1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов пред избор: оставка или повлекување на аболицијата?

Катерина Блажевска25 април 2016

Две шпекулации се вртат во јавноста: една - дека претседателот Иванов сепак ќе ја повлече одлуката за аболиција, и втора - дека тој ќе поднесе оставка за да ја бетонира и аболицијата и изборите на 5-ти јуни

https://p.dw.com/p/1Ibyx
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

По кусото затишје во деновите од викендот, почетокот на седмицата ги зголемува очекувањата дека ќе следат активности кои ќе ги исцртаат контурите на натамошниот развој на настаните. Во партиите-потписнички на Договорот од Пржино владее молк и воздржаност. Се добива впечаток дека рецептурата за излез од сегашното статус-кво не е во нивни раце, дека никој нема формула за негово надминување што би била прифатена од сите, и дека без посредство на гарантите на Договорот, тешко ќе да се дојде до одговор на прашањето - како понатаму?

Со оглед дека партиските активности, проценки и интерни планови се одвиваат зад сцената, јавноста нема сознанија во која насока ќе се движат работите.

Прво сценарио

Во недостиг на официјални информации, на најчесто поставуваното прашање - ќе се одржат ли избори на 5-ти јуни, со оглед дека во нив нема да учествуваат голем број опозициски и новоформирани партии, засега циркулираат исклучиво шпекулации. Сите тие се поврзани со потегот на претседателот Иванов - дали тој ќе ја повлече одлуката за аболиција или не.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според една шпекулација, можно е претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција поради проценката дека таа не го постигнала очекуваниот ефект - окончување на кризата и меѓусебно помирување. Но пред се, нејзиното повлекување би имало за цел да ги спречи најавените меѓународни санкции кои, ако бидат персонализирани, односно насочени кон конкретни политичари од власта, тогаш тие целосно би ги поништиле нивните изборни, односно политички предности што помилувањето требаше да им го обезбеди на аболираните - да влезат во изборен натпревар, „чисти“ и релаксирани од опасноста за кривичен прогон.

Дилемите околу ова, засега се врзани исклучиво со прашањето - дали тие санкции би биле изречени пред изборите или потоа. Ако стигнат пред изборите, драматично ќе се изгуби ефектот од аболицијата за некои од учесниците во изборниот процес. Ако санкциите стигнат по изборите, се смета дека има големи шанси изборно да се обели образот на ДПМНЕ.

Второ сценарио

И додека во јавноста растат очекувањата претседателот Иванов да ја поништи аболицијата, без разлика на мотивите од кои ќе се води при таквата одлука, деновиве флуктира уште една шпекулација, која е сосема спротивна на таквите очекувања. Имено, од политичките кулоари се шири шпекулација дека е можно Иванов да приреди големо изненадување: да поднесе оставка на претседателската функција! Таа оставка би била темпирана да се случи 40 дена пред изборите закажани за 5-ти јуни, бидејќи тоа е законскиот рок во кој мора да се спроведат предвремени претседателски избори. Според календарот, во таков случај, Иванов би требало оставката да ја поднесе најдоцна утре, на 26-ти април, бидејќи од тој датум до 5-ти јуни остануваат точно 40 дена за да се организираат избори за претседател. Со тоа, наводно се очекувало изборите на 5-ти јуни да бидат „двојно бетонирани“, односно да ги мобилизираат сите партии за учество во избори, со аргументација дека земјата не може да остане без претседател во време на политичка криза.

Во ВМРО-ДПМНЕ се воздржани и не сакаат да ги коментираат овие шпекулации. Од останатите три партии потписнички на пржинскиот договор некои велат дека не слушнале за ова сценарио, но и дека „веќе ништо не може да ги изненади“. Други слушнале за ваквите размислувања, но не го гледаат ефектот за власта од таква „целосно нерационална одлука“.

Во трите партии има речиси идентични размислувања во однос на оваа шпекулација. Според нив, би имало само една придобивка за ВМРО-ДПМНЕ ако Иванов поднесе оставка. Тоа би значело дека одлуката за аболиција останува и ќе нема кој да ја поништи до изборите. Но, од друга страна, тврдат дека тоа воопшто нема ги мобилизира другите партии да учествуваат на избори. Напротив, и оние ќе можеби планирале да учествуваат или се двоумеле, сигурно ќе се откажат од изборна трка. Причините се јасни: прво, тоа би бил едностран потег кој сите ќе ги стави сите пред свршен чин. Второ, партиите кои нема да учествуваат на парламентарни избори, меѓудругото и поради сомневање во веродостојноста на Избирачкиот список, зошто би биле мотивирани да учествуваат во претседателски избори на кои ќе се гласа според истиот тој непрочистен список? Трето, поради познатите предлози од албанскиот блок претседателскиот кандидат да биде договаран со консензус, а по изненадувањето со одлуката за аболиција кај албанските партии, какво било договарање со ВМРО-ДПМНЕ на таа тема би се сметало за беспредметно и без неопходна доза на доверба.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Поради сето тоа, повеќето партии сметаат дека ова сценарио нема да се реализира, бидејќи дополнително ќе ги искомпликува состојбите, а ако не биде избран претседател, бидејќи тешко ќе се оствари неопходниот цензус, ќе има и проблем плус.

И Љубчо не оди на избори

Но, и пред да се потврди кое било од овие сценарија, мотивацијата за парламентарните избори на 5-ти јуни веќе целосно опаѓа. Последниот јасен сигнал за тоа го испрати ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски. Нејзиниот потег се смета за најиндикативен, ако се имаат предвид информациите дека оваа партија речиси беше пред договор за изборна соработка со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Но, одлуката на Иванов за аболиција, бројните меѓународни реакции и најави за санкции, целосно го сменија ставот на партијата.

„ВМРО-Народна партија беше подготвена да учествува на изборите согласно препораките на меѓународната заедница кои од нас беа безрезервно прифатени. Скандалозната одлука донесена од претседателот Ѓорѓи Иванов за аболиција на политичари од двете партии, со која се предизвика уште подлабока политичка криза и со тоа го закопа Пржинскиот договор, предизвика жестоки реакции и на внатрешно политички план и на меѓународната заедница. Оваа одлука ја избриша демократијата во Македонија, нанесувајќи огромна штета на севкупните политички процеси во земјата, а со тоа ги уништи до темел односите со ЕУ и НАТО, предизвикувајќи голема разочараност кај нив“, соопшти ВМРО-НП.

По сето ова, партијата потенцира дека „нема да се приклони кон ниту една политичка партија, ниту ќе потпишува декларации понудени од било која страна и ќе остане независен политички субјект со препознатлива програма и идеологија што ја разликува од сите други партии во Македонија“.

Оваа партија, дури може и да се надева на пораст на членството, со оглед на информациите од ВМРО-ДПМНЕ, дека таму драматично почнува да расте нервозата и незадоволството. Поради разочараноста од фактот дека „големите риби“ се аболирани, а само „малите риби“ ќе се соочат со одговорност за активности кои им биле наложени од партискиот или владиниот врв, се повеќе членови размислувале да ја напуштат партијата и своите активности да ги продолжат во ВМРО - Народна, потег што го опишувале како „враќање во старото јато“.