1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И волкот со кариес, и овците себични

2 август 2017

Сега добиваме втора посериозна шанса, по 2008, за суштински напредок кон нашите стратешки цели, но тој интерес ќе дојде и ќе замине, шансата ќе се приближи и ако не ја зграпчиме, повторно ќе се оддалечи.

https://p.dw.com/p/2hahp
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во овој момент, стратешката политичка определба на Македонија може да се подведе под поговорката „и волкот сит и овците на број”.  По повеќе линии, ние во моментов играме на опција дека е возможно да ги промовираме, па дури и исполниме, нашите стратешки цели, а имам впечаток дека притоа ниту сме доволно свесни (не сакаме да мислиме и дебатираме) за алтернативата, ниту пак доволно работиме на цената за таквиот напредок.  Ова не става во многу ризична ситуација, имајќи предвид како нашето општество досега реагира на разочарувања.

Поволна клима

Во моментов, Македонија се наоѓа сред плимата на новонајдениот стратешки интерес и фокус на меѓународната заедница, особено на САД, за Балканот.  Посетата на Пенс во Подгорица е само ехо, реафирмација на веќе утврдените стратешки насоки на САД за овој дел од светот, зацртани при последната посета на Трамп на Варшава, на линија на реафирмација на присуството и ориентираноста кон НАТО на земјите околу трите мориња (Балтик, Црното Море, и Јадранското Море).  Тој интерес, заедно со веќе активниот, иако тивок, судир на политиката на САД со делувањето на Русија во овие региони, ја прави климата многу поволна за подобрување на односите на Македонија со земјите кои се дел од овој проект, како и унапредување на нашите стратешки определби за НАТО и ЕУ.  Европската унија е исто така суштински дел од овој процес, но ни оддалеку така ангажирана и со толку јасни и недвосмислени линии на делување како САД. 

Но, при ваквиот тек на настаните, додека пливаме со плимата, важно е да се запомнат две работи: прво, плимата е транзиторна, минлива, и второ, кога те носи плимата, немаш премногу влијание на текот, па биди подготвен да застанеш на нозе каде и да те исфрли. Со други зборови, ние мораме да бидеме свесни дека сега добиваме втора посериозна шанса, после 2008, за суштински напредок кон нашите стратешки цели, но тој интерес ќе дојде и ќе замине, шансата ќе се приближи и ако не ја зграпчиме повторно ќе се оддалечи, а ние ќе останеме „исфрлени како по поплава”.  Затоа, Македонија мора да работи како во овој процес да ќе добие се, но да биде подготвена со сериозен план, дури и ако не добие ништо.

Минати искуства

Таа можност, да не добиеме ништо, не е невозможна.  Ние еден ваков сличен обид веќе видовме, тој во 2008 заврши со недвосмислена декларација за нашето членство во НАТО. И тогаш притисокот на меѓународната заедница беше голем, дури посилен од сега. Славевме, се удиравме во гради, се честевме во кафеани.  Големината на разочарувањето беше пропорционална со големината на нашите очекувања.  Да не заборавиме, тој неуспех е суштинскиот пресврт на нашето општество кон авторитарен популизам, тоа беше пресвртницата на колосекот. До тогаш, и Груевски беше „златното момче”, реформаторот со вистинска ориентација, примерот за толеранција кој дури зборува албански на митинзи. Ако и овој гамбит сега не успее, не сум сигурен дека како општество имаме капацитет да преживееме ново силно разочарување, имајќи предвид дека тоа во 2008 генерираше огромна негативна енергија.  Груевски тогаш таа ја дефлектираше кон надвор и против меѓународната заедница, но неуспешниот обид во основа создаде ерозија и антипатија кон вредностите кои дотогашниот процес ги промовираше - толеранцијата, интеграцијата, реформите.  По 2008, ние како општество се откажавме од напредок, и тоа на крајот не донесе до ситуација полоша отколку воопшто да не ни најавивме прием во НАТО. Таквите обиди за електоратот имаат висока емотивна цена, најмногу по нивните суети, што е и најопасно доколку се изјаловат.  Затоа, ние сега мора да бидеме подготвени таа цена да ја брендираме како инвестиција, а не фактура за инстант награда.

Договорот со Бугарија е добар пример за овој феномен.  Тој во основа е симболика која дома има висока политичка цена, а надвор не носи инстант тангибилна добивка. Да не се разбереме погрешно: тој е исклучително важен документ кој ја покажува созреаноста на двете држави, и секако претставува историски исчекор кон целосна интеграција на овој регион кон семејството возрасни држави, но самиот по себе не е „дил ориентед”, не повлекува веднаш никаков конкретен исчекор, туку повеќе претставува инвестиција во иднината преку расчистување со минатото.  Истото важи и со затоплувањето на односите со Грција. Ова се линии на политиката кои водат кон кулминација на очекувањата врзана за членството на Македонија во НАТО. Иако заради сериозноста на шансата сега не смееме да „штедиме” напори во тој поглед, мора да бидеме подготвени за цената на тој процес, како и за ризикот дека истиот нема да има разрешница каква што посакуваме, бидејќи ние суштинска промена на ставот на Грција, па со тоа и на НАТО, сеуште не гледаме.

Alexander der Große Denkmal Skopje Innenstadt Brunnen
Фотографија: DW/F. Hofmann

Јасна стратегија

Затоа мора да имаме сеопфатна стратегија.  (1) Мора да имаме јасен план Б - што ако гамбитот не успее, што ако Грција повторно блокира - како ќе успееме да се задржиме на вистинскиот курс; (2) овој процес не смее да биде врзан само за несигурното бинго, туку и за повеќето мали победи во меѓувреме, искажани преку конкретни неповратни придобивки за државата и општеството, кои остануваат без оглед на крајниот исход - како на пример безвизен режим со САД, зајакнување на стратешкото партнерство, билатерално или во рамките на Јадранската повелба, сеедно, стратешки инвестиции во инфраструктура (Јужен тек е добар пример); (3) процесот да го врземе и за некаков напредок кон ЕУ преку конкретни проекти - целосно ослободување на ИПА, унапредување и интензивирање на преговорите преку поинтензивна заменска форма на линија на ХЛАД; (4) да имаме тактички план за одржување на темпото на реформите доколку исходот биде нејасен и пролонгиран - како на пример официјализирање на поканата, но проследено со нова понеповолна времена спогодба и рок, на пример две години, за решавање на проблемот со името, пред ратификација на членството.

Во основа, дилемата е дали елитите имаат волја, капацитет да инвестираат политички капитал во овој процес и покрај цената, дури и ако не добијат веднаш награда за истиот. Тука ситуацијата е уште покомплицирана, иако засега Заев останува единствениот политичар кој ги има сите сојузништва, и веројатно е единствениот на кого ќе се клади меѓународната заедница. Но неговиот политички капитал се троши, а тој не ни почнал да ги испорачува суштински неоходните и болни реформи. За него исто важни се локалните избори, кои ќе одлучат дали ќе ја консолидира својата позиција како лидер на политичката сцена, а тоа засега останува отворено прашање.  Потоа важна е пролетта кога ќе се прекршат нашите сегашни меѓународни аспирации во еден и во друг правец.  Не сум сигурен дека имаме план како агендата да остане силна дури и ако не го добиеме она на кое се кладиме.