1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заратрустра ли зборуваше. Или Крсте Црвенковски

19 февруари 2022

Колку и да изгледа чудно, не беа барањата на опозицијата за предвремени избори и хаосот во Собранието политички настан на неделата, туку едно обраќање на Крсте Црвенковски од 1968 година. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/47H4h
Македонско-бугарските односи сега, како и со месеци, години и децении наназад се од по трње
Македонско-бугарските односи сега, како и со месеци, години и децении наназад се од по трњеФотографија: Reg. Nordmazedonien

Изгледа нема поексплозивен политички настан во последно време од онаа 20-минутна снимка што Сашо Ордановски ја пушти во „Утрински брифинг“ пред некој ден, во која Крсте Црвенковски, првиот човек на македонските комунисти (што значи и лидер во тогашната Социјалистичка Република Македонија), им се обраќа во Собранието на делегатите за да им ги соопшти неговите ставови за последните настани (период од три-четири години) во односите со Бугарија. На Југославија со Бугарија, а во рамките на тоа, и на Македонија со Бугарија.

Настрана од тоа дека она што го зборуваше Црвенковски за односите со Бугарија како да изгледа оти се случувало вчера, некни, пред две недели, пред седум месеци – на оние што знаат и паметат јасно им е дека одот по трње меѓу двата народи и држави е со децении наназад.

Неколку работи од тоа обраќање од февруари 1968 година од денешна перспектива изгледаат зачудувачки за многумина, особено за оние кои имаат неверојатни предрасуди за комунистичкото минато на државата Македонија. Не е спорно дека тоа е време кога владее само една партија, кога таа е срасната со државата (или државата е претопена во неа) на многу места.

Говор како образец

Една од работите што паѓа во очи во таа подолга снимка извлечена од архивите, е спартанскиот изглед на главната собраниска сала. Од скромно – поскромно. И како тогашниот претседател на Собранието, Мито Хаџивасилев – Јасмин (по кого е крстена најважната награда во македонскиот журнализам и публицистика), се преместува од едната страна на столицата на другата, слушајќи како прецизно зборува Црвенковски.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Повеќе од авторот: Торнадото „Гоце Делчев“ пак удри кај двата соседa

Поважната работа е што овој говор на Црвенковски на неверојатно убедлив начин ги оддувува како ураган сите оние стереотипи за комунистичките раководители како партизирани луѓе кои не знаат ништо повеќе од она што им го сервира партијата. И што прв пат по неколку децении јавноста може да види едно парче од мозаикот на тогашната македонска политика. И да даде свој суд од веќе добра дистанца. Без оглед што мислите за социјалистичкото минато на државата ова излагање на Крсте Црвенковски е извонреден политички говор. Можеби и најмногу поради тоа што не се занимава со идеолошките постулати на владеењето (споменати повеќе пати само за да се отслика моментот кој тогаш го живее Македонија), туку со реалниот проблем што државата и македонскиот народ го има со шаблонизираниот систем на негирање, потценување и присвојување од Софија.

Не би можеле да знаеме без подетално истражување дали овој говор го напишал самиот Крсте Црвенковски или него го подготвил некој во службите задолжен за тоа. Во крајна линија, тоа и не е пресудното. Позначајното е што сето тоа што беше прочитано од Црвенковски ја има карактеристика на извонреден политички говор за толку многу важна работа – да се каже јасно она што мора да се каже, тоа да се стави во политички и историски контекст, да се изнесат цврстите ставови на овдешната политика, а при тоа работите да не ја преминат границата на навреди, закани и трескање со врата. Тоа обраќање изгледа за неколку копја повисоко од денешните стереотипни говори на кој и да било политички и државен лидер, полни со празни зборови, вселенски ветувања, приземни навреди и потценување на граѓанството.

Националистите можеби ќе се зачудат од делот во кој Крсте Црвенковски зборува за рамноправноста на сите етнички заедници во Македонија во таа 1968 година, за учењето на мајчин јазик, за обраќањето на мајчин јазик на помалкубројните заедници до државните органи на управата и за длабоко инкорпирираното чувство за Македонија како една мешана сложувалка во која сите се рамноправни. А во која македонскиот народ конечно ја доби својата држава.

Повеќе од авторот:Нашите Бугари и нивните Македонци

И најпосле – дека и комунистите изгледаат како обични луѓе, а не како некои злосторници. Крсте Црвенковски постојано ја брише потта од челото и лицето со бело шамивче, тој изгледа како човек кој треба да го каже она што мора да се каже. Па макар тоа било и со наизглед еднолична дикција, а потоа едноставно да си замине од говорницата. 

Македонското Собрание
Македонското СобраниеФотографија: MAKFAX

Ова не е некоја глорификација на социјалистичките времиња. Да беа тие толку многу добри немаше да отидат на буништето на историјата. Ниту пак глорификација на Крсте Црвенковски, кој во 1974 година по сечата на хрватските и српските либерали ќе биде испратен во предвремена политичка пензија заедно со уште дузина македонски либерали. Овој говор што Ордановски ѝ го предочи на јавноста е најмногу во насока да не се заборава она што беше направено за македонскиот народ и Македонија и во времето на социјализмот, затоа што историјата на независноста на оваа држава навистина почна пред 30 години, но нејзината државност оди многу подалеку – до 1944. Штета што нашите историчари се опседнати и следствено на тоа преокупирани само со истражувањата на последните 40 години од 19. век, подемите и падовите на ВМРО, предавниците, бранителите и убијците во меѓусебните вмровско-македонски пресметки. Современата историја, особено по Втората светска војна, е исклучително важна за македонската државност и изгледа зачудувачки зошто екстремно мал број историчари се занимава со неа. Како да не е посебно важна, или не е популарна – а е токму спротивното, државноста се потпира токму на современата историја.

Диверзантски групи

Да се вратиме на нешто многу попразиачно, на најсовремената историја, онаа од пред десетина дена. Нашиот таен агент Ашенден дури некни ни откри дека прекинот на струјата минатата недела во речиси цело Скопје било навистина диверзија. Тој од своите доушници дознал дека биле видени диверзантски групи со црни ќулавки во скопската населба Пинтија и кај далекуводот во Бунарџик, но не дознал како на овие неранимајковци им успеало да ги расипат изолаторите на високонапонската мрежа. И Скопје да потоне во мрак. Но сепак разбрал дека тоа била многу софистицирана и координирана акција.

Повеќе од авторот: Западните лидери уште се прашуваат: А што би направил Кисинџер?

Прекинот на струјата бил темпиран да се случи токму кога лидерот на опозицијата во свечена атмосфера во елегантната Филхармонија го даваше отчетот на вмровските градоначалници за првите сто дена. И таман Христијан Мицкоски рекол дека „во скопски Аеродром се започна со градба на две нови градинки... и се бришат маркици за градба на згради во густо населените области“, ја снемало струјата. Тајниот агент Ашенден уште истражува дали тоа му било направено намерно на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, за неговите успеси со започнувањето на градбата на две градинки да се загубат во џагорот на темницата и да се заборави на нив, за потоа на светлата на мобилните телефони да се чуе дека „во Гази Баба започна втора фаза од фекалната канализација во населено место Гоце Делчев“. Подмолно, нема што. Успесите на потпретседателот на партијата да се минираат со диверзија на далекуводот. Тој што го планирал тоа го направил со неверојатен политички усет. 

Тајниот агент Ашенден вчера ни достави уште една можеби поспектакуларна информација во која изгледа има голема шпионска приказна. Дека пукањето на изолаторите на далекуводот предизвикало курцлуш и при изготвувањето на предлогот за новиот македонски конзул во Њу Џерси во САД. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сплеткал токму во времето кога Скопје потона во мрак, па не видел оти Јордан Панев е на половина од својот дипломатски мандат во Њу Џерси, па во графата за негова замена случајно се појавило името на младата телевизиска презентерка Бесмира Ејупи. Ашенден вели дека тоа сигурно било напишано со невидливо мастило (таа преубава алатка од шпионските приказни) кое се појавува во темница. За после Османи да се најде во небрано, да се избламира и да му се поткопа раководењето на Министерството.

Седиштето на македонското министерство за надворешни работи
Седиштето на македонското министерство за надворешни работиФотографија: DW/P. Stojanovski

Тоа била многу умешно смислена стратегија, оценува Ашенден – другите членови на Владата кога дебатирале во затворениот круг се прават дека ништо не забележале (можеби кај нив не се појавило невидливото мастило), за после целиот товар да се префрли на рамењата на Османи. А колегите од Владата да останат невини и после да ја исправаат неговата грешка. А, всушност, било шпионско подметнување.

Ашенден вели дека за овој потфат била ангажирана друга диверзантска група кај далекуводот. Тие внимателно следеле што прават нивните „колеги“ за пукањето на изолаторите токму кога Мицкоски го фалеше Муцунски за започнатата градба на две нови градинки во Аеродром. Ако не успеале тие би се уфрлиле за да ја завршат својата работа околу појавувањето на невидливото мастило на документот на работната маса на Бујар Османи. Но, останале скриени, затоа што уште еднаш добиле потврда дека тие ривалски диверзантски групи се покажаа прилично ефикасни. Нивната ефикасност е легендарна уште од времето кога ја исклучуваа струјата во зградите во скопски Капиштец за да не работат лифтовите при едни локални избори.

Што стана од оваа Македонија – во 1968 година Крсте Црвенковски ја брише потта кога ги кажува сите проблеми во македонско-бугарските односи на начин за историско проучување, сега диверзантски групи ги минираат успесите на вмровските градоначалници и нивните 1090 проекти за сто дена. А уште спречуваат амбициозни млади девојки да имаат блескав старт во дипломатијата.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар