1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов отвора разговори, Груевски - нов фронт!

1 февруари 2017

Пред почетокот на разговорите на Иванов со партиите, ВМРО-ДПМНЕ побара јавни одговори од Брисел и Вашингтон за изјавите на нивите претставници за актуелните состојби. Тој чин и штети на државата, велат аналитичари

https://p.dw.com/p/2WlgH
Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе одржи поединечни средби со партиските раководства, во рамките на најавените „консултации со надлежните институции и политички партии“, откако мандатарот Никола Груевски не успеа да обезбеди мнозинство за формирање влада. Консултациите со парламентарните партии следуваат по вчерашната средба на Иванов со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски. Денеска во 15 часот со Иванов ќе се сретне лидерот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик -претседателката Радмила Шекеринска и Генералниот секретар, Оливер Спасовски. Раководството на движењето „Беса“ на средба кај претседателот е точно напладне, а во термините помеѓу и пред тоа таму ќе се пристигнат и раководствата на другите партии. Од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат кој од нивната партија ќе присуствува на средбата. Прашање е и дали лидерот Али Ахмети ќе се појави кај претседателот, со оглед дека ДУИ не го признава легитимитетот на Иванов. Единствениот исклучок беше направен на ланската седница на националниот Совет за безбедност, кога на седницата кај претседателот од ДУИ присуствуваше Талат Џафери.  

Засега нема информации какви совети добил Иванов од претседателот на Уставниот суд, ниту дали е прифатена сугестијата од официјален Брисел дека „Македонија веќе нема време за губење и дека претседателот по итна и отворена консултација со политичките сили во земјата треба брзо да определи лидер за формирање влада“. Пораки дека повторувањето на изборите би значело продолжување на кризата, завчера стигнаа и од Европскиот парламент. Аналитичарот Џелал Незири, се согласува дека нови избори не се решение и смета дека тие не ѝ одговараат ниту на ДУИ, кај која е клучот за состав на нова влада.

„Не верувам дека ДУИ ќе прифати да се оди на нови избори, бидејќи за нови избори интерес има единствено партијата на Груевски. Доколку бидат распишани, ќе бидат бојкотирани од СДСМ, Беса, Алијанса за Албанците и другите опозициски партии, со што земјата би влегла во нова криза“, вели Незири.

Потврда за ваков развој на настаните веќе стигна од дел од споменатите партии. Од Алијанса за Албанците најавија дека ако се распишат нови избори, тие ќе ги повикаат сите партии на Албанците да го бојкотираат изборниот процес.

Mazedonien Nachwahl in Tearce
Само ВМРО ДПМНЕ е за нови избориФотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Јавен распит на Брисел и Вашингтон

Намера за нови избори јавно декларираше единствено ВМРО-ДПМНЕ. Откако партијата во законскиот рок не успеа да обезбеди мнозинство за состав на влада, соопшти дека „одржувањето на нови избори е зрело решение“ и дека „секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми“. Вчера ВМРО-ДПМНЕ отиде и чекор понатаму - преку две одвоени соопштенија упати прашања на кои очекува јавни одговори од официјален Брисел и Вашингтон. Првото се однесува на споменатите пораки од ЕУ пренесени преку портпаролката Маја Коцијанчич, и гласи: „Дали ЕУ има воспоставена пракса при секое формирање на Влада во земјите членки на ЕУ и кандидатите за членство, јавно да повикува на создавање на 'што е можно поширока Влада', или тоа е само исклучок за Македонија?“

Второто прашање се однесува на изјавата на амбасадата на САД во Скопје дадена како одговор на новинарско прашање, дека „го набљудуваат процесот на формирање влада и ги повикува партиите да продолжат со разговорите за формирање нова влада“.

По оваа изјава „ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали од САД сугерираат и бараат од Македонија да нема нови предвремени парламентарни избори?“, а ДВ побара одговор од аналитичари кон што води ваквиот јавен распит на официјален Брисел и Вашингтон?

„ЕУ и САД се стратегиски партнери на Македонија, и изјави од Брисел и Вашингтон треба да се прифатат како ставови и совети од партнери и пријатели“, вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски.

„Исто така, политичари од Западот од поодамна се дел од внатрешните работи на Македонија, на пример, од ЕУ-извештајот за прогрес, до учество на политичари во изборните кампањи. Од таа гледна точка, неразбирливи се реакциите на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку постои проценка за мешање во внатрешните работи, реакцијата не треба да биде партиска, туку државна, преку нашата дипломатија. Се чини дека јавните партиски реакции, пред сѐ, се наменети за домашната јавност: прво, да се обесхрабраат одредени ставови како широка коалиција и второ - доколку тие се случат, да се претставаат како наметнати од странци. Колку и да се наменети за домашната јавност, тие ги зголемуваат тензиите во меѓусебните односи. Од друга страна, колку и да е шпекулативно, можно е со овие изјави да се бараат сојузници и во САД (Трамп) или во ЕУ (источно-европските членки), но и на Исток, во Турција и Русија“, смета Клековски.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Да се избегне влегување во уште поголема криза, велат аналитичаритеФотографија: DW/P. Stojanovski

Пркос кон „странските непријатели“

Дел од аналитичарите во ваквиот чин препознаваат непотребен, нов фронт на ВМРО-ДПМНЕ против меѓународната заедница, што ѝ штети на земјата. Др. Малинка Ристевска Јорданова, директорка на Институтот за европска политика - Скопје, вели дека соопштенијата покажуваат целосна партизација на македонската надворешната политика, што е погубно за меѓународната позиција на Република Македонија.

„Тие се единствено насочени кон што подолго останување на власт на ВМРО-ДПМНЕ. Заплашувањето се префрла и на надворешен терен, со цел странските претставници да избегнуваат ангажман во решавање на продолжената политичка криза. Притоа, се надеваат на промени особено во американската позиција кон Македонија. Поддршката од партнери во европскиот демохристијански блок веќе во голема мера ја потрошија, што ја покажа и јасната порака на претставникот на германската политичка фондација 'Конрад Аденауер'. Втората и поважна цел е гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ да се одржува 'во кондиција' и да се храни со лажната претстава за Македонија која им пркоси на 'странските непријатели'. Реалната слика е целосно спротивна на тоа. Единствен резултат на оваа 'надворешна офанзива' на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде натамошно тонење на меѓународната позиција на Република Македонија“, децидна е Јорданова.

Од ВМРО-ДПМНЕ синоќа изјавија дека не добиле одговори на поставените прашања, но и дека не очекуваат тие да бидат адресирани до партијата, туку како што побарале во соопштенијата: „За да нема недоразбирање и дилеми кај македонската јавност, пожелно е одговорот да биде јавен.“