1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затвор за кинеската новинарка која известуваше од Вухан

Јенс Јенсен
28 декември 2020

Нејзините видеа предизвикаа внимание на социјалните мрежи - Жанг Жан критички известуваше за однесувањето на кинеските власти во пандемијата на коронавирусот. Сега е осудена на затвор.

https://p.dw.com/p/3nH8B
China Zhang Zhan
Фотографија: Jane Wang

Кинеската новинарка Жанг Жан, која известуваше за ширењето на новиот коронавирус во градот Вухан, е осудена на четири години затвор. 37-годишната Жанг е прогласена за виновна поради тоа што со своите извештаи „поттикнувала кавга и немир“. Познатата блогерка и поранешна адвокатка критички пишуваше за реакцијата на властите во Кина на коронавирусот. Во мај беше уапсена, а во јуни стапи во штрајк со глад. Според наводи на нејзините адвокати, нејзината здравствена состојба е „екстремно лоша“.

Коронавирусот беше првпат утврден кај луѓе на крајот на минатата година. Во рок од неколку недели тој се рашири масовно. Во јануари кинеските власти го изолираа прво градот Вухан, а потоа и целата провинција Хубеи. Во меѓувреме, коронавирусот е раширен во цел свет.

Во Кина пандемијата беше во голема мерка сузбиена со помош на ригорозните мерки на изолација и карантин. Раководството на земјата ја фали својата борба против вирусот како успешна. Критичките гласови се задушуваат. Покрај Жанг, полицијата има уапсено уште најмалку тројца блогери кои пишуваа за настаните во Вухан.

Според организацијата „Репортери без граници“, Кина е една од земјите кои имаат затворено најголем број новинари и блогери. На ранг листата на слобода на печат, земјата е на последните места.