Задолжување за преживување, трендот продолжува!
7 јануари 2016Трендот на задолжување за дневните потреби на народната каса продолжува и годинава. Според проекциите во буџетот, државата годинава планира да се задолжи за 706 милиони евра. Половина од овие пари се за враќање на стари долгови плус 95 милиони евра за камати. Најголем дел од парите што треба да се обезбедат за покривање на буџетскиот дефицит кој изнесува 308 милиони евра повторно ќе отидат на социјални трансфери, плати, пензии, социјална помош кои повторно ќе се зголемуваат. Министерството за финансии веќе го објави календарот за задолжување, дури 24 аукции во првите шест месеци годинава, или секој вторник. Првата аукција веќе е закажана по празничниот викенд но се` уште е неизвесно за колку и од кого:
„Најголем дел од задолжувањата и годинава ќе се потрошат за плати, пензии, социјална помош. Ако го погледнете проспектот што го објави министерството тогаш ќе видите дека аукции ќе има секој вторник, во март дури пет пати. Иритирачки е што некои од аукциите се закажани иако потоа нема најавено раздолжување. Ваквиот тренд се форсира главно заради популизам, во март и април ќе има дури девет аукции. Јас лично ќе инсистирам секое од овие задолжувања да може да се реализираат откако ќе добијат согласност и од дополнителниот заменик министер, околу висината на аукцијата рочноста и каматната стапка. Како што беше со еврообврзницата. Се бара форма за тоа да одлучува Државната изборна комисија која деновиве доби и генерален секретар“, изјави за Дојче веле Кире Наумов, дополнителен замник министер за финансии.
Дел од парите што треба да се обезбедат од домашно или задолжување на странските пазари ќе се обезбедат и за покривање на планираните капитални инвестиции. Годинава тие се планирани во вкупен износ од 408 милиони евра, или 12% повеќе од лани. Наумов предупредува дека оваа ставка постојано се зголемува иако таа никогаш не се реализира во целост. Проблемот е што планираните пари се прелеваат во други, непродуктивни ставки во буџетот:
„Минатата 2015 година според сите досегашни показатели ќе биде најлоша во делот на реализацијата на капиталните инвестиции. Заклучно со крајот на октомври се реализирани само 55% од планираните капитални инвестиции, така што не верувам дека годината ќе заврши барем со 70% реализација што е најлош резултат во последните десет години. Годинава прагот е уште повисок и тоа во услови кога имаме криза и избори“, предупредува Наумов.
Купи ден, продај ден
Дел од домашната експертска јавност, но и меѓународните финансиски институции во континуитет предупредуваат дека владата најмногу троши на плати, пензии, социјални трансфери, а многу малку на капитални инвестиции. Иако Македонија важи за ниско, или умерено задолжена земја, се сигнализира сериозна внимателност поради квалитетот на задолжувањето, односно потребите за кои се користат позајмените пари:
„Долго време се задолжуваме со високи камати, а растот на БДП ни е многу понизок што е чиста загуба, треба економски раст за да се вратат каматите, а ние одиме во минус. Ако некаде се дава, тоа значи дека од некаде треба да се земе, а ако пак од таму каде што треба да се земе, нема пари, тогаш ќе мора да се задолжуваат, на домашен терен или од странски извори. Нема друг начин за покривање на овие најави за повиски плати, социјална помош, пензии“, коментира поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.
Притисокот за да се обезбедат пари во голем дел е и резултат на гломазната државна администрација, чиј број постојано се зголемува. Дел од експертите предупредуваат дека овој тренд не само што мора да запре, туку треба да почне и да се намалува:
„Наместо да се зголемуваат плати, пензии, ние еднаш искрено мора да кажеме дека во администрацијата треба да се отпуштат 100,000 луѓе, јас би гласал за таков политичар, за искрен и храбар кој ќе им каже на граѓаните дека државата не е социјална туку е премногу задолжена“ коментира економскиот аналитичар Зоран Витанов.
Власта пак постојано тврди дека води внимателна економска политика што се потврдувало и во извештаите на меѓународните финансиски институции:
„Македонија според Евростат е четврта најмалку задолжена земја во Европа зашто ние внимателно позајмуваме средства и враќаме средства“, изјави неодамна министерот за финансии Зоран Ставрески.
Колкава е зависноста на државната каса од планираните задолжувања покажа паничната реакција на власта по ветото кое Наумов го стави за една од планираните аукции пред крајот на минатата година. Тој трвдеше дека таа е неопходна, власта пак предупредуваше за загрозеност на исплатата на пензиите. Ситуацијата ја „спаси“ составот на ДИК во заминување чија одлука се уште е предмет на правно докажување.