План во 15 точки за борба против корупцијата
2 март 2021Oбвинителството ќе се дигитализира за да се забрза процесуирањето на пријавите, за да не се случи предметите да стојат во фиока. Промени следат и во Управата за водење матични книги на родени, со што сите документи ќе се вадат онлајн. Во план е и зајакнување на регулативата за укажувачите, со цел да се зголемат пријавите за противзаконски постапувања. Укажувачите ќе бидат подобро заштитени, а сите институции ќе мора да назначат овластено лице за прием на пријави доставени за постоење евентуална корупција.Ова е дел од усвоениот план за борба против корупцијата наречен „Акција 21“ кој што го најави Владата.
-повеќе на темата: Кој не чува од чуварите?!
Идејата, којашто ја презентираа денеска премиерот Зоран Заев и вицепремерот задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, е со акциски план да се менува перцепцијата за борбата против корупцијата. Тие презентираа план со 15 точки коишто предвидуваат конкретни мерки, законски измени и нови механизми кои им се ставаат на располагање на граѓаните и антикорупциските институции за поефикасна битка со криминалот и корупцијата.
Демонтажа на поранешниот систем
Планот којшто ги презентираше Владата доаѓа по забелешките изнесени во извештајот на „Транспаренси интернешнл“, според кој С. Македонија е на 111. место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година, заедно со БиХ, Монголија и Панама. Тоа е најлошо рангирање од 2001 година откога земјава првпат беше ставена на ранг-листата.
-повеќе на темата: Индекс на корупција: С. Македонија продолжува да тапка во место
За премиерот Заев спроведувањето на овој план ќе спречување на корупција во редовите на актуелната власт. „Одлучни сме и дојдено е времето во целост да ги демонтираме режимските остатоци кои го скапуваат системот, а да ги воздигнеме службите кои чесно им служат на граѓаните. За ваквите злодела, против претходната криминална власт, денеска се водат судски постапки, некои се осудени, некои сè уште се судат. Додека тие одговараат пред лицето на правдата, ние продолжуваме со демонтажа на нивните остатоци во системот“, рече Заев.
Тој додава дека сериозно ги зеле предвид забелешките на „Транспаренси интернешнл“, а со овој план ќе ги охрабрат граѓаните и медиумите гласно да зборуваат за корупцијата, со цел воспоставување ред и дисциплина.
Нова стратегија за финансиски истраги
Со планот е предвидено е електронско поврзување на сите антикорупциски институции на една платформа, поврзување на инспекциските служби, единствен регистар за државна помош, нова стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот. Во план се и мерки за подобрување на работата на јавната администрација, единствен регистар на службени возила, кол-центар за корупција и ненавремено постапување, законски измени за навремено откривање на корупција, како и задолжување на сите институции да подготват годишна програма за антикорупција.
-повеќе на темата: Ќе ја подобруваме перцепцијата или битката со корупцијата?
Вицепремиерот Николовски најави дека следи измена на десетина закони со цел да се олесни процедурата за вадење изводи и документи.
Наскоро ќе има унифицирани веб-страници на министерствата кои ќе бидат услужно ориентирани и според највисоките стандарди за транспарентност, како и дигитализација на обвинителствата. Ќе се воспостави и електронски систем за инспекција ‘Е-инспектор’ кој овозможува електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби под јурисдикција на Инспекцискиот совет. Николовски најави и измени на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.