1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Груевски бара одговорност за медиокритетите

14 септември 2021

Ете и ова ни се случува Груевски да држи лекции за морал и одговорност наложувајќи непристрасна истрага, но истовремено констатирајќи незнаење, непрофесионалност во владеењето на медиокритетите. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/40H5m
Nordmazedonien Brand in einem Krankenhaus in der Stadt Tetovo
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Од Будимпешта се огласи и поранешниот премиер Никола Груевски со зборови на сочуство и утеха до семејствата на загинатите барајќи одговорност за трагедијата во Тетово, бидејќи „заради нечија негрижа и неодговорност тие луѓе изгореа во пламените јазици.“ На начинот на кој Груевски се обраќа до јавноста, човек би можел да помисли дека е загрижен лидер на опозицијата, а не азилант кој избега од татковината заради неговата голема моралност и етичност. 

Груевски вели: „мора да има одговорност и независна истрага и севкупна постапка. Прашањата за широко распространетата неодговорност која произведува скандали и трагедии толку често, за незнаењето, непрофесионалноста и владеењето на медиокритетите над најнапредните во општеството се теми за поширока дискусија и причина за длабоки промени...“

Ете и ова ни се случува- Груевски да држи лекции за морал и одговорност, наложувајќи непристрасна истрага, но истовремено констатирајќи незнаење, непрофесионалност во владеењето на медиокритетите. Груевски понуди и излезно решение со неопходноста од длабоки промени. Какви се тие длабоки промени веројатно набргу ќе дознаеме бидејќи како што напишал, сега за тоа не е време.

Груевски им нанесува штета на наследниците

Сигурно Груевски не е отиден дотаму да мисли дека треба да се вратиме во ерата на груевизмот кога одговорноста и моралните оставки беа на исклучително ниско ниво при сите несреќи и зла кои беа нанесени во 11 годишно владеење без контрола. Не знам дали Груевски е свесен колкава штета им нанесува на своите наследници со ваквите негови чести обраќања до јавноста потсетувајќи на својата страховлада и на одговорноста која се уште се утврдува во судските сали. Или пак, можеби, неговите директиви до партискиот врв и до следбениците сѐ уште се добредојдени и уважувани бидејќи и речиси нема разлики од она што сега се гледа од активноста на врвот на ВМРО ДПМНЕ.

-претходни колумни од авторот: Пак ќе гледаме стари фотографии

Во едно целосно се согласувам со Груевски и со сите што бараат непристрасна истрага и секаква одговорност за трагичниот настан.  Без оглед до каде допира. Но, кога тоа го бараат личности кои се до гуша пропаднати во неморал и компромитирани во деценијата на заробена држава, кога се нанесени најголеми штети на државата и на граѓаните и кога, исто така, се случија повеќе трагедии и несреќи, ваквите повици за морал и одговорност ми изгледаат гротескно и карикатурално. За медикоритетите во власта и за потребата од длабоки промени, тоа пак повеќе наликува на црн хумор и очаен повик за враќање во минатото.

Опомената во Тетово никого не опомена

Професионалната и непристрасна анализа со учество на странски, во случајот германски експерти, да веруваме дека ќе ги разјасни причините и нивоата на одговорноста за која сега се лицитира и е со лесно препознатливи мотиви. Но, еден настан што се случи неодамна во тетовската болница со оштетените цевки за довод на кислород мораше да биде сериозна опомена да се направат поцелосни истраги за можните закани од опасноста која се заканува од евентуалните дефекти на системите за кислородна поддршка и од пожари кои веќе се случиле во модуларните клиники кои по одредени стандарди се монтираат за заболените од Ковид- 19. Тогаш, во колумната за Дојче Веле напишав:  „три пати со неверица морав да ја препрочитам информацијата дека некој ги оштетил бакарните цевки за довод на  кислород во тетовската болница доведувајќи ги во опасност животите на 120 пациенти.  Одговорните од болницата велат дека била голема среќа што не е пресечена главната цевка, па така е избегната трагедија. Ако немало среќа ќе се задушеле луѓе како во гасна комора. Прво што му паѓа на човека на ум кога ќе прочита вакво нешто е дали е можно тоа да се случи, кои се и какви се тие луѓе кои дошле да сечат цевки во болницата. Како тоа може да се случи да бидат лесно достапни доводи на кислород. Дали се во прашање психопати, лудаци, или обична кражба на бакар која можеше да предизвика ужас.

Да се надеваме дека истрагата брзо ќе даде одговори за што станува збор, за сторителите, кои биле нивните мотиви, но и за јавашлукот на одговорните во болницата да не бидат обезбедени и под постојан надзор витални технологии од кои зависат животите на пациентите. Како и да е, овојпат опомената е драматична да се преземат неопходните мерки секаде каде што има лесен и необезбеден пристап до болничка опрема, со чие оштетување може да се предизвика нечија смрт.“ Ете ова го објавив на 24 август во Дојче Веле.

До каде е стасана истрагата за овој случај не е познато, но сигурно опомената дека е можна голема несреќа на што укажаа и одговорните директори во болницата прикажувајќи ја како среќна околност што не е оштетена главната доводна цевка на кислород, не била доволна.

Кога една ваква опомена не била доволна да се преземат неопходните мерки на претпазливост во тој случај одговорноста е непосредна.

Моралната оставка не е признавање на вината

Веќе е познато и има сведоштва за присуство во просториите на модуларната болница на луѓе кои не се заболени, кои биле да ги надгледуваат своите блиски роднини што е строго забрането во инфективните болници. Стручни лица излегоа со тврдења дека при поголема концентрација на кислород доволно е некој да запали цигара, или да дојде до било какво искрење за во неколку минути да дојде до ужасната слика која ја видовме. Се разбира можни се и повеќе други причини кои ја предизвикаа несреќата, но во секој случај опомената од оштетените цевки мораше да помине со многу посериозен пристап за сеопфатна заштита на болницата во Тетово, но и во сите градови каде што се лоцирани.

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов, автор на текстотФотографија: privat

Истражителите и вештаците ќе ги соопштат своите наоди како што се најавува во блиска иднина. Јавното обвинителство отвори, исто така, своја истрага. Секое одолговлекување и забошотување на официјални наоди на причините за трагедијата ќе овозможи „вистината“ да се формира на социјалните мрежи и на партиските прес конференции и соопштенија.

-претходни колумни од авторот: Каков градоначалник сакаме

Досега поднесените оставки од морални причини не можат да се пренаменат во чин на признавање на вината како што има обиди да се прикажат во јавноста, туку навистина како високо морален гест, иако некои од подносителите на оставките не сносат одговорност и не можеле да имаат увид на тоа што се случува во болницата во Тетово, ниту пак имале таква надлежност.

Барањето до Собранието за разрешување на министерот во оставка Венко Филипче, а не интерпелација за изгласување на недоверба е јасно препознатлива намера да се донесат албанските пратеници во една непринципиелна диференцијација и пребројување кој е за заштита на одговорните за несреќата, а кој е за понесување на одговорноста. Тоа што во моментот изгледа многу податливо за политичките партии пред изборите може да се претвори во бумеранг ако стане премногу видливо и дегутантно дека мотивите за одговорност се повеќе насочени за поени на изборите, а многу помалку за сочувство за жртвите во трагедијата и нивните најблиски.

Добро е што во јавноста се создава амбиент со изострени критериуми за поднесување на морална одговорност и тоа треба да биде постојан надзор и јавен притисок не само при големи несреќи, туку и за се она што значи злоупотреба на власта и на моќта, за секој незаконски потрошен денар од државната каса. За секој скандал, или афера треба да уследи одговорност и морална и кривична. Не помала треба да биде одговорноста и за фабрикување на лажни вести со кои сме преплавени секој ден.