Зошто кубанските лекари го ризикуваат животот во други земји
2 април 2020Навечер, во 21 часот, ширум Куба одекнува аплауз. Тоа е омаж за лекарите и негувателите кои се на првата линија на фронтот во борбата против Ковид-19, како што впрочем се прави и во други земји погодени од пандемијата. Но, медицинскиот персонал во Куба не се бори само со заразата, туку и со пропаѓањето на болниците и ниските плати.
Официјалната пропаганда со децении го фали до небо кубанскиот здравствен систем и на тој начин на меѓународно ниво тој се претвори речиси во мит. Тоа што здравството е бесплатно и опфаќа огромен број граѓани се претставува како големо „достигнување на револуцијата“ и на многумина им служи како пример за тоа како работите би требало да бидат уредени. Но, меѓу Кубанците се зголемува незадоволството поради лошата состојба на болниците, во кои пациентите мора самите да носат се’ - од постелнина до храна и средства за нега.
Мајстори во време на кризи
Сега кубанскиот систем е ставен на тест. Коронавирусот се шири во целата земја. Според официјалните податоци досега се инфицирани 186 лица, а починале шестмина. Со оглед на тоа што кубанските лекари се обучени за снаоѓање во различни ситуации и работа со малку ресурси, тие имаат особено корисни знаења и вештини. Голем број од нив се мајстори за снаоѓање во кризи.
Оваа способност - со малку средства да се постигне многу - е силната страна на кубанските лекари кои во изминатите денови се упатија во други земји во кои се шири коронавирусот. Министерството за здравство на Куба соопшти дека досега помош во медицински персонал побарале над 40 земји. Без сомневање мудра одлука на овие држави, зашто во итни ситуации би добиле искусни лекари.
Она што е интересно меѓутоа е делот кој во договорот на кубанската влада и земјите кои бараат помош е испечатен со ситни букви. Кубанските лекари во тие земји ќе работат во услови слични на ропство, зашто само мал дел од парите кои ќе им ги исплаќаат државите во коишто помагаат ќе заврши во нивен џеб. Кубанските лекари ќе се жртвуваат, потат и ќе го ризикуваат животот, но најголемата полза ќе ја има кубанската влада, која не е транспарентна и не кажува каде се влеваат парите од работата на овие лекари.
Иако официјално се тврди дека овие пари се трошат за подобрување на здравствените услуги и установи во Куба, за такво нешто нема докази, па парите би можеле да се трошат како за спасување човечки животи, така и за продолжување на опстанокот на апаратот на угнетување во државата.
Пропагандистичко-идеолошки цели
Освен тоа, лекарите мора да прифатат дека нивната работа ќе добие идеолошки лик. Треба само да се погледнат сликите од кубанските лекари кои пред да тргнат на пат позираат пред портретот наФидел Кастроза да се сфати дека тие се од страна на кубанската влада користени како средство за маркетинг. Државата сака да извлече идеолошка полза од пандемијата и да ја рашири идејата дека авторитарните правила можеби ја ограничуваат слободата, но затоа спасуваат животи.
Официјалното претставување на нештата би било меѓутоа пореметено кога некој од овие лекари би одлучил да не се враќа веќе во земјата. Така „хероите на земјата“ многу брзо ќе се претворат во „дезертери“. Оној кој по некоја мисија нема да се врати дома, потоа не смее да влезе во Куба и да го види семејството осум долги години. Освен тоа, лицето губи право на парите заработени во странство кои смеат да се влеваат само на сметки во банките во Куба.
Пристап до работи кои на Куба ги нема
Зошто тогаш лекарите заминуваат на вакви мисии, на кои си го ризикуваат животот и заработуваат толку малку, би се прашале многумина. Покрај мотивацијата да се помогне, има и дурги причини. Да се излезе од островскиот затвор е како пауза среде тешкиот секојдневен живот. Иако доаѓаат во вонредни ситуации, тие во странство имаат пристап до многу повеќе услуги и производи отколку дома, така што се во состојба потоа на Куба да однесат работи кои би им го олесниле животот.
Пред неколку години сретнав една универзитетска професорка епидемиолог, која беше во медицинска мисија во Венецуела затоа што тоа беше можност да добие средства за поправка на покривот на својата куќа. Во Куба може да се сретне неврохирург кој оперира мозок, а претоходно не појадувал, зашто неговата плата не е доволна да си купи чаша млеко, или нефролог кој ги моли своите пациенти да му купат нешто за грицкање за да може да го издржи денот.
Живот во мизерија
Иако платите на медицинските стручњаци се меѓу највисоките на Куба, тие изнесуваат само околу 70 долари месечно. Така е во земја во која литар масло за јадење чини 2,50 долари, а литар млеко во државните продавници чини 1,50 долари. Лекарите во Куба живеат практично во мизерија.
Сето ова и уште многу други причини влијаат врз нивната одлука да се качат во авион за да пружаат свои услуги надвор од границите на Куба. Дури и ако притоа го ризикуваат животот и знаат дека владата ќе им го земе најголемиот дел од заработените пари.
Аплауз за извонредните луѓе
Тие тоа го прават и затоа што си ја сакаат професијата, зашто се извонредни луѓе, како сите лекари на оваа планета, а не затоа што се определиле за идеологија, или зашто припаѓаат на една одредена партија. Лекарите се вистинските херои во овие денови, а тоа сигурно не е така затоа што тоа го вели официјалната пропаганда.
Кога часовникот вечерва ќе покаже 21 часот, јас на својот балкон френетично ќе им аплаудирам. Во знак на благодарност за нивната работа. Но, тоа сигурно нема да биде овација за системот кој ги има осудено на сиромаштија и исполнување на политичка обврска. Аплауз за нашите херои во бели мантили!