Заев и Мицотакис со желби за продолжување на соработката
8 јули 2019Македонскиот премиер Зоран Заев во телефонскиот разговор со новиот премиер на Грција, Киријакос Мицотакис, му ја честитал победата на парламентарните избори во Грција и му посакал просперитет и благосостојба на јужниот сосед, соопшти денеска македонската влада. Двајцата премиери, како што се нагласува во соопштението, заеднички изразиле надеж за продолжување на соработката меѓу Северна Македонија и Грција.
Заев ги потврдил позициите дека Грција е „стратешки партнер на Северна Македонија“ со којшто „се развива соработка“ и се гради „трајно пријателство“ и изразил благодарност за поддршката којашто земјата ја добива од Грција за членството во НАТО и за почетокот на преговорите со ЕУ.
На крајот на соопштението се додава и дека „премиерот Заев упатува во оваа прилика голема благодарност до досегашниот премиер на Грција и лидер на Сириза, Ципрас, за соработката со која беа поставени темели на трајно пријателство меѓу нашите земји и за визијата со која беше поставена основа за еден нов Балкан од кој зрачи мир, како и за храброста со која заеднички се вложија да го решат спорот кој 27 години ги попречуваше билатералните односите меѓу нашите држави и народи“.
Повеќе:
Ципрас и Заев изградија цврсти темели, ќе го издржат ли Мицотакис?
Грција: Промена на власта среде одмори
Киријакос Мицотакис денеска на инаугурацијата во Атина оцени дека „тешката работа почнува денеска“. Неговата партија Нова Демократија на изборите освои речиси 40 проценти од гласовите и стигна до апсолутно мнозинство во парламентот. Грцита на Нова Демократија ѝ дале силен мандат „за таа да ја промени земјата“, изјави Мицотакис. Новата влада на Грција треба да биде инаугурирана утре, а во среда треба да се одржи и првата седница на новиот кабинет.