1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

„Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!“

23 мај 2020

Признанието на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека се јавил кај човекот кој е дел од истрагата за теретаната и дека неговиот телефонски број го добил од Наќе Чулев го поткопува целиот систем во МВР. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3cexX
Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski VMRO DPMNE Parteivorsitzender
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

На одреден начин јавноста треба да му се заблагодари на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, што демитологизира дел од приказните како функционира политиката во оваа земја. И што со таа демитологизација, всушност, ја потврди реалноста на митовите. Освен нему, јавноста треба да му заблагодари и на првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, за начинот на кој ја соголи замислената аура на политичарите.

Драматургијата со која Мицкоски вчера, петок, објави дека навистина се јавувал во МВР околу истрагата за тоа од кога потекнува неговата снимка од теретаната, требаше да ја намали политичката штета, откако обвинувањата станаа преголеми и за него, неговата партија и техничкиот министер за внатрешни работи, па дури речиси и неиздржливи. За такво признание навистина е потребно некакво драматуршко крешчендо, кое Мицкоски се обиде да го направи со обелоденувањето на смс-пораката до дополнителниот помошник-министер надлежен за внатрешната контрола: „Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!“

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Извичникот за името Мицкоски, а не зад поздравот „Здраво“, веројатно би требало да значи дека неговото име би требало да одекнува посилно кај примателот на пораката. Тој бил нестрплив што поминале неколку дена „откако излезе таа таканаречена афера со оние обоени ракавици (министерот Чулев тврдеше дека тоа било ‘отсјај’ – н.з.)“, а кога таа преку партиската пропагандна машинерија не можела да биде запрена, тој решил да му се јави на министерот за внатрешни работи за да го добие телефонскиот број на „именуваното лице“ и да ја преземе иницијативата за брзо разрешување на случајот во свои раце „според закон и да бидат запазени сите процедури“. Нормално, за да биде докажана неговата невиност и потоа да се осуди фабрикувањето на аферата од страна на неговите политички ривали.

Други колумни од авторот:

-Во психоделичниот вител

-Политиката се врати

-Кога непријателот е внатре

Ова изгледа како нормално објаснување на човек кој западнал во неволја, бидејќи стратегијата на политичкиот противник „ќе го наруши мојот рејтинг, мојот имиџ во јавноста“, да се спаси она што може да се спаси и ако може фортуната да се сврти на негова страна. Но тоа само изгледа како нормално однесување на човек во неволја, но е ужасно неприкладно за човек кој претендира да биде новиот премиер. Со ова признание тој стави во исклучително подредена улога еден министер во владата (па макар бил предлог од неговата партија) да мора беспоговорно да ги следи барањата на вмровскиот лидер и да оддава телефонски броеви за да може Мицкоски да интервенира за побрзо завршување на постапката.

Политичка бруталност

Не би знаеле да кажеме дали Мицкоски доволно ги пресметал сите елементи за едно вакво признание и можните далкусежни последици во вмешувањето во една полициска истрага и тоа само како лидер на опозицијата, а не како човек кој би ги имал лостовите на власта. За многумина ова признание делува како предупредување што би правел Мицкоски доколку еден ден стане премиер, па тогаш ќе има уште поголема слобода да се јавува до разни комисии „да се постапува според закон“. Ова негово јавување е особено проблематично кога последниве неколку години неговата партија и тој самиот постојано зборуваат дека од МВР треба да се тргнат рацете на политиката и тоа да биде независен орган кој ќе им служи и ќе ги заштитува граѓаните. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Ова соголување на „политичката бруталност“ (ако така може да ја оквалификуваме) ја изнесе на виделина технологијата на политичарите (колку и да е Мицкоски нов во политиката). Изгледа запрепастувачки леснотијата со која Наќе Чулев му го дал на партискиот лидер телефонскиот број на еден од неговите помошници (бидејќи Мицкоски не го познавал „органограмот“) без да размисли за последиците на тој чекор. Тоа може да имплицира дека Чулев ќе му ги даде на Мицкоски сите телефони на луѓето од МВР коишто тој ќе ги побара, наместо да ја штити независноста и интегритетот на вработените во нивното извршување на задачите. Ова е драматично потклекнување на Наќе Чулев, без оглед на неговите постојани тврдења дека работел независно. Кој знае против колку луѓе МВР води истрага во моментов и ако тој на секого му го дава телефонот на неговите помошници или инспектори за да може директно да интервенира за забрзување на некаков случај, тоа може да доведе до демонтажа на системот во Министерството за внатрешни работи. Чулев, ако сакал да го задржи својот дигнитет и самопрокламираната независност, едноставно требало да му рече на партискиот лидер – „Не, господине Мицкоски, оставете ја комисијата да си ја заврши својата работа и не би требало да се мешате во тоа“. Но тој посакал да се стави на услуга по „отсјајот“ на рацете како што рече, или „обоени ракавици“ (како што објасни Мицкоски).

Дали поради политичка наивност, дали поради моќта на функцијата што ја има и мисли дека таа му дозволува и работи што не се дозволени, Мицкоски на прес-конференцијата уште изјави дека „секогаш кога ценам дека има сторена неправда, злоупотреба, основано сомнение за кривично дело и се нанесува неправда како во случајот што ми беше нанесена мене ,јас ќе се јавам онаму каде што ценам“. Пред извесно време во гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа, објаснувајќи за одредени истраги тој изјави: „Ние сме политичари и кога директно би се замешале во таа работа тоа ќе покаже дека не сме поразлични од овие претходните“. За во истата емисија да каже и сосема спротив став: „Дури и си дозволив да се јавам кај едно од одговорните лица и да побарам што е можно побрзо да се истражи тој случај“. 

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Nake Culev , Innenminister
Наќе Чулев, македонски министер за внатрешни работиФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Простливо и непростливо

Што ли е ова – нестрпливост, самоперцепција за сопственото значење, недозволено пречекорување на поставените граници, притисок или нешто сосема друго. Или едноставно, неговата навигација му кажува дека тој може да се јавува секаде каде што ќе помисли и „каде се нанесува неправда“, доведувајќи се во ситуација да се поставува и како истражител и како наводен трагач по вистината, наместо тоа да им го остави на надлежните органи.

Двајцата сегашни главни протагонисти на македонската политика пречекорија неколку рубикони во последно време. Откако беше пуштена аудио-снимката на Зоран Заев од 2016 година, сдсмовскиот лидер реши да ја соголи целата ситуација, да ја признае нејзината автентичност и да ги потврди шпекулациите дека него го снимал Александар Верушевски, синот на неговиот блисок соработник и поранешен разузнавач, Зоран Верушевски. И на насмеан начин да му прости. За негова жал, тоа не е работа за простување, затоа што Македонија веќе се претвори во територија на масовно тајно снимање: на ручеци, на состаноци, при доверливи разговори. Време е на тоа да му се стави крај, бидејќи може да ги обесмисли сите средби на кој било човек, а особено на политичар или функционер, ако постои страв дека сето тоа може некој да го снима додека седи со вас на масата, а потем за тоа воопшто да не одговара.

Кога вчера Христијан Мицкоски изјави: „Да, се познавам со Александар Верушевски. Тој е грижлив родител и посветен сопруг... и тој е голем патриот“, случајот со аудио-снимката на Зоран Заев добива поинаков контекст. Простувањето може да остане, но ситуацијата веќе навлегува на теренот на сериозна политичка злоупотреба, во која еден човек настојува да поткопа друг човек. Целата работа се префрла во политичкото подземје, па нема да биде изненадување доколку еден ден, во зависност од ситуацијата и понудата не се појават и аудио-снимки од слични разговори на Мицкоски. Како што се појави онаа снимка за кроењето изборна стратегија пред претседателските избори со Зоран Милески – Кичеец и целиот контекст на аферата „Рекет“ беше ставен во поинаква рамка. 

Овие случаи покажуваат дека не се само во прашање изборите што следат, туку дека политиката добива нови траектории, многу пониски од идеологијата. Јавувањето на Мицкоски до човекот што е дел од истрагата за теретаната е непростливо, без оглед какво објаснување тој сака да даде и без оглед што тој мисли дека јавноста ќе ги разбере неговите намери (всушност, одгласот е спротивен – дека тој сакал да влијае врз истрагата од некаква замислена моќ), а и простувањето на Заев е несоодветно. Тој лично може да му прости, но има органи што тоа треба да го истражат, без оглед на неговиот став.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар