Очите на Балкан се свртени кон Берлин
3 јули 2020„Сакам да бидам дел од Европската унија, а не да емигрирам таму. Сакам општество кое живее и дише според вредностите на ЕУ." Вака Теодора Цветковска од Северна Македонија ги опишува своите очекувања од германското претседателство со ЕУ. Иако многумина од шесте земји од Западен Балкан веројатно би го потпишале ова, прашање е дали шестмесечното германско раководење со ЕУ навистина може да се погрижи за бројните проблеми на Западен Балкан.
Канцеларката Ангела Меркел јасно даде на знаење кои се приоритетите на германското претседавање со ЕУ: на самиот врв е соочување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, вклучувајќи ја обновата на погодената европска економија, како и Бергзит.
Сепак, шесте земји од Западен Балкан - Северна Македонија , Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, имаат огромни очекувања од новата улога на Берлин, кои меѓутоа ни во теорија не можат да се исполнат.
Албанија и Македонија имаат најдобри шанси да напредуваат – во своите напори за побрзо приближување кон ЕУ. Германија за тоа се залага веќе подолго време. Но, во минатиот октомври ги забавија Франција, Холандија и Данска со својот став дека нема пристапување без далекусежни реформи во земјите-кандидати и дека е тоа можно дури по темелна реформа на структурите на ЕУ. Во реакција типична за ЕУ, критериумите за пристап се козметички ревидирани и на Скопје и Тирана во март конечно им беше дадено зелено светло.
Економска поддршка
Многу балкански држави се потпираат на Европската унија, а посебно на Германија, заради финансиска поддршка за важни инфраструктурни проекти: на пример железничка врска меѓу Ниш и Приштина, изградба на автопат во БиХ по должината на европските транзитни коридори и изградба или проширување на гасоводите и нафтоводите меѓу земјите од југоисточна Европа, за конечно да бидат приклучени.
И децении по падот на комунизмот во регионот, државите се и натаму сиромашни. Месечните заработувачки едвај достигаат 500 евра, невработеноста е висока, стандардот и потрошувачката ниски. Затоа дознаките на роднините кои привремено или трајно емигрирале на Запад се од витално значење за опстанокот. Речиси девет проценти од брутодомашниот производ на овие земји во просек е покриен со овие дознаки.
Но, дали роднините во странство ќе имаат работа со оглед на короната и дали ќе можат да праќаат пари дома? И дали Германија ќе продолжи да се залага дури и на неквалификуваните луѓе да им биде дозволено да доаѓаат и работат привремено?
Самоуверена младина
Затоа олеснување на патувањата е на врв на листата на желби на сите балкански земји. Тоа посебно се однесува на младите луѓе. „Дел сум од Европа, иако мојата земја уште не е дел од ЕУ", самоуверено велат младите, не само на Косово. Често се додава: „Загубивме доверба во нашата политика и се надеваме на ЕУ." Цивилните општества сѐ повеќе критикуваат што Брисел не успеа да се спротивстави на сѐ поавторитарните владини структури. Слободата на медиумите и слободата на мислење се на прво место.
Проблем на политиката на ЕУ на Балкан отсекогаш била фрагментацијата на надлежноста. Одамна сите 27 земји не влечат заедно на иста страна. Покрај тоа, изборот на функционери во Брисел често наидува на неразбирање.
Повеќе:
Тачи се надеваше дека Вашингтон ќе го спаси
Мас до Белград и Приштина: Ако сакате во ЕУ, ќе преговарате со ЕУ
На пат до ЕУ со реформи, добро управување, добрососедство
Релјиќ: Промените во ЕУ-методологијата се козметички
Така, Шпанецот Жозеп Борел е одговорен за Балканот. Негов пратеник за тој регион е бившиот словачки министер за надворешни работи Мирослав Лајчак. Меѓутоа, бидејќи Шпанија и Словачка од внатрешнополитички причини одбиваат да го признаат Косово според меѓународното право, шансите за искрена рамнотежа на Србија и нејзината сега независна, а бивша покраина не се многу добри.
Компликувана ситуација
Во последно време, САД, кои на Балканот следат свои цели, во тој регион сѐ повеќе ја предизвикуваат ЕУ. Целите на САД често не се во согласност со идеите на Брисел. Најнов пример е стариот судир меѓу Србија и Косово.
САД, како долгогодишен посредник, буквално го собраа кајмакот кога на 27 јуни, без координација со Брисел, ги повикаа лидерите на двете спротиставени земји во Белата куќа. Спектакуларниот состанок пропадна само затоа што американскиот по потекло обвинител од Меѓународниот суд за Косово во Хаг ненадејно објави обвинение против косовскиот претседател Хашим Тачи. Тој, според прелиминарното обвинение, како бивш водач на бунтовниците, заедно со други обвинети, се товари за убиство на стотина луѓе во граѓанската војна 1998/1999 година. Со тоа ЕУ се враќа во игра. Во јули лидерите од Србија и од Косово ќе разговараат во Париз, а тоа е планирано во Брисел.
Во оваа меѓународна ситуација тешко е доаѓање до темелен напредок во решавањето на големите проблеми на Балкан. Со оглед на тоа што главните политичари во овие земји, кои често владеат со децении, безброј пати ветуваат реформи и модернизација, а потоа ги кршат тие ветувања, ЕУ и по германското претседавање со Советот на ЕУ, мора да се потпре на младите. Зашто, „ако не го решите тоа, сите ќе дојдеме во Германија", вели една самоуверена млада жена од БиХ. И сигурно не се шегува.