Се засилува притисокот врз домашните извори на пари
29 април 2016Штедните влогови во домашните банки веројатно се сигурни, но изворите за финансирање стануваат се посуви што дефинитивно треба да биде причина за загриженост и тоа сериозна, предупредуваат експерти. Во отсуство на надворешни извори на финансирање, главно поради изборите но и длабоката политичка криза, власта е приморана да се задолжува дома, односно го зголемува притисокот кон банките и дел од пензиските фондови и осигурителните друштва кои работат доминантно со пари на граѓаните и на фирмите. Во изминативе месеци тие се главните финансиери на кусокот во буџетот, односно со нивни пари се покрива дефицитот преку емисиите на државни хартии од вредност. Експертската јавност предупредува дека ваквата резервна опција за власта на подолг рок дефинитивно би ги истоштила банките и ќе влијае неповолно на кредитната активност и воопшто на финансиските текови.
Притисокот врз домашните банки допрва ќе расте
Таквото сценарио никој не го посакува, но тоа е речиси пред врата, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини:
„Ако досега сѐ уште нема сигнали за повлекување на штедните влогови на граѓаните и фирмите, првите последици од секнувањето на приливите на пари од надвор веднаш ќе се одрази врз населението затоа што тие пари што сега се слеваат во Македонија некаде завршуваат како плати, пензии, или во разни материјали. Кога тие нема да можат да се исплатат, тие обврски кон одделни категории и групи граѓани веднаш тие ќе бидат принудени ако имаат одредени износи на штедни влогови да ги повлекуваат за да имаат да јадат и да пијат. А ако продолжи вака состојбата тогаш тоа ќе ни се случи многу скоро, така што ќе дојде неизбежното и дури тогаш тоа за што деновиве се зборува ќе влијае психолошки. Притисокот кон домашните банки допрва ќе засили, кои до сега велат дека штедните влогови се стабилни и имаат пари за државни обврзници. Но ако секнат странските извори тоа ќе се одрази апсолутно врз сите сегменти и финансиски текови. Излезот ќе го платиме сите затоа што овој народ не покажа државотоврна зрелост да идентификува и произведува во демократски услови луѓе кои мотивирани државата да ја крадата, а не да ја градат. Сигналите се премногу очигледни, ова што денеска го гледаме не значи ништо, но ќе повторам сигналите се очигледни и не се добри“, предупредува Хајредини.
Веќе наредниот вторник Владата ќе се обиде да собере дури 100 милиони евра за финансирање на буџетските потреби, што во вакви услови секако дека е голема сума. Добар дел од овие средства се за раздолжување, но и за плати, пензии, социјални трансфери:
„Неспорно е дека се задолжуваме од домашен пазар, хартиите од вредност што се со рочност до една година скоро до последен денар се запишувани од банките. Хартиите што се над една година најголем дел се запишуваат од пензиските фондови и осигурителните компании. Се се` тоа домашни средства, а и наредните 100 милиони евра во денарска противредност ќе се финансираат од домашни средства. Инаку последното задолжување од надвор беше Еврообврзницата од 2015. Во меѓувреме од странство пристигнуваат само некои помали наменски транши од веќе договорени кредити“, изјави за Дојче веле Кире Наумов, дополнителен заменик министер за финансии.
Дека тоа е така соопштија и од Светска банка од каде официјално потврдија дека работат со Македонија на веќе започнатите проекти. Но истовремено и потврдија дека до изборната разврска нема да продолжат со нови проекти во земјата.
Оправдана загриженост?
Во вакви услови очигледна е загриженоста посебно кај обичните граѓани, или барем кај оние кои имаат заштеди во банките. Реален или не, оправдан или неоправдан, сепак тој страв е присутен и според многумина и оправдан. Исто како што и бизнисмените велат дека капиталот е плашлив како срна и реагира на кризата, така и обичниот граѓанин е плашлив и уште позагрижен за сопствените пари. Монетарната власт, министерот за финансии, банкарите, деновиве уверуваат дека средствата на граѓаните се сигурни а ликвидноста во банкарскиот сектор висока и стабилна. Сепак, шпекулациите, информациите, непотврдени или потврдени си го направија своето. Граѓаните размислуваат, а некои веќе тивко и мирно си ги повлекуваат своите заштеди дома на сигурно, или народски под перница. Монетарната статистика засега тоа не го регистрира, но тоа и не треба да чуди со оглед дека податоците за состојбите се објавуваат задоцнето, или за веќе изминат период. Но затоа статистиката регистрира и тоа забрзано, како се зголемува нивото на јавниот долг кое надмина 4,3 милијарди евра и достигна речиси 47% од Бруто домашниот производ. Во меѓувреме пазарот е главно стабилен и функционира, банките работат нормално но внимателно, девизниот курс кај нив е стабилен, иако еврото во менувачниците минимално поскапе.
Во меѓувреме смирувачка порака дојде од Советот на Народната банка која го усвои извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2015 година, во кој се заклучува дека и покрај изразените домашни превирања и должничката криза во Грција, банкарскиот систем ја задржа стабилноста и ја потврди отпорност на шоковите.