Зад Путин-убиецот стои доктрината Бајден
19 март 2021Дали се работеше за гаф или пак за калкулиран напад, потврдниот одговор на Бајден на прашањето дали мисли дека Путин е убиец, веќе наликува како јасна политичка линија на новата американска администрација. На неполни 100 дена од доаѓањето на власт, веќе се исцртува еден вид на „доктрина Бајден“. Во што таа се состои ќе ни даде одговор и зошто овој напад на Бајден кој далеку помалку ги шокираше Американците од Европејците
Прво, затоа што САД веќе отворено ја декларираат јасната дистинкција помеѓу противниците и сојузниците. Поточно, Бајден ја составува и ни ја соопштува листата на непријатели на Западот, со таа разлика што со некои смее да се работи или соработува, а со некои не. За разлика од Трамп кој со своите санкции и царини недискриминирачки удираше и по сојузниците како Меркел и по нејпријателите како Џипинг, на Бајден му е јасна потребата од коалиција со пријателските земји. Во исто време, нема намера да им попушти на непријателите.
Второ, тргнувајќи од извештаите на тајните служби дека Русите повторно се мешале во американските избори, Бајден испрати директна закана до Путин дека го очекуваат силни реперкусии и на тој начин испрати и серија на други пораки.
Повеќе на темата:
-Мас за ДВ: Вашинтон зборува со јасен јазик во насока на Москва
-Русија го повлече на консултации својот амбасадор во САД
-Американски тајни служби: Путин сакал да му наштети на Бајден на изборите
Бајден на овој начин со еден потег се дистанцира од својот претходник и неговата попустлива политика кон светските диктатори и автократи. Во исто време, Бајден им подава рака на републиканците кои не го поднесуваат трампизмот, додека пред јавноста ја враќа старата слика на Америка како светски полицаец.
Тоа што Бајден добро го знае е дека на САД им е потребно голем дел од домашната тензија и поделби да ги трансферираат нанадвор, кон надворешните непријатели, со цел да не доживеат уште поголема внатрешна криза и блокада. Русија и ден денес е најлесно препознатлив непријател на САД во очите на јавноста, совршена за префрлување на домашниот бес и разочарувања на нивни грб.
Бајден во исто време сакаше да упати и порака до Европа и малку да го стиши европскиот ентузијазам за руската вакцина Спутник, на тој начин удирајќи по меката моќ на Кремљ. Оттука оваа порака така и треба да се чита, како сугестија да не инсистираат во купување вакцини од земја која ја води „лидер-убиец".
Ништо помалку пораката до Европа е да почне да го користи американскиот морален суд и политичкото мерило и за другиот голем непријател, денес далеку поважен и од Русија, односно Кина. Тука е посуптилен, но подеднакво директен. Бајден добро знае дека со овој напад, ја прави Русија и поопасна од тоа што е, нешто што на Москва сигурно и одговара, иако таа моќ реално ја нема. Идејата на Бајден е малку индиректно да им посочи и на Кинезите што допрва ги чека, а на Европјаните што од нив очекува.
И во одговорот на Путин има неколку пораки. Путин, во најдобар КГБ стил удри на психологија, користејќи ја метафората на познатата детска игра и одбрана од личен напад: „Кој си вика – тој си прави“. Нешто во стилот на добро познатата народна мудрост: „Му рекло магарето на зајакот дека има долги уши!“
Путин потоа иронично му посака на Бајден добро здравје и го покани на виртуелна дебата, каде веројатно би сакал во лице да му ги каже американските национални рани кои веќе ги спомена во одговорот, како: атомската бомба врз Јапонија, историјата на ропството, геноцидот врз домородците, сите трагични и крвави настани од историјата на САД. Со тоа идејата на Путин е да го претстави Бајден како хипокрит. Далеку поважната цел на Путин беше да го деперсонализира и деконтекстуализира ставот на Бајден, во смисла дека неговиот напад нема никаква врска со обидот за убиство врз Навални и дека навредата не е насочена кон Путин, туку кон целиот руски народ и држава.
Други колумни од авторот:
-Вакцинската дипломатија и македонскиот дебакл
-Самит Г7: Бајден сака да ја поврати Европа
Но, ако се анализираат реакциите на дипломатите, советниците и набљудувачите ќе видиме дека нападот и навредата на Бајден поттикна многу различни интерпретации. За некои станува збор за веќе одамна елаборирани позиции на американскиот естаблишмент без можност за нивна промена или инверзија. За други пак, нападот е тотална новост, затоа што Бајден сака да ги растури постоечките договори со Русија, особено оние кои и одат во прилог на Европа, како на пример гасоводот Северен поток 2 помеѓу Берлин и Москва. Трети гледаат порака не само до слабата руска опозиција, него и до руските болјари и аспиранти за одалечување од Путин кој е во залез, со цел да дојде до промена на режимот во Кремљ. Конечно, има и такви кои веруваат дека со овој испад Бајден всушност му направил услуга на Путин.
Широкиот спектар на интерпретации всушност ни кажува колку Русија е изненадена од потегот без преседан. И, дека додека чекаме да се дојде до нешто поартикулирани позиции, тоа што меѓу редови се чита е дека Бајден во суштина порача дека со Русија дијалогот ќе продолжи, онаму каде е нужно и неопходно. Путин, на досетлив и шегаџиски начин, и покрај силната КГБ закана, всушност на крај го заклучи истото што и Бајден.
Тоа што можеме да го сублимираме околу доктрината Бајден и неговата позиција на јастреб, односно, новата надворешната политика на САД е следното:
1.Америка се враќа на мултилатерализмот, но приоритетот е лоциран во Индо-Пацификот и Азија, како и кај соседите Мексико и Канада.
2.„America first" можеби е минато во својата шовинистичка димензија, но таа е мошне жива кога станува збор за вакцините и американската проекција на светски хегемон.
3.Во конфликтот и соочувањето со непријателите и противниците на САД и Западот ќе биде употребена комбинирана стратегија која ќе изобилува со силни и платеални тактички провокации, мека моќ и експлозивни конфронтации.
Големиот непријател е Кина и од Европа се очекува да учествува во таа војна базирана на извештаи, санкции, обвинувања, секогаш зајакнувајќи ја меѓународната димензија на судирот. Трамп водеше војна со Кина унилатерално, Бајден планира тоа да го прави мултилатерално, се со цел да го ослабне кинеското влијание низ светот и во Азија. Пандемијата покажа колку економијата на САД е зависна од Кина, особено кога станува збор за природни ресурси, ретки материи и минерали, неопходни за производство на високо технолошки спроводници и полуспроводници. Бајден планира да го финишира процесот на decoupling – откачување од економската и трговска зависност од Кина, додека во исто време би се зајакнала компетитивната соработка на прашања од заеднички или глобален интерес.
Човековите права ќе станат една од централните теми на оваа администрација, без разлика дали тоа се однесува на Русија, Кина, Иран или Саудиска Арабија. Бајден веќе покажа мускули пред помалку од месец дена кога нарача воен напад во Сирија врз шиитските милиции блиски до Техеран. На истиот ден излезе и експлозивниот декласифициран извештај на американските тајни служби, каде саудискиот принц Мохамед бин Салман е директно посочен како одговорен за убиството на дисидентниот новинар Џамал Кашоги. Обвинувањата кон саудискиот принц претставуваат пресвртница и дистанцирање од блискоисточната политика на Трамп, базирана на тесни односи помеѓу петрол-монархиите од Заливот и Израел во анти-Иранско својство. Бајден ја повлече воената поддршка за Саудијците во Јемен и ги издрибла критиките дека директно не го санкционирал принцот. Уништувајќи ја мрежата на односи на Трамп во Блискиот Исток, Бајден има време да сплете сопствена мрежа во која ќе биде вклучен и Иран. Идејата за нови преговори со Техеран е на Американците, иако времињата се уште не се созреани за тоа како што не се созреани ни за повлекување од Авганистан, војна во која Америка е заглавена веќе 20 години. Бајден го оцени како „слаб“ договорот со Авганистанците и најави дека е тешко американските трупи да се повлечат оваа година. Веќе се започнати нови преговори помеѓу преставници на Русија, Кина, Пакистан и можеби Иран, заедно со Владата од Кабул и десетчлената делегација на Талебанците. Стариот договор од Доха спонзориран од Трамп делува дека е погребан засекогаш.
Каде е Европа во се ова? Европа наликува на загубен и дезориентиран набљудувач во оваа жестока преписка помеѓу Бајден и Путин, која наликува на горко апче кое тешко ќе го проголта. Идејата на Европа, настрана изјавите за почитување на човековите права и случајот Навални, е никако да не ги расипува односите со Москва, нешто што важи и за Кина, бидејќи тоа не е во нејзин интерес. Ова важи особено за Германија, Франција и Италија, додека се разбира многу помалку за балтичките земји и Полска. Како и да е, главните европски канцеларии немаат никаква желба за дополнителна ескалација во односите. Берлин се обиде со својот вообичаен еквилибризам да ги коментира изјавите на Бајден. Хајко Мас го пофали „јасниот јазик“ употребен во однос на Русија, ги оправда нападите во Сирија, но не сакаше да го коментира или вреднува терминот „убиец“ за рускиот претседател.
Брисел делува особено дезориентирано, каде се уште се чувствуваат негативните последици од фијаското предизвикано од посетата на Борел на Москва. Тоа што е сигурно е дека Берлин, како и останатите европски престолнини се фатени во расчекор од ескалацијата предизвикана од Бајден, веќе и онака премногу конфузни и во криза од домашните последици предизвикани од катастрофата со вакцините.
Тоа што е јасно е дека ниту Берлин, ниту Брисел немаат своја сопствена, среднорочна или долгорочна стратегија кон Русија, камоли кон Кина. Нивната позиција е закотвена на принципот – да почекаме, па да видиме. Тоа што ќе треба да видиме наскоро е дали Европа има намера да го следи Бајден во неговото заострување на тоновите и политиките кон Москва и Пекинг. Како за почекот, цената за таа влезница би значело откажува од скапиот и мегалитски проект наречен Северен поток 2, а понатаму цената би растела и во поглед на откажување од идеите за европска автономија и градење на стратешка независност од САД.
America is back.