1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И „тајните набавки“ бараат процедура и контролни механизми

Катерина Блажевска2 април 2015

И во развиените демократии набавките на безбедносна опрема не се достапни за секого, но со интерни напори и контролни механизми се избегнува можноста тесен круг на луѓе да одлучуваат за нив, велат безбедносни експерти.

https://p.dw.com/p/1F1ex
Фотографија: imago/INSADCO

Само независна и транспарентна истрага може да ја открие вистината - дали навистина се земени големи провизии за набавка на скапа опрема за прислушување која со документи е „покриена“ како донација, како што вчера обелодени СДСМ, или станува збор за донација на опрема за припадниците на специјалните единици, како што тврди МВР, велат за ДВ правни експерти. Но, се сомневаат дека во моментов е можна таква истрага, поради две причини. Прво, поради постоењето на огромна недоверба во судството и обвинителството, особено по тужбата што ја најави директорот на УБК, а чие име доминираше во досега презентираните наводни разговори за местење на избор на судии. Второ, по тврдењето на МВР дека за донацијата постои договор класифициран како „државна тајна меѓу Македонија и Израел“, тоа значи дека натамошното расветлување на овој случај поради суптилноста на безбедносните информации, ќе биде „осудено“ да се одвива зад затворени врати за јавноста.

Неопходна процедура

Безбедносните експерти случајот го разгледуваат од други аспекти. Ги прашавме - дали на Македонија и‘ е потребна софистицирана опрема за следење на комуникациите и какви се процедурите за такви набавки?

Во денешно време, опремата за следење на електронските комуникации - мобилна телефонија и интернет, е суштествено потребна на секоја безбедносна служба со единствена цел: прибирање на сознанија за подготвување, извршување или прикривање на кривични дела од областа на тероризмот и организираниот криминал, вели Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање.

Innenministerium Mazedonien
МВР тврди дека за донацијата постои договор класифициран како „државна тајна меѓу Македонија и Израел“Фотографија: Petar Stojanovski

„Но, без парламентарна контрола, ваквите системи се претвораат во чудовишта кои неконтролирано го голтаат целото општество. Најчесто се злоупотребуваат во однос на своите опоненти, но и за контрола на своите соработници. Услугите кои ги нудат мобилните оператори и интернет-провајдерите секојдневно се надоградуваат, па така и службите имаат 'домашна задача' таквите продукти да ги направат достапни за свои потреби. Затоа оваа опрема перманентно се надоградува“, вели Пивоваров.

Иако ваквите набавки се вршат под превезот „државна тајна“, тој потенцира дека сепак постои процедура.

„Прво, шефот на службата елаборира кај претпоставениот за потребите од набавка на таква опрема и очекувањата од неа. Кога ќе добие согласност, се отвора реферат кој носи финансиска импликација и од каде ќе биде набавена опремата. Иако е државна тајна, сепак, се комуницира со повеќе светски реномирани производители, со цел да се направи споредба на квалитетот и цената на опремата. Компаниите за да продадат таква опрема бараат од службата владина одлука за да се осигураат дека таа нема да биде злоупотребена во криминални цели. При увоз на ваква опрема со одлука на владата таа се ослободува од плаќање на секакви давачки“, објаснува Пивоваров.

Според него, светска практика е безбедносните служби да имаат свои оддели кои се занимаваат со сопствено производство, бидејќи тоа е најевтин, но и најбезбеден начин. Ако од странство се набавува таква опрема, веќе некој знае со што располага замјата и какви се перформансите на опремата, што не е случај кога таа се произведува дома. Цената на таквата опрема е различна во зависност од можноста за истовремено следење комуникации.

Механизми за контрола

Александар Генчов, поранешен државен советник од областа на безбедносните прашања во Министерството за одбрана и партиципиент во НАТО-проекти, потврдува дека набавката на ваков вид опрема претставува комплексна и сензибилна работа секаде во светот.

„Прво, заради тоа што консументите не се 'секојдневни институции', туку разузнавачки служби, безбедносни органи, министерства за одбрана или за внатрешни работи, а и продавачите нерадо зборуваат за дел од овие зделки. Од тој аспект и најлегалните процедури кои се заштитени со законски акти, секогаш имаат превез на недостапност за информации дури и за многу структури од самата власт, а да не зборуваме за демократската јавност, посебно кога немате колку-толку дефинирано ниво на цени за овој тип опрема. Затоа овој случај треба да се разгледува од еден поинаков агол, отколку само од легалитетот на набавката. Дури и под претпоставка дека одредени интерни процедури за набавката се почитувани, сржта на оваа проблематика останува прашањето колку едно општество создава интерни механизми за контрола на овие процеси и обезбедување каква-таква транспарентност и поширока интерна дебата за тоа: Од кои земји би се набавувала ваква опрема; Кои се политичките аспекти на набавката на оваа опрема; Во колкав круг на партиципиенти во власта се носат овие одлуки; Колку овие набaвки соодветствуваат на реформските зафати, кои комплексот од институции од безбедносен апсект ги правеше во изминатите години“, ги набројува Генчов клучните прашања.

Mazedonien Zoran Zaev
Зоран Заев обвини дека директорот на УБК Мијалков барал огромни провизииФотографија: DW/K. Blazevska

Според него, и во најразвиените демократии овој вид набавки не е баш достапен секому, но се прават интерни напори да се избегне можноста само тесен круг на луѓе да одлучуваат за нив.

„Сметам дека ние како држава имаме уште многу чекори да изодиме додека дојдеме до нивото на интерна транспарентност и постигнување цивилна и демократска контрола над овој тип набавки. Исто така, евидентно е и добро познато на јавноста, огромното вложување во оваа област непоропорционално со големината на државата, посебно со оваа владејачка гарнитура“ оценува Генчов.

Според аудио-снимките што вчера (1.04) ги презентираше СДСМ, разговорите за провизии и за спорната набавка се одвивале во 2011 година. Поранешни полициски функционери сметаат дека тоа е втора набавка на опрема за следење на комуникации, бидејќи првата наводно се реализирала неколку години порано, кога УБК со ребалансот на буџетот во 2008 доби за 40 пати повеќе средства, односно 25 милиони евра. „Што ли ќе купува тајната полиција со 25 милиони евра“, праша пратеникот и лидер на ЛДП, Јован Манасиевски на собраниската расправа за ребалансот на буџетот летото во 2008 година.

Договорот Јанкулоска - Барак

Намената на тие средства до денес остана тајна. Но, јавна беше средбата меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак, кои на 3 јуни 2008 година во Тел Авив потпишаа договор „за продлабочување на соработката меѓу двете министерства во областа на безбедноста, размената на информации и технологија“, како што пишува во владината информација за таа средба, која стои во архивата на сајтот на Владата.

Gordana Jankulovska Innenministerin Mazedoniens
Гордана Јанкулоска беше во Израел на средба со Ехуд Барак во 2008 годинаФотографија: DW

„На работната средба на министерката Јанкулоска со министерот Барак, поранешен премиер на Израел, беше дискутирано за соработката меѓу Министерството за одбрана на Израел и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, при што целокупната досегашна соработка е оценета како одлична. 'Договорот кој денеска го потпишавме практично претставува потврда на досегашната соработка, но и добра основа за нејзино продлабочување во иднина во сферата на безбедноста', изјави министерката Јанкулоска, која е во еднодневна работна посета на Израел. Министерката Јанкулоска оствари повеќе работни средби, на кои присуствуваше и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, на кои, без исклучок е констатирано дека Република Македонија е партнер во глобалната борба против сите предизвици со кои се соочуваат современите општества. Истовремено, нагласена е и исклучително високата оценка за безбедносните служби и за Министерството за внатрешни работи на Република Македонија“, се вели во владината информација за средбата во Тел Авив.

МВР вчера јавно му се извини на израелското Министерство за одбрана „за срамниот настап на четвртоосомничениот“ и изрази уверување дека ставовите на такви луѓе не се и официјални ставови на Република Македонија.