1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Германија ги шпионирала „пријателите“

Б. Георгиевски/дпа15 октомври 2015

Шпионирање меѓу пријатели е недозволиво, рече канцеларката Меркел не толку одамна, алудирајќи на американската НСА. Но и Германците ги шпионирале своите пријатели, во голем стил.

https://p.dw.com/p/1Gol6
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Warmuth

Германската тајна служба (БНД) ја шпионирала комуникацијата на пријателски држави со посебни методи. Магазинот „Шпигел“ откри дека сѐ до 2013 година, БНД ги следела комуникациите на амбасадорите на ЕУ-земјите, како и на посебни француски и американски цели . Следењето не било на иницијатива на НСА, туку на сопствена иницијатива на БНД.

Германската влада во средата ја информираше парламентарната комисија на Бундестагот дека БНД следела комуникации со ткн. селектори. Пред неколку месеци беше откриено дека НСА со години ја задолжувала БНД да шпионира цели во Германија со користење на ткн. „селектори“- критериуми за пребарување кои се од посебен интерес за НСА. Овојпат, германските медиуми откриваат дека БНД додала и сопствени селектори, а критериумите за пребарување кои се користени ги надминувале законските рамки.

Радиото РББ јавува дека следењето на телекомуникациите било правено со нелегални мерки. Се открива и дека за сето ова бил запознат и Канцеларијатот, но тоа било премолчувано.

Претседавачот на парламентарната комисија за надзор над работата на тајната служба, Клеменс Бинингер од ЦДУ, за весникот Мителдојче цајтунг потврди дека владата ја информирала комисијата оти БНД користел сопствени селектори во прислушувањето. „Прашањето е дали тие од почетокот знаеле за тоа“, вели Бинингер.

Тим на парламентарната комисија од следната недела ќе го чешла работењето на БНД во нејзината централа во Пулах. Предвидено е испрашување на вработените и увид во документацијата. Германската влада веќе спроведе сопствена истрага за случајот и на своја иницијатива ја информираше парламентарната комисија.

Во јули 2013 година, откако беше откриена аферата со прислушувањето од страна на американската НСА, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека „Прислушување меѓу пријатели е недозволиво“.