Збогум на културата на гостопримство? Ни оддалеку!
24 јули 2018Еден германски неделник дебатира со себе и читателите, дали бегалците давеници во морињата треба да се спасат. Германскиот министер се шегува на сметка на 69 очајни луѓе на неговиот 69-ти роденден. Едно долгорочно истражување на Техничкиот универзитет во Берлин документираше драстичен пораст на антисемитистички пораки на социјалните мрежи. Минатата година имаше повеќе од 2000 насилни напади врз странци. Оваа серија може да продолжи, сѐ до латентните ксенофобични коментари на социјалните мрежи кои веројатно ќе ги има и во врска со овој текст. Тоа боли. Во Германија надвор од сите правила, барем така изгледа, се шаблонизира мислењето, јазикот што се користи и мерките што се преземаат. Дали сме ова оние Германци кои сакаме да бидеме и дали е ова земјата во којашто сакаме да живееме?
2015 се менаџираше, не се дебатираше
Едно време бев особено горд на мојата земја. Тоа беше врвот на културата на гостопримство – еден збор кој сега веќе не се ни споменува. Да се потсетиме на 2015. кога во Германија примивме речиси еден милион бегалци кои беа во безизлезна ситуација. Тогаш не дебатиравме дали овие беспомошни луѓе треба да ги примиме, туку едноставно го направивме тоа. Сите помагаа, поттикнати од лидерството на канцеларката. Секој втор Германец, според Институтот за демоскопија од Аленсбах, беше активно вклучен во помош на бегалците. Тоа беше мојата лична германска бајка.
„Нашите деца ќе бидат горди на големата подготвеност на Германците да помагаат за време на бегалската криза", рече претседателот на Бундестагот, Волфган Шојбле кој и не е познат по емотивни изјави. Кога само би бил во право. Точно е и безброј пати е споменато дека на Ангела Меркел ѝ се случија груби пропусти. Дури и јас се чуствувам помалку сигурен во земјава во која е нерешено прашањето на илјадници бегалци и тоа е само една од последиците на наведените пропусти. Ама Германија сѐ уште е стабилна и ѝ завидуваат многу луѓе од Европа и светот. И да, во меѓувреме многу постигнавме , како што често вели канцеларката.
Денес: страв, агресија, изолација
Од почеток имаше силна критика за политиката на доселување на Меркел. Но, од пред неколку недели критичарите се уште поостри и понемилосрдни. Дискурсот секако диктира страв, агресија и изолација. За тоа има две клучни причини. Прво деснопопулистите од АФД успеаја да ја радикализираат дебатата. Некои политичари како на пример, баварскиот премиер Маркус Зедер го следат нивниот пример и го поттикнуваат десничарскиот притисок во општеството. Само пред еден месец се случи промена во парадигмата на бегалската политика на ЕУ. На таканаречениот самит за азил од 24 јуни со активна соработка на канцеларката чија позиција на внатрешно-политички план е заслабена, се одлучи Европа во права смисла на зборот да стане тврдина. Од сега па натаму таканаречените центри за азиланти кои треба да се направат на надворешните гранци на Европа или надвор од неа, како и цел куп заострени мерки, треба да помогнат бегалците да останат подалеку од нас. Хуманост и грижа за човечки живот, и живот достоинствен за луѓето? Тоа е лански снег. А денес? Јасно е дека актуелната политика ја корумпира Европа и вредностите во кои се крстеше и само го подгрева политичкиот популизам.
Повеќе:
Десните популисти во Европа го сечат стеблото на кое седиме сите
Потребен е мастерплан за веродостојна политика
Дојдовме до таа точка исцедени, прегорени и без сила за да се свртиме кон навистина важните политички проекти за менаџирање на миграцијата. Големата коалиција донесе одлука за носење на закон за миграција, но од тогаш не презема ништо конкретно. Коалициските страни во Берлин меѓусебно си ветија дека треба да бидат сузбиени причините за бегалски кризи, но во планираниот буџет на министерот за развојна помош Герд Милер токму за ова се штеди. Не би било на одмет ни да се фрли поглед во Уставот и во основните права и вредности. Достоинството на секој поединец е најгоре на листата, без разлика дали е Германец, странец, барател на азил или мигрант. Тоа не значи дека ние во иднина треба да станеме татковина за сите луѓе на светов кои се во некаква нужда, но не сакаме да ни се наметне дух на страв и изолација. Не би требало да се повлечеме пред говорот на омраза на популистите туку треба да се бориме за нашите вредности. Тоа подразбира да застанеме и да бидеме горди на нашата култура на гостопримство. Крајно време е повторно да се водиме по неа!