1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Зошто се заострува ситуацијата и на Западниот брег?

Давид Ел
18 мај 2021

Новиот бран на конфликтот на Блискиот Исток се прелева и на Западниот брег. Протестите таму не се насочени само против Израел, туку и против раководството на палестинската организација Фатах.

https://p.dw.com/p/3tUSz
Westjordanland West Bank | Nahostkonflikt | Demonstranten
Фотографија: Mamoun Wazwaz/Anadolu Agency/picture alliance

На Западниот брег долго време беше релативно мирно. Актуелната ескалација на насилство започна во источен Ерусалим, каде што на палестинското население од населбата Шеик Џара му се закануваше присилно протерување од домовите за да се населат Евреи на нивно место. Потоа исламистичката организација Хамас започна ракетни напади врз израелски цели, на што израелската армија возврати со бомбардирање.  Во самиот Изрел дојде до бројни насилни судири меѓу Палестинци и Евреи. „Во Рамала се чувствував како да сум на набљудувачка позиција", вели Стивен Хефнер, шефот на огранокот на Фондацијата Конрад Аденауер во центарот на Западниот брег.

Во петок кога традиционално по молитвата доаѓа до судири, од разни места стасуваа вести за насилни демонстрации, меѓу другото и во близина на Рамала, Хеброн, Наблус и Џенин. Од палестинска страна беа фрлани камења и молотови коктели, а Израелците употребија солзавец и гумени куршуми, но и вистинска муниција. Палестинските здравствени власти јавија дека биле убиени 10 демонстранти, а повредени околу 150. Аналитичари оценуваат дека станува збор за најстрашните судири по втората Интифада, палестинското востание против Израел од 2000-та година со околу 1000 жртви на израелска и 3500 на палестинска страна.

Westjordanland West Bank | Nahostkonflikt | Demonstranten
Фотографија: Issam Rimawi/Anadolu Agency/picture alliance

Фатах нема интерес за натамошна ескалација

На Западниот брег политичкото водство на Палестинците е умерено. На власт е партијата Фатах, која во многу делови соработува со Израел и има своја меѓународна мрежа. Нејзиниот предводник Махмуд Абас постојано ги поместува изборите, така што повеќе од 10 години е на власт без демократски легитимитет. И покрај тоа 85 годишниот политичар е прва палестинска адреса за странските дипломати. Во саботата со него и со израелскиот колега Нетанјаху телефонираше и американскиот претседател Џо Бајден. Абас изборите планирани за 22 мај краткорочно ги откажа, официјално заради конфликтот во источен Ерусалим.

Повеќе:

-На повидок хуманитарна криза во Појасот Газа

-Продолжуваат ракетирањата и меѓусебните обвинувања

-Германија на страната на Израел – долга историска приказна   

Но, анкетите покажуваат дека Фатах би доживеала пораз, а добри изгледи за победа има Хамас, која е радикалното контрадвижење што на Израел му го одрекува правото на постоење како држава и која од 2007 доминира во Појасот Газа. Хефнер од Фондацијата Конрад Аденауер оценува дека Хамас сепак не би постигнал апсолутно мнозинство, ниту преземање на власта на Западниот брег. „Фатах беше пред сѐ загрозен од интерните поделби на три главни блока“.

Palästinenserpräsident Mahmud Abbas
Махмуд АбасФотографија: Nidal Eshtayeh/XinHua/picture alliance

Во политичкиот натпревар ескалацијата на ситуацијата ќе и нанесе натамошна штета на Фатах.  „Откако конфликтот се разгоре главно во Појасот Газа, Хамас добива сѐ поголема поддршка и солидарност во борбата и отпорот против израелската политика. Тоа е така и на Западниот брег", вели Хефнер. Тој оценува дека за Фатах би можело да биде опасно што „протестите не се насочени само против Израел, туку и против сопственото водство". Затоа се очекува дека раководството на Фатах ќе се обиде да спречи масовни протести и дека ќе продолжи да соработува со Израел во однос на безбедноста.

Слаб економски раст

Населението на Западниот брег има подобар животен стандард од она во Појасот Газа. Но, и во сите години под раководството на Фатах не е постигнат голем економски напредок. Ситуацијата драстично се влоши кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја скрати финансиската помош за палестинските територии. Неговиот наследник Бајден ќе ја обнови таквата ставка во буџетот. Економијата на палестинските територии и натаму во голема мерка е зависна од Израел.

Западниот брег е далеку од вистинска палестинска самоуправа. Со договорот од Осло од 1995 година тие добија автономен статус – но, само за еден дел од областа. 61% е именуван како „зона Ц“ во која Израелците имаат целосна контрола врз безбедносните и административни прашања. Тука не спаѓаат само контролните пунктови, улиците и еврејските населби, туку и речиси целата долина на реката Јордан која е геополитички важна за Израел.

„Шансите за еден Палестинец да добие дозвола за градба во зоната Ц, па дури и да станува збор за лично негов имот, се речиси непостоечки“, пишува израелската невладина организација Б-Тселем на нивната веб-страница. Од друга страна во изминатите години значително се зголеми приливот на ортодоксни и националистички настроени еврејски доселеници. 

Никакви релации со помладата генерација

Ова раѓа фрустрации особено кај генерацијата повозрасни млади луѓе. Едни од актуелните протестни групи се „млади Палестинци, кои се премногу разочарани од политичкото раководство на Фатах, бидејќи не можат да препознаат стратегија и визија дали може да се постигне независност или барем подобрување на животниот стандард," вели Хефнер.

Со оглед на неколку пати одложените избори, дури ни оние кои имаат 33 години на Западниот брег досега немале прилика да гласаат за своето политичко раководство.

„Целосна раздвоеност“ постои меѓу оваа група на населението и политиката, вели Хефнер. „Младите се пред се активни на Фејсбук, но се повеќе почнуваат да користат и ТикТок и на Инстаграм. Од друга страна, политичарите, пред сѐ постарата елита од Фатах, воопшто не се присутни на социјалните мрежи. Тие сѐ уште се обидуваат до населението да допрат преку класични изјави, соопштенија или медиумите кои им се блиски. Но, немаат никаква врска со младата генерација," вели Хофнер.

Од друга страна Хамас е многу активна на социјалните мрежи, а влошената состојба на палестинските Израелци брзо се шири и таму – и од двете страни на блокадата која ги дели Израел и Западниот брег. Дали безбројните објави ќе доведат до понатамошна мобилизација на Западниот брег во моментов никој не може да процени. Раководителот на Фондацијата Конрад Аденауер во Рамала, Хефнер смета: „Колку подолго трае конфликтот, толку посилна ќе станува Хамас, бидејќи самата Фатах нема контра-стратегија ниту алтернатива за конфликтот“.