Западните сили нападнаа цели во Сирија
14 април 2018Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бомбардирањето е наредено како одговор на нападот со хемиско оружје во местото Дума, кој го изведе, како што Трамп го нарече, „монструмот Асад“,мислејќи притоа на сирискиот претседател.
Нападот на западните сили беше извршен во 4 часот наутро по локално време и очевидци говорат дека целото небо над источен Дамаск било обоено портокалово. Цел на нападот биле магацини, истражувачки центри и сириски капацитети за хемиско оружје.
Пентагон соопшти дека во нападите со крстосувачки ракети се погодени три локации поврзани со производството на хемиско оружје. Рускиот амбасадор во САД порача дека нападот нема да остане без последици.
Повеќе:
-Вистинските мотиви на Трамп во Сирија
-Германија не учествува во судирот во Сирија
-Кој и за што сака да војува во Сирија?
Според соопштението на вооружените сили на Сирија, испалени биле околу 110 ракети а сириската противвоздушна одбрана, според сопствени наводи“ успеала да уништи десетина, пред тие да ја погоат планираната цел. Во нападот на истражувачкиот центар Барсех во близина на Дамаск е предизвикана само материјална штета а во нападот врз воената база кај Хомс , противвоздушната одбрана ја променила насоката на ракетите, така што биле повредени три цивили, соопштија властите во Дамаск.
Според зборовите на близок соработник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, Русија уште пред неколку дена ја предупредила Сирија не само дека ќе дојде до напад, туку и каде и кога ќе биде извршен. Така што воените постројки одамна биле евакуирани.
Нападот врз Сирија е најголема интервенција на западните сили против Асад за време на седумгодишната граѓанска војна во земјата. Британската премиерка Тереза Меј потврди дека во акцијата учествувале и британските вооружени сили истакнувајќи дека во моментов нема делотворна алтернатива за воената сила. Од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, истотака беше потврдено француското учество во нападот, кој според наводите од Париз е завршен и нема да има други напади. Француските и западните сили меѓутоа остануваат во висока борбена готовност.