Заев со повик до ЕУ-колегите за поддршка
26 јуни 2018Одлуката за старт на пристапните преговори ќе значи „признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс“, се вели во писмата на премиерот Заев упатени до европските колеги и се додава:
„Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор“.
Заев, информирајќи за чекорите што треба да се преземат за да се обезбеди стапување во сила на договорот за решавање на спорот за името, наведува дека со нетрпение ја очекува „драгоцената поддршка за донесување на одлука за отворање на преговорите за пристапување на Република Македонија со ЕУ на претстојниот состанок на Европскиот совет“.
„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнува македонскиот премиер.
Агенцијата Ројтерс денеска цитирајќи неименуван дипломат во Луксембург, каде заседаваат министрите за надворешни работи на Унијата, јави дека холандската влада не сака да направи потег пред Франција по прашањето на датумот за преговори и дека за прашањето можеби ќе се решава во четврток, за време на вечерата на лидерите на ЕУ во Брисел.