Заев бара од СДСМ оставката да му се ефектуира во вторник
19 ноември 2021Зоран Заев очекува од вторник да го почне заминувањето од премиерската и претседателската функција во СДСМ. По завршувањето на состанокот со лидерот на Алтернатива Африм Гаши во петокот, се уште актуелниот премиер најави дека ќе побара од партиските органи неговата оставка- најавена по вториот круг на локалните избори да се ефектуира во вторник.
„Ќе побарам да биде свикан Централниот одбор во вторник за да се констатира оставката и да почне веднаш постапката за избор на нов претседател на СДСМ“.
„Сите што прават драми и го лажат народот, еве зборот е збор“, рече Заев алудирајќи на критиките од опозицијата.
Заев потврди дека заминувањето е конечно и во иднина, и партијата и владата треба да добијат нов предводник, а функциите, според него, треба да ги преземе една личност.
- Нема договор меѓу Заев и Гаши, владиното мнозинство и натаму неизвесно
„Моето искуство ми кажува, и јас посакувам новиот лидер на СДСМ да биде и претседател на владата.
До 14 декември нема да стигнеме со избор на нова влада и нов мандатар на владата. Овој период СДСМ треба да го искористи да го избере својот претседател“, рече Заев.
„Ако се успее во овој период, а верувам дека може да се успее, затоа што роковите се доволни за СДСМ да избере претседател, и верувам дека тој треба да биде новиот мандатар.“
Според Заев, во СДСМ досега не се разговарало за новиот мандатар. Фактот што на состанокот со Гаши дојде со актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски, Заев одби да го коментира иако токму тој се споменува како негов можен наследник и во партијата и во владата.
Одлуката за тоа, рече Заев, треба да се донесе на внатрепатриски избори во СДСМ.