Заев бара оставка од Груевски и преодна влада
11 март 2015„Фрапирани сме од ова што го слушнавме“... „Ова е слика за една болна и перверзна сегашност, за нелуѓе кои ни ја киднапирале сегашноста и подготени се да ни ја прокоцкаат и иднината... „Не можам да поверувам дека вршеле таков монструозен притисок и уцени за секој изборен глас“...„Па дури и Тоше Проески не го оставиле да почива во мир. Срамно и бедно“...
Ова се само дел од реакциите на многубројните граѓани на Скопје кои вчеравечер (10.03) ја преполнија Универзалната сала во Скопје, а уште толку под чадори на силниот дожд останаа надвор и на видео-бимови ја проследија трибината „Вистината за Македонија: Изборен грабеж“ организирана од СДСМ. Заминаа со пораката што по презентацијата на прислушуваните разговори ја упати лидерот на СДСМ: „Владата на Никола Груевски веднаш да поднесе оставка“, побара Заев и ги соопшти и другите барања на СДСМ и здружената коалиција.
„Обвинителот Марко Зврлевски веднаш да поднесе оставка. Раководството на МРТВ да поднесе оставка. Да се формира преодна влада која ќе обезбеди услови за фер и демократски избори. Нејзина обврска ќе биде да обезбеди и целосно одвојување на владејачките партии од институциите и нивно департизирање. Во преодната влада не смее да биде ниту едно лице инволвирано во криминални активности. Паралелно со тоа, ќе мора веднаш да започне јавна, транспарентна и непристрасна истрага за масовното прислушување со вклученост на меѓународната заедница. Политичките последици од овој процес ќе бидат уставно заздравување на државата“, рече Заев, чиј говор беше дочекан со овации и бурни аплаузи.
ВМРО-ДПМНЕ: Заев уценува
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во текот на ноќта преку соопштение оцени дека Зоран Заев и СДСМ покажале дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани и менувани разговори по телефон без никаква автентичност и оти СДСМ не е ништо повеќе од прислужник на сценарио кое има цел да ја дестабилизира Македонија.
„СДСМ има цел да го сруши угледот на државата, да ја преземе власта без поддршка од граѓаните, а на своите наредбодавачи да им помогне да ја урне Македонија на коленици пред барањата и уцените на тие странски центри кои воопшто не и мислат добро на Македонија“, се вели во соопштението од партијата.
Кражба на изборен материјал
На обраќањето на Заев му претходеше презентација на неколку десетици разговори меѓу, како што се вели, членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и министри во Владата. Во нив доминираа разговори кои сведочат за договарање изборни измами: 300 фиктивни семејства да гласаат во Струмица и Ресен, а како што наводно вели министерката Јанкулоска, „работата да се заврши брзо, за да не се разбере дури до Шпанија“. Министерот за транспорт, Миле Јанакиески, кој најмногу доминира во разговорите, наводно го информира директорот на УБК, Сашо Мијалков, дека „Коста од Општинскиот изборен центар успеал да земе 4-5 оригинални избирачки списоци“, од кои можат да видат кој гласал кој не, за да можат да вршат притисоци во вториот круг. Тој, според презентираните снимки, од Мијалков бара некој од МВР стручно да ги отвори запечатените вреќи со другите избирачки списоци кои се во депо, а за кое власта има клуч. Јанакиески на снимките го фали Амди Бајрам дека успеал да најде други лица да гласаат во име на оние што починале во 2012 година, а не се отстранети од избирачкиот список. Според разговорите презентирани од СДСМ, Јанкулоска во разговор со Ставрески признава дека сите ресурси се впрегнати за победа во општина Центар, но и двајцата констатираат дека „тоа не е во ред“ и дека „веќе им се смачило“. Освен тоа, од разговорите се слушна и дека Јанакиески се грижел дали е под контрола гласањето на затворениците, а бара и гаранции дека осум, штотуку полнолетни лица од Дом за деца без родители ќе гласаат за власта. Шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер, наводно бара од Јанкулоска „да замижи“ на фактот што тој ќе позајми 4-5 луѓе од МВР, кои му требале на неколку дена за да ги среди работите во Охрид. Таа го прашува: „Кај ги најде најголемите вагабонти од МВР да ги земеш?“ По неколку дена, кога тие лица заради инциденти се пријавени во внатрешната контрола на МВР, Јанкулоска и‘ сугерира на, како што велат од СДСМ, надлежната за таа постапка „тие да бидат прогласени за чисти“. „Се знае дека нашите мора да бидат чисти“, и‘ одговара службеничката. Во разговорите доминираат наредби и за механичко исклучување на лифтовите во висококатниците за да не можат возрасните во Центар да излезат на гласање, потоа да се запали кафеана на поранешен полициски началник деградиран во „обичен џандар“ затоа што не бил нивен, како и најава дека имаат поранешен член на СДСМ кој се нафатил да биде озвучен за да му нуди пари на лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски. Се обелоденува и дека фирмата што најмногу ги гради објектите од „Скопје 2014“ ќе ја плати фактурата за авионскиот превоз за гласачи од дијспората. Министерот Муса Џафери во разговор со Мијалков наводно бара да се изврши притисок врз судијка во Управниот суд за одреден изборен предмет, Мендух Тачи, според снимките, му ги нуди своите услуги на директорот на УБК, а во друг разговор ја прифаќа неговата директива да гласаат за поништување на изборите во Струмица, по што му се јавува на членот во ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими да ја заврши таа работа. Во разговорите се бара од вработените во институциите да обезбедат по 15-до 20 гласачи за власта, а ако нивните раководители не обезбедат такви списоци, Јанакиески бара јасно да им се каже дека се „под закана за бркање“. Од таквите притисоци не било поштедено дури ни семејството на македонската музичка икона Тоше Проески. Јанакиески, лут што семејството Проески било „против власта“, според снимките, и‘ сугерира на министерката за култура: „Па, да го затвориме музејот. Да не им даваме 3.000 евра!“
„Готово е“!
Пред присутните свое обраќање имаа и заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, Генералниот секретар Оливер Спасовски и минатогодишниот претседателски кандидат Стево Пендаровски. Тројцата беа дочекани со бурни аплаузи. Пендаровски повика на сенародна коалиција, која за „еден до два месеца ќе му каже збогум на режимот и на диктатурата“.
Лидерот на СДСМ соопшти и дека цела година бил под посебни истражни мерки, бидејќи власта сакала да му намести случај, сличен како оној во кој беше осуден Љубе Бошкоски. За таа цел, како што рече Заев, власта ангажирала бизнисмен од Струмица кој требало да му даде пари. Тој нагласи дека нема да го крие името на човекот кој соработувал со власта - станувало збор за Иво Сачивалиев од Струмица, сопственик на струмичка конзервна фабрика. Заев му се јавил на Сачивалиев и го информирал дека знае за неговата намера, а случајот го документирал и архивирал.
Додека траеше трибината на СДСМ, МВР, пак, соопшти дека Заев е осомничен дека во периодот од ноември 2013 до денес му барал на лице од Струмица „подарок од значителна вредност во износ пресметан од по две евра за еден метар квадратен за градежно земјиште во Струмица, за кое оштетениот бил заинтересиран да го приватизира“. Според МВР, се работело за земјиште од 100.000 квадратни метри, што значи дека Заев побарал мито од 200.000 евра, наводно, со цел половина од парите да му бидат дадени нему, а половина за изградба на црква во Струмица.
„Пропадна и 'пучот' и последната местенка“, оцени Заев. Ги повика граѓаните да се обединат во враќањето на слободата и демократијата, а на власта и‘ порача:
„Да не помислат да прават раздор, немири, да уценуваат и да подготвуваат црни сценарија. Нема да дозволиме дестабилизација на Македонија. Нема враќање назад. Готово е, Груевски!“