1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Борел како Сибелиус: Не може да прогнозира!

15 март 2022

Она што не го чувме, е каква поддршка ќе се бара од ЕУ за да се справиме со последиците од кризата, а тоа е прашање на итност за македонската Влада, вели д-р Малинка Ристевска од ЕПИ.

https://p.dw.com/p/48UKh
Nordmazedonien - Premierminister Dimitar Kovacevski trifft Josep Borrell
Фотографија: Petr Stojanovski

Влезе во 17-тата година од кандидатскиот статус, има 12 позитивни препораки за почеток на преговори, но и по вчерашната посета на високиот гостин од Брисел, РСМ доби само уште еден пакет со веќе видени ветувања:„Не можам да ви ветам датум, но можам да ви ветам волја“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на ЕК, Жосеп Борел.

„Што е тука ново?“, „Со години го слушаме истото“, „Дали целта на посетата беше да ја потенцира неизвесноста?“, гласат доминантните реакции во домашната јавност.

Ветувањето на „волја“ ги врати сеќавањата на поранешниот еврокомесар, Оли Рен, кој при неговата посета на Скопје во 2007 година, запрашан кога Македонија ќе добие датум за преговори, одговори преку анегдота за композиторот Јан Сибелиус. „Кога рано наутро неговата сопруга го прашала кога ќе се врати дома, Сибелиус ѝ одговорил: ‘Драга моја, јас сум композитор, не сум претскажувач’“, објасни пред 15 години тогашниот еврокомесар, кој денес е гувернер на Централната банка на Финска и член на Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ). Македонија, пак, и натаму е на истата „позиција“. Секако, и Борел не е претскажувач. Тој е „само“ висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на ЕК.

Повнимателен пристап во преговорите

За домашните аналитичари главните пораки на Борел не се изненадување.

„Влијанието на кризата предизвикана со руската агресија на Украина, врз регионот и Македонија, недвосмислено е поводот и основниот белег на оваа посета“, вели д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ).

„Очекувани беа пораките на единство во солидарноста со Украина и благодарност на македонската Влада за недвосмислената и јасна поддршка за Украина, вклучувајќи ја и стопроцентната поддршка на рестриктивните мерки. На политичко ниво, пораките останаа на ниво на зајакнување на перспективата за регионот, но освежени со потребата од ‘будење на Европа’ и ‘заживување на таа перспектива’. Јасно е дека на проширувањето многу повеќе ќе влијаат геостратешките и геополитичките фактори. Меѓутоа, иако кризата го прави прашањето на проширувањето со Западен Балкан поургентно, нема најава дека тоа ќе биде позабрзано“, смета Ристевска.

Сепак, ако внимателно се чита пораката на Борел, таа смета дека македонската Влада треба да извлече соодветен заклучок околу пристапот во преговорите, чија цел е да се дојде до решение кое ќе го деблокира интегративниот процес.

„Токму во услови на криза од вакви размери и ургентната потреба на ЕУ да покаже резултати на Западниот Балкан, на Унијата ѝ е потребен успех, а тоа може да го постигне со почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Пораката на Борел за ова прашање во првиот дел и на прв поглед е разочарувачка, зашто ги охрабрува двете влади да дојдат до ‘заемно прифатливо решение’, нам добро позната и не многу омилена формулација. Покрај тоа, не ветува итност. Меѓутоа, во вториот дел од пораката ја нагласува неподговеноста на ЕУ да го внесе билатералното прашање во преговорите, а токму тоа е едно од суштествените барања на Бугарија. Ова, и ‘неитноста’, се доволни пораки за македонската Влада, за многу повнимателен пристап во преговорите со Бугарија. Затоа, се чини дека многу е позначајно што ќе следи од наша страна по оваа посета, отколку нејзиниот непосреден одглас“, оценува Ристевска.

Nordmazedonien und EU
Главните пораки на Борел не се изненадување за македонските аналитичариФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

А помош?

Пред посетата на Борел, ВМРО-НП преку соопштение упати повик до македонската Влада - на состанокот со Борел да го отвори прашањето за компензациски фондови за Македонија.

„Земјите на ЕУ прифаќајќи ги санкциите на ЕУ кон Русија добиваат пристап кон разни компензациски фондови на Унијата, со што поголем дел од штетите кои ќе ги имаат како национални економии ќе им бидат компензирани. Затоа ја повикуваме македонската Влада на состанокот со високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, да го отвори истото прашање и за Македонија, особено ако знаеме дека истите фондови се отворени и за земји-кандидати. Затоа што, штетите кои македонската економија ги трпи не се воопшто мали, а притоа многу фирми се на удар токму поради санкциите кои што Македонија ѝ ги воведе на Русија“, наведе ВМРО-НП.

- повеќе: Бербок: Разочаравме многу земји од Западниот Балкан

Но, вчера не слушнавме дали од македонска страна е актуелизирано ова прашање. На тој аспект се осврнува и Ристевска.

„Она што Борел го потенцираше е подготвеноста на ЕУ за помош на регионот и на нашата држава за справувањето со последиците од оваа криза. Иако не беа најавени нови пари или нови инструменти, туку само се спомена Инвестицискиот план за Западен Балкан, јасно е дека се зголемува просторот да се бара таргетирана помош од наша страна за последиците од кризата. Извесно е дека најавениот четврти пакет на санкции на ЕУ кон Русија (кој ќе вклучи и мерки во секторите железо, челик и енергетика) ќе ја погоди македонската економија. За жал, она што не го чувме од наша страна е каква конкретна помош ни е потребна и каква поддршка ќе се бара од ЕУ за да се справиме со последиците од кризата. Ова е прашање на итност за нашата Влада“, оценува Ристевска.

- повеќе: Германски печат: ЕУ одамна му е должна на Балканот

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, е уверен дека ова е важна година за ЕУ и Западен Балкан, а во неговата оценка по средбата со Борел ја спомнува и „економската атмосфера“ во земјите од Западен Балкан. 

„Верувам дека политиката на проширување оваа година кон целиот Западен Балкан ќе се ревитализира, бидејќи тоа е од интерес на сите. Особено важно е да се разбере пораката која ја прати воената агресија на Русија врз Украина, дека процесот на проширување мора да биде сфатен како заедничка политика која може значително да помогне во подобрување на политичката, безбедносната и економска атмосфера во земјите од Западен Балкан, но и во Унијата“, напиша Маричиќ на Фејсбук.