најмрачните десничари и со најсветлите левичари.“
Писателот не може да се изедначи со ниту еден од неговите ликови. Тој не е во ликовите. Тој е огледалото, во кое ликовите се отсликуваат. А тој само ги запишува. Тој е Пишувачот. Делото мисли и диктира. Приказната го раководи, доколку умее да ја препознае како невидливо писмо, кое бара да биде запишано. Писателот не може да ги согледа ликовите во нивната сушност, за да ги предаде најоригинално, ако не ги гледа со сето внимание, со сето сочувство, со сета човечност, која ја овозможува само творечката дарба. Перспективата на писателот, од која тој ги согледува нештата, е повисока од онаа „пред носот”. Ама и поблиска до ликот, до предметот, до настанот дури и од онаа „пред носот“. Писателот, ако е вистински творец, го има прочуениот „физиогномски поглед”.
Тој ја пробива површината на објектите и ликовите, навлегува во нивната внатрешност, согледувајќи ги длабоките, невидливи промени. За да го стори тоа, писателот мора миметички небаре да се изедначи со ликот. Да биде стишан до немост, како кога стоиме во шумата и ја слушаме песната на славејот. И не дишеме, за да не не‘ забележи и да одлета! Тоа се случува во творечкиот чин со писателот. Тој станува сиот око, сиот уво, сиот чувство, сиот мембрана, низ која поминува сликата, звукот, ликовите, болката, радоста – сиот живот како приказна. Тој, во мигот кога пишува, влегува во умот и срцето на секој лик. Тоа, пак, не значи дека зборовите и мислите на ликот се мислите и зборовите на писателот. Мислите на Иван Карамазов не се тие на Достоевски. Ама, пак, Достоевски во чинот на создавањето на ликот кусо е и Иван Карамазов. Само затоа може да го предаде во сета негова живост.
Копнеж по Европа
Горан Стефановски постојано укажуваше на оваа клучна перспектива во перцепцијата на писателот и на неговото дело од читателите, но и од политичката јавност. Најтажно беше кога минатото лето токму писателите ги ползуваа цитатите од „Диво месо“, за да го илустрираат својот отпор кон Европа. Злоупотребувајќи го токму Горановото дело за својата „патриотска“ идеологија. Тие со тоа докажаа дека не ја познавале неговата љубов за Европа. Тој копнееше по Европа уште во младоста, затоа што во него гореше истата жед по нејзината култура, која ја познавал и Достоевски. Жед за Европа за сите нив беше сонот за дијалог со нејзината уметност. Творците, кои се жедни по Европа, не ја сакаат помалку татковина од оние, кои никогаш не посакале нешто друго. Горан, како и уметниците на руската авангарда, копнееше по Западот на Европа одовде, од Балканот. Затоа што му беше јасно дека и Балканот е суштински дел од Европа. Тој копнееше по своето, по тоа, на кое сметаше дека му припаѓа по законите на творештвото, на заедничката европска култура. Како што му беше јасно дека нам, на родените на Балканот, ни‘ припаѓа и Шекспир и Џојс и Гете и Кафка и Томас Ман. Ние, родените по војната во Југославија, сакавме да ја направиме сета европска култура наша лична култура, само за да стапиме со неа во творечки дијалог. За да го примениме тоа што го учевме на Западот од неговата голема литература во нашата, македонската литература. Горан тоа го оствари во своето творештво на блескав начин. Ние тоа треба допрва да го сториме. Секој од нас на свој начин.
Го гледам и сега пред мене. Се насмевнува, кога му говорам за вечниот расцеп на Македонците, сличен на оној во земјата Јаху, во која „луѓето со обли глави, се борат против оние со зашилени глави.“ И ми вели: „Ех, колку ќе беше едноставно да умеевме да седнеме и да се договориме дека јајцaта може да се кршат и од двете страни. "