Зошто е Италија „болниот човек“ во Европа?
30 април 2019Во последнава деценија, Италија често се нарекува „болниот човек во Европа“, ранлива економија која е ризик за финансиската стабилност на ЕУ. Денес, серија разочарувачки бројки ги алармираат аналитичарите дека таа ранливост можеби и се продлабочува. Италијанската влада неодамна ја намали прогнозата за растот годинава од 1,0% на 0,2%.
Евростат неодамна потврди дека јавниот долг на Италија наместо да се намалува повторно почнал да расте и тоа за 1% во 2018 година, достигнувајќи 132,2% од брутодомашниот производ (БДП). Јавниот долг на Италија е најголем во ЕУ, а поради проценките за слаб раст годинава, можно е уште да расте.
Италија во моментов е единствената членка на ЕУ во рецесија. Но како дојде до ова?
Според Карло Алберто Карневале-Мафе, професор на Универзитетската школа за менаџмент во Милано, состојбата всушност е полоша одошто владата признава.
Тој и други аналитичари очекуваат 0 или дури и негативен раст, поради намалената домашна побарувачка и падот на јавните и приватните инвестиции.
„Нашиот извоз е робустен, но тоа е единствената позитивна компонента на нашиот БДП. И тој не може сам да ја носи тежината на националната економија", објаснува Карневале-Мафе за ДВ.
Фаличен политички и економски систем
За да се најдат корените на економските проблеми на Италија, мора да се погледне во историјата, вели Андреа Капусела, автор на книгата „Политичката економија на падот на Италија".
Во последните неколку децении, во земјата се провлекува еден постојан проблем- нефункционални општествени институции- во прв ред недостаток на владеење на правото и политичка одговорност- кои ги сопираат продуктивноста и иновациите, а со тоа и растот.
По економското чудо од 1950-те и 60-те години, Италија достигна ниво на целосно развиена индустриска економија, но потоа ѝ беа потребни солидни институции кои ќе ги поттикнат иновациите и ќе ја зголемат конкурентноста. Но, тоа не се случи.
„Експанзивната фискална политика, финансирана преку долгови, продолжи да расте, но и ги прикриваше проблемите, како намалениот раст и иновациите", вели Капусела. Економската криза од 1992 година практично му стави крај на претходниот модел на раст, а растот на Италија остана базиран само „врз структурни фактори- имено врз раст на продуктивноста". Втората голема криза од 2008 година донесе уште посилен удар врз италијанската економија. Тогаш Италија стана единствената европска земја чиј степен на развој е ист како во 1995 година.
„Изгубивме половина век", вели Капусела.
Промени не се на повидок
Од кризата, ништо не се промени, смета Капусела, апострофирајќи ги владеењето на правото и политичката одговорност како најпроблематични точки. На крајот на минатата година, судирот со Брисел околу буџетскиот дефицит се претвори во драма, но на крајот двете страни се задоволија со умерено намалување од 2,4% на 2,0%. Но, проблемот не е колкав буџет има земјата, туку како го троши. Аналитичарите веруваат дека владата во Рим лошо ги распределува средствата.
„Проблемот не е дека не произвеле поголем раст; проблемот е што не го решаваат длабокиот корен на проблемот", вели Капусела. „На краток рок- неефикасното јавно трошење, на долг рок- италијанските неефикасни институции, и ништо од тоа не се прави".
Карневале-Мафе објаснува точно кои мерки се проблематични за јавниот долг на Италија.
„Некои земји трошат на јавни инвестиции кои ја зголемуваат продуктивноста. Но, со новата пензиска реформа, која ги зголемува трошоците за пензии за десетици милијарди евра, Италија не промовира економски раст, напротив, таа го намалува растот, ја намалува вработеноста и го зголемува финансискиот товар за следните генерации".
Погледот кон иднината не е розов. Состојбата ја компликува и фактот што двете владејачки партии, Движењето Пет ѕвезди и Лигата, постојано се во судир, и не се во можност да изнајдат решение дури ни за планот за економски раст.