1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: или одлука во парламентот или предвремени избори

30 септември 2018

Македонскиот премиер Зоран Заев вечерва на прес-конференција им честиташе на граѓаните и порача дека референдумот бил успешен. Тој го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад бојкотот на референдумот.

https://p.dw.com/p/35l03
NATO Gipfel in Brüssel Zoran Zaev Premierminister Mazedoniens
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Zenkovich

Премиерот Зоран Заев вечерва го прогласи референдумот за успешен и порача дека опозицијата ќе мора брзо да одлучи дали ќе го прифати Договорот со Грција да се изгласа во Собранието или ќе се соочи со предвремени парламентарни избори.

„Очекувам дека за огромно мнозинство од тие што гласале, иднината е јасна. Гласот на пратениците во Собранието треба да биде глас за конечно членство во НАТО и ЕУ и за подобар живот на нашите деца и сите граѓани“.

Заев: Очекувам Собранието да ја следи мнозинската одлука на граѓаните

„Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука, во спротивно ќе треба да употребиме друга демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори“, порача Заев.

„Волјата на  оние кои гласаа треба да се преточи во политичка активност во законодавниот дом“.

Заев оцени дека граѓаните и институциите спровеле мирен и демократски референдумски ден.

„Гласот даден на референдум е конечен и волјата на граѓаните е неприкосновена и мора да биде почитувана од сите“.
Заев директно го обвини раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека стоело зад бојкотот на референдумот со, како што рече, чесни исклучоци.

„Очекувам дека огромно мнозинство го избраа европскиот пат за европска Македонија“, рече Заев.

„Ќе продолжам да ја водам земјата напред. Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ“.

Повеќе:

Грција го чека исходот во Македонија

„Руската врска“ на бојкотирачите во Македонија

Паднаа маските: ВМРО-ДПМНЕ отворено повика на бојкот!

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), до 18:30 часот на гласање излегле 620.077 гласачи или 34.72  отсто од вкупниот број запишани избирачи.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски оцени дека изборите поминале во добра атмосфера со неколку инциденти.

На референдумот граѓаните имаа можност да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го бојкотираше референдумот изразувајќи на тој начин, според партискиот портпарол, незадоволство од постигнатиот Договор со Грција за името. Сепак, дел од пратениците на партијата, меѓу кои и координаторот на пратеничката група, Драган Данев, пратеничката и претседателка на партиската Унија на жени, Даниела Рангелова и пратеникот Крсто Јовановски, гласале, исто како и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.