Заев очекува решение за спорот за името до јули
8 јануари 2018Македонија и Грција имаат добра шанса да го решат долгогодишниот спор до јули годинава, изјави Заев за Алфа.
„Верувам дека е можно да се најде решение до крајот на првата половина на 2018“, вели македонскиот премиер. Агенцијата Франс прес, во веста за интервјуто наведува дека Заев, по изборот на функцијата минатата година, го заложил својот политички капитал на решавање на спорот со Грција, затоа што тоа би значело влез во ЕУ и НАТО за земјата.
Во интервју за грчките медиуми во саботата, премиерот Алексис Ципрас исто така рече дека „2018 е година за одлуки кои треба да ја оправдаат водечката улога на Грција на Балканот“.
Преговарачите од двете земји одново ќе се сретнат во Њујорк на 19 овој месец со посредство на медијаторот Метју Нимиц.
Останува неизвесно која ќе биде позицијата на двете најголеми опозициски партии во Македонија и Грција, ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија во однос на преговорите и можниот исход од нив. Обете партии се жалат дека се исклучени од процесот.
Повеќе здруженија во Грција веќе најавија и протести против користењето на името Македонија од страна на северниот сосед. Во Македонија, од друга страна, останува отворено прашањето дали евентуалниот договор со Грција ќе мора да биде потврден и на референдум.