И германската амбасада ги осуди изјавите на Мицкоски
15 март 2019Германската амбасада во Скопје денеска со соопштение ги отфрли како неприфатливи изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски дадени пред неколку дена во интервју за национална македонска телевизија. Берлин му порачува на Мицкоски дека споредбите кои ги направил се несоодветни и минимизирачки во однос на злоделата на нацистите.
„Споредбата на постапките на правосудните служби на Северна Македонија со нирнбершките процеси е несоодветна. Со тоа се минимизираат делата на наци-злосторниците. Одговорните лица во Северна Македонија треба да придонесат за надминување на поделбата на општеството и да водат конструктивен дијалог за иднината на земјата во правец на евроатлантските интеграции. Освен тоа, самите изјави за нирнбершките процеси се целосно неприфатливи“, порачуваат од германската амбасада во Скопје.
Во интервју за ТВ Сител пред два дена, Мицкоски го критикуваше повторното приведување на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој ја очекува пресудата за упадот во Собранието на 27 април.
„Тоа ќе биде практично Нирнбершки процес за првпат запаменет во поновата историја на Република Македонија”, рече Мицкоски, алудирајќи на казната од преку 100 години затвор која, според негови сознанија, ги очекува обвинетите за „крвавиот четврток“.
Вчера, на оваа тема се огласи и амбасадата на САД. И оттаму му порачаа на Мицкоски дека „некоректно во политички цели користи историски настани како Нирнбершкиот процес“.
Од амбасадата на САД сметаат дека лидерите во Македонија треба да се ангажираат во „поцивилизиран дијалог“.