Борба против криминал или почеток на укинување на готовина?
5 мај 2016Мал е бројот луѓе кои досега в раце ја имале големата лилава евро-банкнота, пишува Штутгартер нахрихтен: „Банкоматите ретко кога ја исфрлаат таа банкнота, иако ја има во оптек во околу 600 милиони парчиња. Во тој смисол, ретко на некој потрошувач таа ќе му недостасува.“
Весникот пишува дека исчезнувањето на апоенитеод 500 евра би можело да биде и нешто повеќе: „Банкнотите од 500 евра сочинуваат околу една третина од вкупната вредност на евро-готовината која е во оптек. Значи, ќе биде потребно допечатување голема количина банкноти од 100 и 200 евра. Се проценува дека повлекувањето на стари банкноти, печатењето и ширењето нови, ќе чини најмалку половина милијарда евра. Дали навистина станува збор за одземање терен на криминалците, перачите на пари и криумчарите на дрога? Малку е веројатно. Тие одлуката на ЕЦБ ќе ја примат со насмевка и брзо ќе најдат нови начини за извршување и финансирање на своите мрачни бизниси. Можно е укинувањето на највредната евро-банкнота да претставува укинување на готовината. Со тоа на потрошувачите ќе им се ограничат патиштата за плаќање и трговија, на што оправдано укажува претседателот на Германската национална банка Јенс Вајдман. И довербата во еврото би можела да биде нарушена, иако таа не е премногу голема. Освен тоа, готовината нуди заштита од ниски или негативни камати.“
Магазинот Шпигел дополнува: „Без оглед дали е во прашање финансирање на тероризмот, мафијата или шверцот со дрога: во царството на криминалот предност има плаќањето во готово. Кешот е анонимен, со брзина на молња го менува сопственикот и тешко му се влегува во трага. Единствената маана на готовината има физичка природа: потребен и‘ е простор. Колку поголеми суми, толку поголем простор. За исплата на сума од десет милиони евра потребни се 200.000 банкноти од педесет евра, тешки околу 184 килограми. Ако тие се наредат една врз друга, би се добила кула висока 20 метри. Ако се користат апоени од 500 евра, би биле доволни 20.000, тешки 22 килограми и по волумен позгодни за ракување.“
Весникот го пишува она што го признаваат и експертите од ЕЦБ - врските меѓу банкнотата од 500 евра и криминалот не се докажани.
Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг во текстот со наслов „Чао,Бин Ладен“ пишува: „Шпанците ја погодија сржта. Банкнотата од 500 евра тие од поодамна ја нарекуваат ’Бин Ладен’. Сите знаат дека таа постои, но речиси никој не ја видел. Занимливо е дека очигледно најголем број банкноти од 500 евра циркулираат во Шпанија, иако економскиот удел на таа земја во еврозоната изнесува едвај десет проценти.“