Зошто вакцинацијата има смисла?
13 декември 2021Дали да се вакцинирам или не? Лекарите се сложни: Да, дефинитивно! Еве ги најважните аргументи:
Вакцинацијата штити од зараза без оглед на новите варијанти на вирусот
Според Американскиот здравствен институт ЦДЦ и германскиот институт Роберт Кох (РКИ), заштитата од зараза на лицата вакцинирани со mRNA вакцина била 80 проценти. Со Делта, како доминантна и многу позаразна варијанта, проценетата ефикасност се намали. Според РКИ, таа во последните четири недели изнесувала околу 66 отсто. Ова важи за сите возрасти, од 18 години па нагоре.
На возраст од 12 до 17 години, моменталната заштита во просек изнесува 90 проценти. Сепак, бројките на РКИ не покажуваат дали децата и адолесцентите развиваат подобра заштита од корона или дали бројките во таа група се високи, бидејќи дури неодамна им беше дозволено да се вакцинираат. Вакцинираните луѓе сè уште се многу подобро заштитени од инфекција со Делта сојот отколку невакцинираните луѓе. Кога станува збор за варијантата Омикрон, се уште нема сигурни податоци.
Постојат индикации дека нивото на антитела опаѓа по шест до девет месеци. Дополнително, т.н бустер дози покажуваат ветувачки резултати. Студиите направени во Израел покажуваат дека третата вакцина помага во борбата против инфекцијата. Таму инциденцата, односно бројот на новозаболени за седум дена на 100.000 жители, повторно се зголеми во текот на летото, иако процентот на вакцинирани беше висок. Тогаш Израел започна и со трета доза и сега инциденцата во таа земја е повторно под 50.
Вакцинацијата штити од тешки форми на болести, хоспитализација и смрт
Дури и ако заштитата од инфекција се намалува со текот на времето, заштитата од тешка болест останува. Студијата на американската ЦДЦ покажа дека ризикот од заразување кај вакцинираните е осум пати помал отколку кај оние кои не биле вакцинирани. Исто така, вакцинираните лица имаат 25 пати помала веројатност да одат во болница или да умрат.
До слични заклучоци дојде и германскиот институт Роберт Кох. Само 0,37 отсто од вакцинираните завршиле на одделението за интензивна нега. Процентот на заштита од тешки болести е 92 отсто. Да беше помал процентот на вакцинирани во Германија, здравствениот систем одамна ќе колабираше.
Ризиците од болести се поголеми од ризиците од вакцинација
Германскиот институт Пол Ерлих проценува дека ризикот од тешки последици по вакцинацијата против вирусот САРС-КоВ-2 е 0,02 отсто. Спротивно на тоа, ризикот од развој на тешки симптоми на Ковид-19 кај невакцинирани лица е многу поголем: во просек, секој десетти заразен има тежок развој на болеста.
Заразените луѓе исто така ризикуваат да се разболат од т.н „продолжен ковид“, односно да имаат долгорочни последици од претходната инфекција. Според Германското здружение за пневмологија и респираторна медицина, 15 отсто од сите кои прележале корона имаат „продолжен ковид“. Вакцинацијата и тука може да обезбеди заштита од тешки последици.
Намален ризик од „продолжен ковид“
Бидејќи вакцинацијата може да спречи некој да се зарази со корона, таа во основа нуди и заштита од долгорочните последици на ковид. Во исто време, оние кои не се инфицираат не можат да го развијат овој синдром. Почетните студии исто така испитуваа дали ризикот од продолжен ковид е намален поради вакцинацијата, дури и ако имунитетот е ослабен, но резултатите од студијата не се целосно јасни.
Истражување со помош на апликација во Велика Британија покажа дека продолжениот ковид е речиси 50 проценти поредок кај вакцинираните, отколку кај невакцинираните. Слабоста на студијата е што учесниците сами ги внесувале своите симптоми во апликацијата, односно без лекарски преглед. Покрај тоа, постарите луѓе и луѓето од регионот со ниски приходи биле недоволно застапени во студијата, а биле пријавени повеќе жени отколку мажи. Исто така, истражувачите оперирале со податоци од првата половина на 2021 година, кога Делта варијантата сè уште не беше толку честа, а Омикронот не бил ни познат.
Друга студија на истражувачи од Универзитетот во Оксфорд покажа дека бројот на пациенти со продолжен ковид не се разликува значително меѓу вакцинирани и невакцинирани. Но, студијата се базира само на евидентираните податоци на здравствените служби, а доколку заболените имале само благи симптоми и не посетиле лекар, тогаш не биле вклучени во таа студија. Освен тоа, научниците набљудувале само податоци од првата половина на 2021 година.
Постои и научна теорија за тоа зошто вакцинацијата помага против продолжениот ковид, која зборува за феноменот „резервоар“. Тоа значи дека постои можност телото да задржи одредена количина на коронавирус за време на инфекцијата. Имунолошкиот систем на вакцинираните може да го спречи тоа.
Исто така, можно е Делта варијантата кај вакцинирани лица да доведе до почести случаи на продолжен ковид. Кај оние кои се заразени со варијантата Делта, во почетокот се забележува поголемо оптоварување со вирусот, што му олеснува да создаде еден вид резервоар што води до продолжен ковид.
Вакцинацијата би можела да им помогне на оние кои имаат продолжен ковид
Податоците на британскиот Завод за национална статистика покажуваат дека првата доза на вакцина ги намалила симптомите кај заболените од продолжен ковид за 13 отсто, а другата за уште 9 проценти. Нејасно е меѓутоа дали се ефектите трајни и дали симптомите по вакцинацијата со тек на време целосно исчезнале.
Вакцинираните ги штитат невакцинираните
Вакцинираните луѓе не само што можат да се заразат, туку можат и да ја пренесат инфекцијата. Сепак, вакцината ја намалува преносливоста на вирусот. Истражувачите претпоставуваат дека имунолошкиот систем потоа може да го задржи на ниско ниво вирусното оптоварување и дека вакцинираните луѓе затоа не испуштаат толку многу вирусни честички.
Ова беше јасно забележливо кај претходните соеви на корона, но не и кај Делта варијантата. Истражувањата покажаа дека вакцинираните и невакцинираните со Делта варијантата имаат слично вирусно оптоварување. Сè уште нема податоци за Омикрон.
Дали ова значи дека луѓето кои се вакцинирани и инфицирани со Делта се исто толку заразни како и оние кои не се?
Постојат студии кои се занимаваат со оваа проблематика. Една од нив е на Универзитетот во Оксфорд. Студијата испита речиси 150.000 контакти добиени од 100.000 случаи на Ковид- 19, кои биле мешавина од вакцинирани и невакцинирани. Истражувачите испитуваа кои групи (вакцинирани и невакцинирани) имаат најголема веројатност да го пренесат вирусот и дали вакцините на Фајзер или АстраЗенека се поефикасни во намалувањето на преносот на вирусот.
Резултатите покажаа дека двете вакцини го намалиле преносот на Делта-сојот, но Фајзер била поефикасна. Истражувањето покажало и дека оние кои имале контакт со заразено лице кое било вакцинирано, биле помалку заразни од оние кои имале контакт со невакцинирана инфицирана личност.
Оние кои имале контакт со заразено лице кое било вакцинирано со Бионтек/Фајзер имале 65 отсто помали шанси да бидат позитивни на Ковид-19. Оние кои имале контакт со заразено лице кое било вакцинирано со АстраЗенека имале 36 отсто помали шанси да бидат позитивни на корона.
Како и во претходните студии, оваа студија исто така покажа дека вакцинираните и невакцинираните луѓе имаат слични нивоа на вирусот во нивните тела. Фактот дека вакцинираните луѓе имаат помала веројатност да го пренесат вирусот може да укаже дека нивните тела побрзо го елиминираат вирусот и затоа исфрлаат помалку заразни вирусни честички.