1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши ли малтретирањето на Македонија

12 јануари 2021

Најголемото малтретирање на Македонија е во Македонија, во меѓусебните партиски, парламентарни, политички, интелектуални, патриотски, националистички, криминално олигархиски и медиумски пресметки меѓу Македонците.

https://p.dw.com/p/3nnui
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Убаво, мошне убаво, охрабрувачки и оптимистички прозвучи оценката на Џејмс Пардју поранешниот американски амбасадор во Бугарија и креаторот на Охридскиот договор искажана во интервју за Дојче Веле на бугарски јазик дека „заврши времето на малтретирањето на Македонија.“

Навистина, крајно време е по сите блокади и притисоци да почне непречено остварувањето на клучните реформи кои Македонија ќе ја донесат до целта да биде членка на Европската унија. Но, заложбите на Пердју се однесуваат на малтретирањето од нашите соседи и на  нерешителноста и индиферентноста на влијателните членки на Европската унија, а не на блокадите внатре во земјата.

Или кажано поедноставно, најголемите пречки се кај нас дома во сопствената куќа. Е, тука никој не може да ни помогне, ни Америка, ни Европа, ни Господ. Дури и кога би се нашло прифатливо решение со Софија како со Атина тоа кај нас веднаш ќе се прогласи за национална катастрофа, распродажба на националните интереси, предавство, понижување, изгубен идентитет, избришано минато, оспорена историја, јазик и сите посебности на македонскиот народ. Тоа веќе и го направивме превентивно за секој случај евентуално да не се постигне заеднички прифатлив договор.

Политичките противници се мразат меѓу себе

Најголемото малтретирање на Македонија е во Македонија, во меѓусебните партиски, парламентарни, политички, интелектуални, патриотски, националистички, криминално олигархиски и медиумски пресметки меѓу Македонците. Не заостануваат и Албанците кои војуваат на два фронта, еден меѓу себе во битките за власт ни малку различен од Македонците и уште еден за тоа кој е вистинскиот борец за вечно загрозените права на Албанците во Македонија. Што поголем радикализам во барањето права, толку повеќе шанси за изборни победи.

Не постои ниту едно прашање од државен и национален интерес за кое може да се најде заеднички јазик. Политичките противници во Македонија се мразат меѓу себе. Нивната нетрпеливост и кога имаат исти ставови е лесно пренослива и леплива кај огромното мнозинство граѓани. Тоа е најголемата хипотека без покритие врз оваа кутра држава.

Други колумни од Ерол Ризаов:

-Најновата закана на историјата

-Има ли друга алтернатива освен ЕУ?

-Бугарите го немаат Жељу Желев

Во вака поделена Македонија да беа мудри политичките лидери во Бугарија не им требаа никакви анекси, или рамки на Договорот за добрососедство, требаше само да не остават да ги почнеме преговорите со ЕУ, кои самите ќе ги блокиравме со децении во нашите меѓусебни кавги за тоа колку ангели можат да застанат на врвот на една игла, што  е постаро кокошката, или јајцето?

Малтретирањето на Македонија ќе трае се додека чурат партиските фабрики во три смени со енормното производство на примитивизмот, популизмот, лагите и национализмот.

Грција и Бугарија и неодлучна Европа само ни помогнаа со своите бессмислени меѓусебни  условувања и вета да ги прикриеме сопствените грешки и неспособност да изградиме пристојна и просперитетна  демократска држава. Поминуваат цели 30 години, а Македонија се уште не може да ја оправда својата самостојност и независност.

Природни сојузници и природни непријатели

Џејмс Пардју вели: „Двете земји се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, доколку им го свртат грбот на некои од помалку важните прашања.“ Така е, но што правиме што кај нас двете најголеми политички партии се природни непријатели, за кои нема неважни прашања. Вртење на грбот и на банални работи е предавство. Или кога Пардју вели: Мислам дека е грешка бугарската Влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Напротив, Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Бидејќи влезот на Северна Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија."

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Така е господине Пардју тоа е грешка на бугарската влада, но колкава грешка е кога кај нас во парламентот и преку медиумите, преку научни институции и јавни настапи се блокира процесот за членство во ЕУ. Конечно зошто би била Бугарија бранител на нашето членството во ЕУ ако тоа не сме ние самите. Па, ние не можеме да се договориме 20 години да направиме попис на населението.

Се блокира една типична статистичка мирновременска операција. Тие што тоа не го направија 11 години, а требаа да го направат два пати на десет години, сега велат дека ќе го одложат и ако треба ќе бојкотираат пописот оти бил политички. Како ќе го планираме идниот развој и ќе ги спроведуваме реформите од поглавијата на Брисел ако не ги знаеме човечките ресурси со кои располага државата?

„Националистите во Бугарија, вели Пардју гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши... На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја. Историчарите и експертите нека ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето. “

Убаво срочено разумен човек не може да стави ниту една забелешка. Но, што правиме со нашите националисти кои цела една деценија прповедаа нов антички идентитет, пославно минато од она што го имаме и кое сега е најзначајниот адут во аргуметацијата на нашите историчари од заедничката бугарско македонска таканаречена историска комисија.  А, тоа е словенското потекло и на нацијата и на јазикот киако што е потекло и на Бугарите и на Србите и на Хрватите и на Црногорците и на  сите словенски народи. Не така одамна овде од нашите инстант политички историчари се сметаше за навреда да се зборува за словенско потекло на македонскиот народ и јазик.

Професионалци да нема решение

Сега пак Бугарите на вчудоневидување на словенските народи, словенското потекло, јазик и азбука ги прогласија за бугарски и тука ги бараат заедничките корени со Македонците,  не во словенството, туку во бугарското потекло. Испадна работата дека Словените потекнуваат од Бугарите.

Ќе нема крај на малтретирањето на Македонија господине Пардју што од комшиите и уште повеќе од самите нас се додека во Македонија има влијателни политичари, прикриени противници на евроатланските интеграции кои се прикажуваат како големи европјани, а ги блокираат сите заложби за членство во ЕУ прикажувајќи ги како предавство на националните интереси и идентитетски посебности.

Тоа деновиве на извонреден начин го кажа потписникот на Преспанскиот договор со Грција поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас кога изјави дека: „нападите против неговото семејство, неговиот сопствен живот и делумно нападите врз неговиот колега во Македонија, Никола Димитров, им помогнале на двете страни да сфатат што се случува. И во Грција и во Македонија имаше многу противници на кој било вид билатерален договор.“ 

Коѕијас раскажува: „Една вечер во Виена со Димитров седнавме да разговараме за оние што нè напаѓаа. Сфативме дека прашањето не е Македонците наспроти Грците, туку прашање меѓу оние што не сакаа решение, т.н. професионалци за нерешение и оние кои се обидоа да се придвижат кон логиката на добро решение“. Ете тоа е тоа и во Бугарија и во Македонија има многу противници на било каков договор за добрососедство. Тоа се тие „професионалци“ да нема решение кои ветуваат подобри договори додека времето не прегазува. А, кога можеа навистина да најдат подобро решение тоа не го направија  поентирајќи во јавноста со лажен патриотизам и со предизборни кампањи дека ја одбраниле посебноста и достоинството на македонската нација.

Задскривајќи го со патриотизам заостанувањето на Македонија зад сите соседи, владееја 11 години без контрола и одговорност. Конечно, одговорни политичари во Грција и во Македонија ја прифатија историската неминовност дека ниту еден договор не е одржлив на подолг рок ако не е прифатлив на двете страни. Таквите договори и да се потпишат не можат да го издржат судот на времето. Едноставно стануваат неодржливи и неспроведливи. Дали тоа ќе го увидат противниците на договорот во Бугарија и во Македонија тешко е да се поверува. Поверојатно е дека малтретирањето продолжува и дома и од соседството.