1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за ДВ: 2018. може да биде историска година

21 февруари 2018

Охрабрен од поддршката од германската канцеларка Ангела Меркел, македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за ДВ вели дека 2018. може да биде историска година за Македонија.

https://p.dw.com/p/2t6cW
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Господине Заев, денеска ја имавте првата официјална средба со германската канцеларка Меркел во Берлин. Какви се впечатоците, какви пораки добивте и што се очекувањата?

Ова беше голема чест за мене и за мојата земја. Германија е еден од најголемите партнери на Република Македонија. Во трговијата партнер број еден, но и во стратешкото пријателство. Среќен сум што имавме можност денеска да ги отвориме сите прашања. Разговаравме за стабилноста, за заедничките мисии во делот на НАТО, разговаравме многу за економијата, за охрабрувањето на германските инвестиции во Македонија. Германија сериозно учествува во нашиот извоз, со Германија имаме трговска размена од 3,6 милијарди долари во 2017 година, од кои 2,7 милијарди долари е извозот, а 900 милиони долари е увозот. Сакаме тоа да јакне. Тоа за нас значи работни места, зголемено домашно производство, тоа значи извоз и девизен прилив. Убеден сум дека од градењето на ваквите политики со Германија голем бенефит ќе имаат нашите граѓани. Разговаравме за европските и за НАТО перспективите, зборувавме за сите детаљи од реформите кои што ги завршуваме- колку и да се болни овие процеси, сепак сме убедени дека тоа не е само заради интеграциите, туку е заради квалитетот на животот на нашите граѓани и на крајот секако ова се поврзува со проблемот кој Грција го има со нашето уставно име. Ова пријателство кое што го изградивме има рефлексија врз економијата и врз бизнисите и е дополнителна мотивација за економска соработка меѓу нашите две земји, пред се на полето на инвестициите. Но убедени сме дека доколку продолжиме со сериозно чекорење кон ЕУ и НАТО, а тоа значи и решение на проблемот со името, тоа ќе значи сериозни капитални добивки за сите инвеститори во Македонија, но и охрабрување за нови инвестиции.

Berlin - Kanzlerin Merkel empfängt Mazedoniens Regierungschef Zaev
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hirschberger

Канцеларката Меркел изјави дека вчера телефонски разговарала со грчкиот премиер Ципрас во врска со спорот за името. Што разговаравте на вашата денешна средба и колку е таа подготвена директно да влијае во спорот?

Имаше информации за позициите на Грција директно добиени од премиерот Ципрас, а денеска ги објаснивме нашите позиции. Таа како искусен политичар лесно може да ги сфати позициите на двете страни. Канцеларката и германската и европска дипломатија стојат на располагање да ни помогнат во разговорите кои ги водиме со посредство на медијаторот Метју Нимиц. Но, сето тоа ќе биде на пријателски и охрабрувачки начин за двете страни, не за едната притисок, а за другата олеснување.

Канцеларката ја искористи можноста да не охрабри, верувајќи дека ова е момент кој не треба да се испушти. Укажа на подготвеноста за добивање автоматска покана за НАТО, но и за ЕУ- која во меѓувреме стана многу поотворена за сите земји од Западниот Балкан. Тоа е причина повеќе да се фокусираме и да изнајдеме решение на проблемот за името. Но, притоа остануваат и сите суштински услови: успешноста на реформите- зборувавме за детаљи од реформите, зборувавме за напорите што ги правиме да обезбедиме поддршка од опозицијата за двотретинските закони. Се надевам дека опозицијата навистина ќе се врати во парламентот за да може нормално да се одвиваат демократските процеси, но и за да го подобриме квалитетот на институциите. Мислам на успешни реформи во правосудството, во јавната администрација, од вчера веќе и законот за медиуми е во собраниска процедура. Сите овие реформи треба да донесат подобар живот во Македонија, но и да не доближат до ЕУ. Со евентуално решение на спорот за името, за Македонија 2018 година може да биде историска година, односно во јуни да добиеме датум за преговори, а во јули на НАТО самитот да биде потврдена и нашата покана за НАТО.

Berlin - Kanzlerin Merkel empfängt Mazedoniens Regierungschef Zaev
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Во интервју на почетокот на неделава изјавивте дека сте умерен оптимист дека спорот за името ќе се реши до самитот на НАТО. Денеска, после средбата со Меркел, имате повеќе или помалку причина за оптимизам?

Мислам дека спорот за името може да се реши и порано од самитот на НАТО, затоа што добив пријателско охрабрување од канцеларката Меркел. Германија е убедена дека постои решение за секој проблем во светот, така и за овој проблем. Секако имајќи го предвид тоа охрабрување и гаранцијата од една од најважните земји-членки на ЕУ и НАТО, тоа за мене и за граѓаните значи сигурност и гаранција дека ни се на дофат ЕУ и НАТО.  Тоа не смееме да го изгубиме. Членството во НАТО и датумот за преговори со ЕУ ќе значат живот за Македонија. Тоа ќе значи гаранција за нашата земја, за нејзината стабилност и безбедност, инвестиции, но и европски вредности. Тоа значи дека младите ќе имаат причина да останат во Македонија, да престанат да заминуваат, се надевам некои и ќе се вратат во новите околности. Имаме целосно право да ја гледаме и замислуваме нашата земја во тој правец.

Во прилог и видео-записот од интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за редакцијата на македонски јазик на Дојче Веле

Заев за ДВ: Спорот за името може да се реши и пред самитот на НАТО