1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идниот претседател на Хрватска ќе се знае по вториот круг

3 јануари 2005

Актуелниот хрватски претседател Стипе Месиќ за малку го промаши неопходното апсолутно мнозинство гласови.

https://p.dw.com/p/AcyQ
Стипе Месиќ
Стипе МесиќФотографија: dpa

Само уште 1% од граѓаните кои излегоа вчера на гласање ќе беше доволен за да остане натамошни пет години на функцијата. Сега меѓутоа за две недели во вториот круг ќе мора сепак да ги одмери силите со кандидатката на владеачката ХДЗ, Јадранка Косор, која во првиот круг освои само 20%. Гервалд Хертер испрати извештај за расположението по вчерашните избори во Хрватска.

Приврзаниците на Стипе Месиќ веќе го слават како победник, бидејќи оствари огромна предност во однос на против кандидатите. Во обраќањето тој порача:

“Во вториот круг решаваме за натамошниот пат на Хрватска, дали оваа земја ќе дојде во 21-иот век или пак ќе назадува. Јас се залагам за 21-иот век и за модерна, искрена и самосвесна хрватска нација.“

Месиќ има намера да ја одведе Хрватска во ЕУ во наредните пет години. Пред 5 години пак тој настапи како кандидат без големи шанси и неговата победа беше големо изненадување. Овој пат неговата кандидатура како формално независен кандидат ја подржаа важни партии на опозицијата. Оние на власт меѓутоа се обидоа да го нарушат неговиот углед кај сограѓаните и како што оцени самиот Месиќ за таа цел се служеа дури и со лаги и манипулации. Но, “демократијата не лага!“, порача тој и дофрли:

До конечната победа сепак го очекува уште вториот круг од претседателските избори, каде ќе ги одмери силите со вице-премиерката Јадранка Косор. Таа според првичните проценки по затворањето на изборните локали беше пласирана дури на третото место. Дотолку поголема беше радоста во партиската централа на ХДЗ, кога таа освојувајќи 20% од гласовите сепак беше втора и со тоа доби шанса за учество на вториот круг.

“Јас ја постигнав мојата главна цел: да влезам во вториот круг. Особено ме радува што сега ќе учествувам во ТВ дуелот меѓу двајцата главни кандидати, во кој за прв пат учествува и една жена.“

Таа им порача на нејзините приврзаници дека резултатите од првиот круг покажуваат оти хрватската демократија е зрела на чело на државата конечно да застане една жена. Но, експертите проценуваат дека на Јадранка Косор навистина нема да и биде лесно да ја оствари така амбициозната цел.

Изненадување од првиот круг беше неочекувано добриот рејтинг на независниот кандидат Борис Микшиќ. Тој освои цели 18%, а по прогласувањето на изборните резултати оцени дека станува збор за манипулации:

“Имам причина да претпоставам дека овој изборен резултат не е регуларен. Ова е шлаканица, хрватскиот народ е измамен“ - порача успешниот бизнисмен, кој направил голема кариера во САД. На Хрватите очигледно им се допадна неговиот изборен настап и посебно фактот што изборната кампања ја финансираше со свои пари.