1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загрозена е интернет слободата во Русија?

Роман Гончаренко / Александар Методијев14 ноември 2012

Руската опозиција е уште присутна на интернет, но нов закон за заштита на малолетниците би овозможил блокади дури и за веб страниците кои го критикуваат Кремљ. Тема и за германско-рускиот Петерсбуршки дијалог во Москва.

https://p.dw.com/p/16iIe
Фотографија: Reuters

Нема фотографии, туку само сувопарни текстови за право на интернет страницата zapret-info.gov.ru. Така неспектакуларно изгледа веб страницата на државниот орган за контрола на интернетот, наречен Роскомнадзор. Од први ноември може да се провери во базата на податоци кои веб страници се блокирани од руските власти. Некои експерти базата на податоци ја нарекуваат „црна листа“.

Russland Medien Wladimir Putin im Fernsehen auf allen Kanälen
Руските телевизии се под контрола на претседателот Владимир ПутинФотографија: AP

„Црната листа“ треба всушност да ги блокира веб страниците со опасна содржина за младите лица, во согласност со новиот закон, кој претседателот Владимир Путин го потпиша ова лето. Законот треба да помогне да се забрани на интернет детската порнографија, шверцот со дрога, како и упатствата за самоубиство. „Имаме право да ги заштитиме нашите деца“, рече Путин во една телевизиска емисија.

Заштитата на малолетниците како параван?

Но, новиот закон за заштита на малолетниците е контроверзен. Германскиот Бундестаг изрази загриженост. Воведувањето на „црната листа“ е „инструмент за ограничување на слободата на говор и за појавување на поширока цензура на интернет“. За ваквата оценка се гласаше минатиот петок во германскиот парламент.

Пратениците побараа од канцеларката Ангела Меркел да се заложи за поголемо владеење на правото, демократија и почитување на човековите права за време на германско-руските консултации со претседателот Владимир Путин. Ова треба да се дискутира и за време на 12-от германско-руски форум на цивилното општество, наречен „Петербуршки дијалог“, кој започнува денеска во Москва. Една од темите за разговор е и слободата на информирање на Интернет.

Со законот за заштита на малолетниците можат да бидат блокирани и веб страници на опозицијата, ако нивните АјПи-адреси можат да се поврзат со класифицирани како опасни веб страници. Поради таа причина веб страницата на познатиот блогер и критичар на Кремљ Алексеј Навални беше блокирана со часови во јули годинава.

Одговор на движењето за протести

„Во основа, тоа е механизам за засилување на цензурата на интернет“, рече Павел Расудов, шеф на руската Партија на пиратите. Според него, „црната листа“ е одговор на владата на протестното движење против Кремљ.

Pawel Rassudow
Павел Расудов, претседател на руската Партија на пиратитеФотографија: DW

Слично на тоа гледаат и западните експерти, каков што е и Флоријан Тепфл, кој на Лондонската школа за економија спроведува проект за интернетот во Русија.

„Јас сметам дека законот е мал камен во мозаикот наречен процес на влошување на граѓанското право на слобода и на слободно делување на опозицските групи во Русија“, вели Тепфл.

Со Фејсбук против Путин

Интернетот за руската опозиција е од посебно значење. Така, телевизиите во Русија се контролирани од власта, па затоа опозиционерите се организираа на протести против Путин главно преку социјалните мрежи, како што е Фејсбук. Опозицијата во октомври го искористи интернетот за да избере координациски совет. Околу 70.000 корисници учествуваа во онлајн гласањето.

„Јас верувам дека интернетот е многу опасен за Путин и неговиот режим, бидејќи тој е простор за комуникација на опозицијата“, нагласува Флоријан Тепфл.