1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев ќе се согласи на едномесечно одложување на пописот

ДТЗ /ДВ
3 февруари 2021

Во исто време кога ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива за укинување на Законот за попис, премиерот не ја отфрли идејата на претседателот накусо да се одложи пролетниот попис за да се постигне политичко единство.

https://p.dw.com/p/3opLR
Passanten in der Fußgängerzone
Фотографија: picture-alliance/dpa

Одложување на пописот за еден месец е опција само во насока на постигнување широк политички консензус и откажување од тивкиот бојкот што го заговара опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Зоран Заев денеска позитивно одговори на идејата на шефот на државата Стево Пендаровски, пописот да се одложи за еден месец, но само доколку ВМРО-ДПМНЕ притоа ги запре процесите за блокада на неговото одложување. 

Заев: Вредно е за размислување

„Го видов и предлогот на претседателот на државата Пендаровски да се одложи пописот за некој месец. Во ред, јас сум секогаш спремен, сè е вредно за размислување. Летото знаеме дека попис не се спроведува, септември е кампања, октомври е изборен период за локални избори и да размислите за месец-два да завршиме некаде до средината на јуни веќе гледаме дека опозицијата тоа го одби. Затоа уште еднаш ќе ја испратам пораката да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот“, посочи Заев на денешната прес-конференција, по новинарско прашање за предлогот на претседателот Стево Пендаровски за тоа да се одложи пописот. 

Ставот на Заев е дека пописот може да се одложи најдоцна до мај и да заврши заклучно со јуни годинава, пред да почнат летните одмори. Но одложување би имало само доколку и ВМРО-ДПМНЕ го прифати неговото одржување. 

- повеќе на темата: Пендаровски нема против пописот да се одложи „за мај или јуни“

Шефот на државата синоќа порача дека политичката поларизација ја уназадува државата и е најголема пречка за нејзиниот напредок. Вели дека пописот не може да се „штелува“ „Политичката поларизација ја уназадува државата. Место да ги споиме сите потенцијали, ние ја растураме енергијата, една рака народ останавме во државата. (…) Проблем ли е да се одложи пописот, да не се повикува на бојкот, нека биде мај или јуни, но да си подадеме рака“, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „Отворено“ на ТВ24.

Nord-Mazedonien Übergabe des Mandats zur Regierungsbildung
Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев на иста линија - се размислува пописот да се одложи за мај или јуниФотографија: DW/P. Stojanovski

Евентуалното одложување, Пендаровски го става исклучиво во игра како можност за политичко помирување во земјата. Според него, небулозно е тврдењето дека можат да се штелуваат процентите на етничката застапеност на пописот. Ако воопшто е можно, тогаш поголема е шансата тоа да се случи доколку се прави електронски попис, а не од врата на врата како што се планира сега, смета шефот на државата.

Потребна е политичка одлука

За да се одложи пописот потребна е политичка одлука, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за МИА. Сепак, тој прашува на што би се засновал тој предлог за одлагање на пописот и дали има некаква проценка дека во јуни или во јули ќе заврши пандемијата со ковид-19 или состојбата ќе биде поинаква.
„Собранието донело Закон за одржување попис. Пропишало рокови за сите и во овој момент сметам дека беспредметно е да се излегува со размислувања вакви или онакви. Ако сметаат дека треба да се одлага, тогаш треба политичка одлука за тоа. Таа политичка одлука треба да се преиначи во законско решение“, вели Џафери и додава: „И за колку време би се одлагал тој попис? Според она што го слушам да се одлага за јуни или јули. На што се заснoва тој предлог? Во контекст на Ковид, што би значело тоа. Има некој информација дека во јуни, јули ќе заврши пандемијата па ќе можеме да го спроведеме или пак ќе дојдеме во празнина законска и тогаш уште да влеземе во правен хаос. Што ако не се одржи во јуни или јули ако предусловите се и тогаш како што впрочем и беа за изборите 2020 година оти проценивме јуни-јули ќе биде ситуацијата поинаква. Да, беше поинаква само во негативна конотација“. Според него, политичкото искажување како такво не е доволно за одлука.

-повеќе на темата: ВМРО-ДПМНЕ условува, Пендаровски нуди компромис за пописот

„Има закон или ќе се приклучат сите да го извршуваат законот или ќе се случи тоа што најавуваат дека ќе се случи. Едни најавуваат дека собираат потписи, други викаат ќе спроведеме закон, трети викаат некои други предуслови. Тоа е веќе политичка дебата на која јас како претседател на Собранието не би сакал да се вклучам. Надлежностите на Собранието беа да се донесе закон“, вели Џафери. Според претседателот на Собранието, Законот за попис овозможува тој да биде соодветно спроведен и секој граѓанин кој ги исполнува условите да биде попишан, а толкувањата во однос на пипадниците на етничките заедници вели дека се прават за политички цели.

ВМРО-ДПМНЕ со своја агенда 

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја започна постапката за укинување на Законот за попис, со цел пописната операција да биде одложена. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски во просториите на Државната изборна комисија ја достави иницијативата за собирање на потписи за укинување на Законот за попис. На прес-конференцоија рече дека тоа е неопходно во услови кога во Македонија епиемијата не запира, а земјава е на врвот на листата според број на заболени и починати. 

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Христијан Мицкоски повика пописот наместо во април, да се одржи идната година со цел граѓаните да не се изложуваат на опасност од заразување со коронавирусФотографија: Petr Stojanovski

Тој повторно повика пописот наместо во април, да се одржи идната година со цел граѓаните да не се изложуваат на опасност од заразување со коронавирусот. Смета дека преку комплетно електронски попис ќе се избегне недовербата во резултатите и ќе се избегне двојниот потпис во Заводот за статистика.

-повеќе на темата: Ќе покаже ли пописот колку луѓе се иселени од Македонија

„Сведоци сме дека голем број на држави во регионот, Бугарија, Србија, Хрватска, но и Романија и Германија, водејќи сметка и грижејќи се за здравјето на граѓаните, одлучија да го одложат пописот за наесен или за напролет следната година. Бидејќи кај нас пописот е невозможно да се случи есента 2021 година поради локалните избори и кампањата која што тогаш ќе се случува, апелираме до Владата, Собранието на разум, да се грижат за здравјето на граѓаните и да го одложат пописот за пролета 2022 година. Ништо нема да се промени доколку се одложи за неколку месеци", рече Мицкоски.