1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид: Предизвиците за здравствениот систем на Шпанија

Штефани Милер
26 септември 2020

Шпанија важеше за земја која има исклучителна здравствена заштита и тоа за малку пари. Но, тоа се покажа кобно во корона-кризата. Лекарите се преоптоварени, болнички кревети нема доволно.

https://p.dw.com/p/3j06N
Internationaler Tag der Pflege - Spanien
Фотографија: picture-alliance/dpa/Á. Laforet/Hm Hospitales

Шпанската метропола Мадрид повторно стана европско жариште на пандемијата. Хирургот Анхела Хернандез знае зошто. „Секаде недостасува медицински персонал. Само на 22 септември во мадридските болници се примени 3.000 нови пациенти, од нив 400 се во одделенијата за интензивна нега. Ние сме на крајот на силите“, вели таа.

На аеродромите во Шпанија веќе не се прават тестови, а во примарна заштита се тестираат само оние кои имаат симптоми. Едноставно, нема доволно лаборатории кои би можеле да ги обработат тестовите. Фрустрацијата меѓу луѓето е голема, особено поради тоа што Шпанците дисциплинирано се придржуваат кон правилата, вклучувајќи и постојано носење на маски.„Можеме да сфатиме дека во март никој не сметаше на пандемијата, иако и тогаш имаше назнаки.

Но, оти политичарите оттогаш ништо не научија, тоа е едноставно разочарувачки“, вели Хернандез, која е и потпретседателка на синдикатот на болнички лекари АМЈТС. Таа неуморно повторува колку е лошо платен медицинскиот персонал во поголемиот број од 17-те шпански автономни региони.

Spanien Madrid | Gewerkschaft | Ärztin Ángela Hernández
Шпанската лекарка Анхела Хенрандез разочарана од властитеФотографија: Ángela Hernández

Тесно скроен здравствен систем

Една од причините е и тоа што Шпанците издвојуваат релативно малку пари за здравство. Така самостојно вработените, кои сами уплаќаат здравствено осигурување, мораат месечно да издвојат околу 300 евра, а тука е пресметано и пензиското осигурување.

Во Германија само здравственото осигурување знае да стигне и до 800 евра месечно. „Шпанското здравство смета дека брзо ќе ги открие опасните болести и ќе ги лечи“, вели Алберто Хименез, шеф на фондацијата Здравствена економија од Мадрид. „Тука едноставно нема ресурси за превентивно делување и за рехабилитација“.

Повеќе:

-Шпанија се прости од своите 28.400 корона-жртви

-По 14 недели, крај на вонредната состојба во Шпанија

-Коронавирус: Може ли Европа да избегне втор целосен карантин?

Освен тоа во Шпанија, а особено во Мадрид, сѐ е сконцентрирано на мал простор. „Многу луѓе живеат во мали станови, бидеќи кириите се многу високи. Така заразата брзо се шири“, објаснува Хименез.

Internationaler Tag der Pflege Spanien
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Zorrakino

Поради преоптовареноста на лекарите, има многу малку директни разговори со пациентите, поради што многу болести не можат да се откријат. „А тука е и долгата листа на чекање на оперативни зафати.“ Колатералните штети од пандемијата ќе се почуствуваат дури во месеците кои доаѓаат, смета Хименез.

Германија како пример

Поради сето тоа, за шпанските лекари и медицинскиот персонал не е доволно граѓаните да им аплаудираат. „Секој треба да биде платен подобро, само тогаш ќе можеме подобро да се справиме со пандемијата“, вели Хернандез.

Во споредба со Шпанија, Германија има голема предност затоа што може да си дозволи прекумерни капацитети и прилично неефикасен здравствен систем. Пред пандемијата, тоа беше слабост, но сега се покажа како предност.

Во Германија има 34 кревети за интензивна нега на 100.000 жители, а во Шпанија само десет. Покрај тоа, болниците на северот на Европа се помали и подобро распоредени низ целата територија, додека во Шпанија сè е концентрирано во големите градови. Во провинцијата има малку болнички кревети.

Сепак, шпанскиот систем функционираше подобро од германскиот пред пандемијата. Шпанија по Јапонија, е втора земја во светот според просечниот животен век, а Мадрид и Барселона се светски центри за медицински истражувања. Земјата има повеќе првокласни болници - сето тоа за релативно малку пари.

Дигитален напредок, но не насекаде

Но, оваа пандемија покажа дека на земјата и недостига нешто како германските здравствени институти, кои преземаат административна контрола во сите градови кога станува збор за заразните болести.

За волја на вистината, во Шпанија е постигнат напредок и во дигиталното издавање рецепти или закажување термини кај лекарите, но „немаме систем за да утврдиме како дошло до инфекција и да ги контролираме заразените“, се жали медицинската сестра Роза Гомер Хонрато.

„Податоците за заразените се земаат без некаква логика и мора постојано да се јавувате за да проверите нешто“, вели Гомер Хонрато. „Залудно губиме многу време“.

Затоа преоптоварениот медицински персонал во Мадрид реши да штрајкува. „Јасно ни е дека ова не е вистинскиот момент, но бидејќи ништо не се придвижи напред од март наваму, не ни преостанува ништо друго“, објаснува хирургот Анхела Хернандез.

Во меѓувреме, поднесени се и тужби против некои регионални влади, како и против централната влада за лошо постапување во кризата.