Загинати во невреме во Италија и во Бугарија
3 август 2014Четири лица загинаа, а 20 се повредени во поплавниот бран кој помина низ местото Рефронтоло, северно од Венеција, каде се одржуваше фестивал на туризмот. Во текот на вчерашната вечер, за време на фестивалот започнал да паѓа пороен дожд кој предизвикал буици од вода и од кал кои со себе носеле луѓе, автомобили и други предмети. Според локалните медиуми многу луѓе присутни на фестивалот на туризмот бегале во паника, а некои успеале и да се качат на дрвјата за да ја избегнат од буицата. Спасувачката операција траела во текот на целата ноќ, а нуркачи и натаму трагаат по евентуални жртви. Одрони предизвикани од поројниот дожд погодија и неколку други села во регионот.
Во Бугарија пак истотака во поплави предизвикани од поројни дождови еден цел регион е отсечен од надворешниот свет. Едно лице загина во градот Мисиа на северозападот на земјата по излевањето на реката Скат. Ситуацијта во овој град во кој беа поплавени бројни куќи останува критична, а стотици лица се веќе евакуирани со хеликоптери и бродови. Министерот за внатрешни работи на Бугарија Цветин Јовчев изјави дека надојдената река се прелила преку две брани. За време на последните поплави во Бугарија загинаа петнаесетина лица.