1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта и опозицијата ги збиваат редовите пред вториот круг

ДТЗ
19 октомври 2021

Заев со писмо до членството апелира за мобилизација и обединување, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повика на здружена опозиција со цел рушење на Владата.

https://p.dw.com/p/41rfN
Kombobild Zoran Zaev und Hristijan Mickoski

Власта и опозицијата ги збиваат редовите предвториот круг на локалните избори коишто треба да се одржат на 31 октомври. И едните и другите повикуваат на обединување, за да ги зголемат шансите на своите кандидати, кои ќе се борат за градоначалничката функција.  

Писмото на Заев 

Лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, испрати писмо до членството во кое го повикува да се мобилизира во деновите пред гласањето. Во него тој пишува дека ја разбрале пораката на граѓаните и дека ќе направат дополнителни промени.

„Граѓаните во првиот круг на овие избори ни пратија јасна порака и ние таа порака мораме да ја слушаме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно“, пишува Заев. 

Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen
Прес-конференција на Зоран Заев по првиот изборен кругФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој повторно повикува на обединување. „Сега е време за обединување затоа што од другата страна се истите насилници и криминалци кои ја уништуваа нашата земја со години. СДСМ греши, но учи и се поправа. ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси. И тука има голема разлика. Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување“, вели Заев во пораката. 

Нагласувајќи дека „за да победи злото доволно е добрите луѓе да не направат ништо“, Заев им пишува на своите сопартијци дека „овој пат нема да набљудуваат и да не прават ништо додека злото се заканува“. „Ќе дејствуваме! Затоа, од секоја општинска организација барам акција“, апелира тој.  

Здружена опозиција 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека резултатите од првиот круг на локалните избори покажуваат дека има сериозно антивладино расположение и незадоволство од власта. Тој денеска повика на здружена опозиција на леви, центар и десни, со цел рушење на владата на Зоран Заев. 

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Христијан Мицкоски повикува на здружена опозицијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Повикувам на здружена опозиција. Заеднички до целта за подобра и нова иднина. Секоја наша разлика во опозицијата е помала од заедничката цел да ја собориме оваа власт за да Македонија оди напред со сите луѓе. Здружена опозиција на леви, центар и десни, со една мисија рушење на оваа Влада. Подавам рака за обединување и здружена опозиција, а тоа и го бара народот на овие избори“, изјави Мицкоски на денешната прес-конференција, на која ги повика граѓаните да излезат во што е можно поголема бројка во вториот круг на изборите на 31 октомври. 

ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од локалните избори освои 22 градоначалнички места, а СДСМ 9. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг ќе се борат за градоначалник во 25 општини. Владејачката СДСМ во вториот круг ќе има кандидати во 32 општини плус Град Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ во 28 општини. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема