Загадувањето влијае врз бројот на спонтани аборуси
29 јануари 2015Во Македонија засега никој не истражува колку загадувањето на животната средина влијае врз здравјето на бремените жени. Темата стана актуелна откако матични гинеколози од Тетово преку медиумите алармираа дека таму се зголемил бројот на спонтани абортуси и мртви фетуси. Дел од нив тоа го поврзаа и со фактот дека Тетово во последниве години е еден од најзагадените градови во земјата. Обинувањата се префрлија и на политички терен. ДПА ја обвини ДУИ за енормното загадување на воздухот во Тетово и околината поради политички и финансиски интереси, што како последица предизвикува пораст на бројот на лица со тешки болести, но и на спонтани абортуси. Од Клиничката болница во Тетово ги демантираат ваквите тврдења.
„Нема тренд на пораст на спонтаните абортуси во последните три години. Дури има и намалување кај бројот на артифицијални абортуси што се вршат по желба на пациентките до десетата гестациска недела“, објаснува раководителот на гинеколошкото одделение, Нагип Руфати.
Според податоците, во 2012 година имало вкупно 140 спонтани абортуси на потполни и непотполни фетуси, во 2013 година 83, а во 2014 година 117. Од болницата уверуваат дека не е зголемен ни бројот на мртви плодови. Во 2012 година на 2.386 раѓања имало 6 мртви плодови, во 2013 на 2.378 раѓања - три, а лани 6 на 2.389 живородени бебиња. Сепак, раководителот на гинеколошкото одделение се согласува дека треба да се направи анализа за причините за спонтаните абортуси.
„Добро е да се испита што влијае врз здравјето на бремените жени. Ние како гинеколози се грижиме за нивното здравје, но тие испитувања треба да ги направат други институции. Добро е да се знае и дали и колку бремените жени редовно одат на контролни прегледи кај матичните гинеколози и дали постојано се следи нивната состојба“, вели Руфати.
Причините непознати
Од Министерството за здравство нема одговор дали (ќе) се испитуваат причините кои доведуваат до случаи на спонтани абортуси и неразвиени фетуси. Според податоците на Институтот за јавно здравје за 2013 година, Тетово не предничи по вкупниот број на абортуси, во кој се сметаат и спонтаните, но и оние по барање на жената. На прво место според овие податоци е Скопје, потоа Струмица, а Тетово е трето на листата. Според анализите, во Тетово во пораст се кардиоваскуларните и респираторните болести, најверојатно како последица на аерозагадувањето, кое може негативно да влијае и врз појавата на недоразвиени или мртви фетуси. Состојбата во Тетово, каде еден од најголемите извори на загадување се смета комбинатот „Јегуновце“, многу потсетува на „анамнезата“ на Велес, град кој со години не може да се оправи од „наследството“ што врз животната средина му го остави неколкудецениското загадување од Топилницата за олово и цинк, без оглед што таа повеќе не работи. Лекарот Ненад Коциќ и активист на Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес, нема дилема дека загадувањето на водухот, водата и почвата се поврзани со појавата на спонтани абортуси.
„Влијанието на загадувањето на животната средина врз зголемувањето на бројот на спонтани абортуси е медицински докажано, но и многу логично, затоа што многу штетни материи се таложат во плацентата на бремената жена, по што доаѓа до нејзино оштетување и абортирање на плодот. Заедно со децата и возрасните луѓе, бремените жени се најчувствителната група во заедницата. Плодот кој го носат бремените жени е во постојан развој и штетните агенси од околината најсилно се чуствуваат токму кај неродените деца - со абортус или конгенитални малформации“, вели Коциќ.
Болничките статистики во Велес се полни со застрашувачки податоци во оваа сфера уште од 90-тите години на минатиот век. Мртвите фетуси и разните малформации најдоа место и во документарен филм кој стана потресно сведоштво за оваа, некогаш прикривана состојба.
„Порано, кога се вршеа испитувања во Велес, беше докажано зголемено абортирање и кај луѓето и кај животните. Најчесто ова се поврзуваше со зголемената концентрација на олово во плацентата на родилките, но не се помалку штетни и другите загадувачи на воздухот и на останатите медиуми - почвата и водата. Дури и последните анализи кои беа правени во Велес од страна на ЕУ, покажаа дека имало зголемување на бројот на абортуси и конгенитални малформации кај жените кои својата бременост ја воделе во велешката болница, токму од загадувањето од страна на Топилницата. Она што се случува во другите градови во Македонија е очекувано, со оглед на високите концентрации на штетни материи последниве неколку месеци и години во воздухот. Но, жално е што државата не ја научи лекцијата од Велес и не ги заштити трудниците и другите граѓани од енормното загадување и штетните последици кои ги имаат врз нивното здавје“, вели Коциќ.
Рекламите без ефект
Индустриските капацитети кои ја загадуваат животната средина малку се посветени на екологијата, а инвестициите во заштитни филтри и друга опрема која ќе го спречи или ублажи загадувањето ги сметаат за „фрлени пари“. Од друга страна, не се штеди на владини реклами за поддршка на семејните вредности, на стимулации за создавање музика и текстови што го промовираат семејството, буџетски пари за многудетни семејства. Сите тие мерки, во пакет со законот за абортус требаше да водат кон запирање на трендот на пад на наталитетот. Но, статистиката и натаму бележи подем на „белата чума“. Во 2013. година во однос на 2012. бројот на новородени деца се намалил за 430 или за речиси 2 отсто. Според социолозите, се поголемите разлики меѓу сиромашните и богатите, невработеноста, економската и егзистенцијална неизвесност, се главни причини за ваквите статистики. Податоците покажуваат дека токму многудетните семејства живеат во најдлабока сиромаштија и немаат никаков пристап до здравствени услуги.