1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Јанев со пораки од Софија

ДТЗ
17 јуни 2021

Јанев вели дека македонскиот премиер дошол со конкретни решенија за надминување на спорот. Заев порача дека „решението коешто е на маса мора да води грижа за двете страни“.

https://p.dw.com/p/3v67F
Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Фотографија: Government North Macedonia

Македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Стефан Јанев од Софија порачаа дека се отвара прозорец на можности за решавање на отворените прашања меѓу двете земји, со што ќе се отвори патот за европската перспектива на Северна Македонија. Јанев вели дека македонскиот премиер на средбата дошол со конкретни решенија за надминување на спорот, додека Заев порача дека „решението коешто е на маса мора да води грижа за двете страни“. „Само така ќе има успешна реализација“, дециден е македонскиот премиер. По средбата меѓу двајцата премиери и изјавите за медиумите во Софија, тие заминаа да го следат фудбалскиот натпревар меѓу С.Македонија и Украина во рамките на Европското првенство. Јанев вели дека нема дилема за кого ќе навива на натпреварот – кога делегација од С.Македонија е во посета на Бугарија, тој поддршката ќе ја даде за соседната земја.

Пријателски разговор

„Очигледно е дека како добри пријатели и братски народи имаме потреба за почеста комуникација, којашто е од интерес за нас и на регионот во целост“, изјави Јанев по средбата со македонскиот премиер којшто е во посета на Бугарија. Во рамките на разговорите, според Јанев, фокусот бил ставен на европската перспектива на РСМ и можноста за започнување разговори со ЕУ.

-повеќе на темата: Заев, Димитров и Османи во Софија: Желбата е јуни, реалноста е октомври

„Извесно е дека политиката на Република Бугарија до години наназад е јасна – ја поддржуваме перспективата на С. Македонија и на Албанија кон европското семејство. Констатиравме дека во моментов имаме прозорец на можности за да работиме на отворените прашања за исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година. Целта ни е да создадеме атмосфера на пријателство и на дијало, за да се изнајдат прифатливи решенија за проблемот“, рече Јанев, кој информираше дека македонскиот премиер во Софија дошол со конкретни предлози за коишто ќе се разговара.

„Европската перспектива на Северна Македонија и Западниот Балкан во целост е во интерес и на Бугарија, регионот и Европската Унија, но сето тоа треба да биде во рамките на правилата и дијалогот“, порача Јанев.

Билатерален проблем

Македонскиот премиер Зоран Заев е убеден дека средбите во Софија ќе донесат само добро за двата „братски народи“. „Апелирам до Бугарија да и помогне на С. Македонија на патот кон ЕУ. Друга алтернатива нема. Свесни сме дека по 5, 7, 10 години ќе станеме членка на ЕУ, но друга алтернатива за нас нема. Но, најважно е што веруваме во европските вредности и сакаме да ја европеизираме земјата. Апелирам до двата народи да му дадат шанса на добрососедството и братска поддршка да дадат за иднината на двете земји и народи. Тоа им го должиме и на сегашните и на идните генерации“, порача македонскиот премиер.

-повеќе на темата: Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија?

Тој вели дека на средбите во Софија се разговара за решавање на билатерален проблем. „Ако сме одговорни политичари и лидери на нашите народи, наша обврска е да работиме на пронаоѓање решение“, изјави Заев по средбата со Јанев, за кој разговарале за можното решение на проблемот преку патоказот, за работата на мешовитата историска и образовна комисија, но станало збор и за португалскиот предлог за надминување на спорот.

„Постои можност да изнајдеме решение“, дециден е Заев кој смета дека веќе е направен исчекор со тоа што двајцата премиери седнале на заедничка маса и разговарале за изнаоѓање билатерално решение. „Решението коешто е на маса пред нас мора да води грижа за двете страни. Само така ќе има успешна реализација“, вели Заев. Тој најави средба со бугарскиот премиер Румен Радев, но и вечера, на која очекува да продолжат разговорите со можност да се најде инвентивно решение.