1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот договорен, се чека изборот на специјален обвинител

Катерина Блажевска15 септември 2015

По цела ноќ преговори, утрово е договорен нов закон за идниот специјален обвинител во Македонија. Разговорите продолжуваат за кадровскотото решение за таа функција.

https://p.dw.com/p/1GWX4
Фотографија: picture-alliance/dpa

По 17- часовни долги и тешки преговори, рано утрово по шест часот е договорен целосно нов закон (lex specialis) со кој се уредуваат мандатот, надлежностите и позицијата на идниот специјален обвинител, дознава Дојче веле од извори во преговарачкиот процес. Според Договорот од 2 јуни/15 јули специјалниот обвинител треба да биде именуван најдоцна денеска.

Засега не се откриваат детали, но според нашите извори, она што е договорено е измината ноќ е одлична законска основа која гарантира целосна автономија во работата на идниот специјален обвинител.

„Мислам дека имаме одличен закон. Специјалниот обвинител сам ќе одреди колку обвинители треба да му помагаат во извршувањето на работата. Ќе има целосна самостојност и исти права и надлежности како сегашниот државен јавен обвинител. Тој сам ќе го предложи финансискиот план за неговата работа, кој треба да му биде одобрен. Во текстот на предлог законот се предвидени и многу други детали, и сите водат во насока на непречено и самостојно функционирање на оваа институција“, објаснува нашиот извор.

Како до најдобар избор?

Членовите на работната група изминатата ноќ ја поминаа во Клубот на пратениците, а според најавите таму ќе го поминат и претпладнето, во очекување да постигнат договор и за личноста на која ќе и биде доверена оваа значајна функција. Разговорите продолжуваат околу методологијата за избор на специјалниот обвинител - кои критериуми да преовладуваат при изборот на најсоодветна личност за новата функција. Иако во јавноста протекоа информации дека актуелната обвинителка од Гевгелија, Катица Јанева ќе биде новиот специјален обвинител, меѓутоа од работната група до 8:30 утринава не даваат потврда за нејзиниот избор, со став дека за изборот допрва ќе се разговара.

Партиите добиле задача на белгискиот експерт и посредник во разговорите, Питер Ванхауте, да му достават по пет кадровски предлози за функцијата специјален обвинител. Некои од партиите дале и повеќе предлози, со цел да има што поголем и поквалитетен избор. Во случај да не може да се постигне договор меѓу партиите, листа со предлози имале и амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, кои посредуваат и го мониторираат преговарачкиот процес.

Токму под нивен силен притисок и со максимално залагање на Ванхауте за запазување на крајниот рок за избор на специјален обвинител, долгите преговори завршија со договор за законското решение. Тројката Орав-Бејли-Ванхауте вчера најпрво имаше одвоена средба, по што седна на заедничка маса со претставниците на четирите партии. Во тимот на СДСМ беа Радмила Шекеринска, Рената Десковска, Оливер Спасовски и Цветанка Иванова, а во тимот на ВМРО-ДПМНЕ: Никола Попоски, Никола Тодоров, Билјана Бришкоска -Бошковска и Антонио Милошоски. На состанокот ноќеска присутни биле и лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

Иако до полноќ немаше никакви најави за напредок во разговорите, под дипломатски и под притисок на роковите, рано утрово бил направен големиот исчекор.

Посредничкиот притисок бил насочен најмногу кон претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои, според дипломатски извори, во изминатите денови „не го почитувале претходно договореното“, па се изгубило многу време во ново прецизирање на клучните аспекти.

Со оглед дека е постигнат договор за предлог закон за специјалниот обвинител, а со цел да се испочитува рокот, се очекува тој денеска да се најде во собраниска процедура.

Mazedonien Krisengespräch in Skopje
Фотографија: MIA

Во петок доаѓа Хан

Од изборот на специјалниот обвинител и почитувањето на роковите, зависеше дали еврокомесарот за проширување и за соседска политика Јоханес Хан ќе означи старт на дијалогот на високо ниво. Се очекува тој во петок да допатува во Скопје за обновување на претпристапните преговори на високо ниво со ЕУ (ХЛАД). За таа цел предвидено е да има средба со Националниот совет за евроинтеграции, а потоа и работен ручек со премиерот Никола Груевски. На работниот распоред на еврокомесарот е и пленарната седница за ХЛАД, на која ќе биде разговарано за правосудството, дискриминацијата и за малцинствата, слободата на медиумите, деполитизацијата на јавната администрација, како и за изборните реформи. Работната посета Хан треба да ја заврши со затворена средба со претставниците на граѓанскиот и на невладиниот сектор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи