1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трпението на Германија за Македонија е при крај

Б. Георгиевски23 мај 2016

Германското Министерство за надворешни работи повторно порача дека очекува брзо решение за политичката криза во Македонија, кое ќе овозможи организирање на нови парламентарни избори. Трпението е при крај!

https://p.dw.com/p/1Isuk
Auswärtiges Amt in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската дипломатија се јави со нова градација во однос на загриженоста за состојбата во Македонија. Државниот министер Михаел Рот денеска од Брисел порача дека Берлин е „екстремно загрижен за внатрешно-политичката состојба во Македонија“. Притоа, тој наведе два услова кои земјата итно мора да ги исполни: создавање услови за демократски и слободно избори и целосна поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство.
„Политичките партии повеќе не смеат да го ставаат на тест трпението на меѓународната заедница и на Европската Унија и мора да остварат конкретни резултати“, порачува Рот.

Состојбата во Македонија денеска на инсистирање на Германија е ставена на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

„Македонија повеќе не смее да се оддалечува од Европа, туку мора да се врати назад на патот на приближувањето кон ЕУ“, рече Рот.

Минимален услов на тој пат треба да биде „одржувањето на демократски и слободни избори“ и непречена работа на Специјалното обвинителство, кое треба да ги истражи сомнежите за злоупотреби од страна на владата.

Ова е уште една во серијата изјави од германското МНР во однос на состојбата во Македонија, која досега постепено беше оценувана како „загрижувачка“, „многу загрижувачка“ до денешната оценка на Рот за екстремна загриженост.

Пред две недели, шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер го именуваше и амбасадорот во Виена, Јоханес Хајндл за специјален пратеник во земјата. Хајндл, во меѓувреме, веќе двапати ја посети земјата.