И недостигот на добри конзуларци - неволја за македонските државјани во странство
30 септември 2014Веќе дваесетина дена безуспешно трае потрагата на копно и море по 23-годишната прилепчанка Дениса Маркоска, која на 12 септември во нејасни околности во близина на Крит исчезна од бродот „Серенисима“, на кој работела две години. Во потрагата неодамна се вклучи и Интерпол. Родителите на Дениса се очајни поради исчезнувањето на нивната ќерка, но и гневни поради нетранспарентноста на институциите во чија надлежност е истрагата. За „квалитетот“ на информациите што стигнуваат до македонската јавност, сведочи и фактот дека две недели по исчезнувањето на Дениса, медиуми објавија дека бродот не пловел под руско знаме како што се тврдеше првично, туку под знамето на Сент Винсент и Гренадини. Се разбира, нема официјална потврда ни на втората информација. Домашната јавност прашува - имаат ли, и каква е улогата на македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) во вакви, или во случаи на притвор, затвор, губење патни исправи или грабеж врз македонски државјани во странство?
Од МНР категорично тврдат дека улогата на ДКП е голема.
„Македонските дипломати и конзуларци имаат обврска да им помогнат на нашите граѓани кога се во неволја во странство. Даваат совети и комуницираат со странските власти за тоа како да се надмине проблемот. Посетуваат наши граѓани во притвори или затвори. Кога има потреба и согласно со финансиските можности даваат и заеми за враќање на нашите граѓани дома, во случаи на грабеж и слично“, објаснуваат кратко од МНР.
Според нив, во случајот со Маркоска нема што друго да се прави, освен да се чека на истрагата.
Големи овластувања
Според поранешни македонски амбасадори, ДКП навистина имаат огромни овластувања, а посочените проблеми се исклучиво во конзуларна надлежност. Конзуларците можат да побараат информација за македонски граѓани, да ги посетат во притвор, затвор, а тие барања надлежните во земјата домаќин имаат обврска да им ги овозможат во рок од 24 часа. Конзуларците претходно треба да поминат одредена обука во македонското МВР, бидејќи вршат многу работи од таа сфера - издавање патни исправи во случај на нивно губење или запишување податоци во матични книги, кои потоа ги доставуваат до МВР. Треба да контактираат и со тамошните органи за внатрешни работи во случај на исчезнување или смрт на македонски граѓанин, а треба да ги знаат и сите неопходни професионални процедури за такви случаи. Но, според поранешни амбасадори, многу нешта во македонската дипломатија се сменети. Со спуштањето на критериумите за избор на дипломати, генерално опаднала стручноста и на другиот персонал кој заминува во македонските ДКП. Со тоа, постапувањето на конзуларците во практика денес, повеќе зависи од нивната лична одговорност, иницијативност или снаодливост, отколку од нивната обученост, а во многу случаи и од бројот на персонал во одредено ДКП.
„Во некои ДКП, нема доволно персонал, па ваквите конзуларни работи автоматски паѓаат врз грбот, на пример, на првиот секретар во амбасадата. Тој, пак, смета дека тие активности се под неговото ниво и надлежност, дека тој треба да се занимава со дипломатски анализи, а не со конзуларни работи, па може да се случи, на наши граѓани да нема кој да им помогне во одредени ситуации заради недостиг на конзуларен персонал“, вели поранешен амбасадор.
Доказ за тоа се и насловите во медиумите: „Десет дена чека патна исправа за да се врати дома“, „Измамени туристи спијат во парк и чекаат помош од амбасадата“, „Барале помош, не им отвориле ни врата во амбасадата“...
Не знаат ни јазик
Според поранешниот амбасадор, Ѓорги Мисајловски, конзулатите како првобитна форма на заштита на интересите на граѓаните не се оспособени кадровски да ја вршат таа функција. Тој вели дека конзуларните работи се ставени во втор ред, што е сосема погрешно.
„Заштитата на интересите на нашите граѓани треба да е приоритет. Нашите конзуларани работници не се обучени за таа работа. Немаат безбедносен профил, ниту доволно ги познават законодавствата на државите во кои работат. Најчесто не го знаат и јазикот, а треба да комуницират со органи на тамошните власти. Исчезнување на граѓанин на некој држава подразбира сеопфатен ангажман на ДКП на соодветното јурисдикциско подрачје, но и на МНР на РМ и тоа на највисоко ниво. Нашите конзуларци главно комуницираат со т.н. дијаспора, одат на свечености, пред се‘ од верски карактер, на свадби и т.н. Поранешниот сојузен министер за надворешни работи на Германија, Ханс Дитрих Геншер, на пример, на сите средби со тогашните наши министри имаше на агендата и најмалку три прашања од конзуларна проблематика, поврзана со заштитита на нивните граѓани инволвирани во некакви дејности во тогашната ни држава - од најбанални случки, преку сообраќајки, ограбувања, кражби, убиства, па до посериозни случувања со политичка конотација. Таква практика кај нас не постои“, вели Мисајловски.
Како што велат нашите соговорници, оптовареноста на конзуларците многу зависи и од состојбата во земјата каде службуваат. На пример, пред десетина години, македонските конзуларци во Софија биле претрупани со пријави од македонски граѓани за украдени возила на територијата на Бугарија - по десетици дневно, односно неколку стотици годишно. Во исто време, конзуларците во Брисел, на пример, или во Лондон, воопшто немале работа од таква „природа“.
И амбасадорите може да помогнат
Алајдин Демири, поранешен македонски амбасадор во Швајцарија, вели дека и амбасадорите лично може многу да помогнат.
„Потенцијалните можности на амбасадорот и другите дипломати се огромни. Тие може да бидат партнери со домашните власти во насока на расчистување на вистината, а земјата домаќин има обврска да им овозможи целосен пристап до податоци и сознанија во таа насока. Мене, на пример, сите врати ми беа отворени кога во Македонија беше објавена информација дека во Швајцарија се прогласени за persona non grata раководителите на ОНА - Али Ахмети, Фазли Велиу и Муса Џафери. Кооперативноста на тамошните служби ми помогна да ја расветлам ситуацијата и да утврдам дека информацијата не е точна и дека погрешно е направена таква фама“, објаснува Демири.
Но, граѓаните не се толку заинтересирани за вистинитоста на гласините за политичарите, колку за проблеми и трагедии на „обичните“ граѓани, како во случајот со Дениса Марковска.
Според Демири, во тој случај работите одат потешко, токму поради тоа што се работи за настан на територијата на Грција. Тој не е сигурен дали и колку грчките власти соработуваат со конзуларците од Македонија. Според други извори, тоа воопшто не е пречка, бидејќи грчките полициски служби досега успешно расветиле компликувани случаи поврзани со смрт на македонски граѓани, а во кои високи казни затвор биле изречени токму за Грци.
Токму поради вакви причини, сомнежи и недоречености, додека се‘ уште се утврдува под чие знаме пловел бродот „Серенисима“, јавноста бара и прецизен одговор: Дали македонските ДКП, освен под националното, пловат и под знамето на професионалноста?