Иванов, Заев и Димитров се разделија по две минути
13 јуни 2018Средбата на која премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров требаше да го информираат шефот на државата Ѓорге Иванов за постигнатиот договор со Грција во спорот за името, траела само две минути. Невообичаено за вакви состаноци, кабинетот на претседателот го соопшти времетраењето на средбата и најави дека Иванов во текот на денот ќе им се обрати на „македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија“.
Од Владата соопштија дека Иванов одбил да ги сослуша Заев и Димитров и го напуштил состанокот.
„Премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина“, се наведува во владиното соопштение.
Иванов претходно во неколку наврати изјавуваше дека нема да прифати промена на Уставот заради промена на уставното име на земјата. Во вторникот тој реагираше и на интервјуто на Заев на телевизија Телма, обвинувајќи го дека ја манипулира јавноста, дека е несериозен и неодговорен.
На Иванов тогаш му пречеше ставот на Заев дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности.
„Склучувањето на меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена“, гласеше ставот на Иванов во вторникот.